Комунистички Европеец

Ги читам обидите на Љубчо Георгиевски да ѝ објасни на бугарската јавност дека имињата на некои бугарски клубови предизвикуваат реакции во македонската јавност. Во интервју порачува дека бугарската страна треба да има повеќе такт во начинот на однесување кон некои процеси во Македонија. И дека треба да внимаваат – дали сакаат да се гради добра атмосфера или да даваат храна за антибугарско расположение. До овде е во ред.

Но, чуден е неговиот одговор на прашањето – зошто во РСМ, Бугарите се стигматизирани. Ова тврдење во прашањето тој воопшто не го спори, туку одговара дека проблемот е што македонското општество е најконзервативното во однос на темата за декомунизација.

„Во сите земји околу Македонија, процесот на декомунизација пoмина, додека во РСМ здраво се држат за комунизмот и тешка е подвижноста на процесите. Ние сѐ уште дискутираме за комунисти и фашисти. Декомунизацијата во Македонија е бавна. Тито сѐ уште е света крава во Македонија, а македонските партизани, исто така, се света крава. Тука ни со декрет не се менуваат нештата. Во таа смисла е и темата за стигматизацијата, за неа говорам веќе 30 години. Ги познавам процесите и факт е дека нештата се развиваат бавно“, вели Георгиевски.

Зошто Георгиевски не го отвора прашањето за неспроведените пресуди на ЕСЧП за македонски здруженија во Бугарија? Не гледа ли живковистичко-комунистички однос на Софија по тоа прашање?

Ова го кажува за јавноста во земја, каде што сѐ уште најпроминентна политичка фигура е поранешен телохранител на Тодор Живков. Мислам на оној Живков, кој во август 1962 година, во Москва, пред Никита Хрушчов ја предложи идејата за присоединување на Бугарија кон СССР, како 16-та советска република. Хрушчов ретерирал бидејќи бил свесен дека под услов да се обединат, Москва ќе треба да го преземе и исплаќањето на бугарските повоени репарации кон Грција и Југославија, во чии рамки е и Македонија.

А зошто репарации? Поради улогата на Бугарија во Втората светска војна наспроти улогата на тие што Љубчо ги нарекува „свети крави“. Тоа е крајно дегутантен израз за НОБ и за македонските партизани, кои беа на исправната страна на историјата, и по цена на илјадници животи ја извојуваа слободата и патот до македонската држава, во која еден ден и Љубчо ќе може да стане премиер.

Значи, не зборуваме за комунисти и фашисти, туку за темата фашизам и антифашизам, и тоа главно кога се во прашање овдешните бугарски клубови со имиња од типот „Цар Борис Трети“, или при обиди на бугарските историчари, пактот на Бугарија со тројната оска и нивната окупација овде, да ја заверат како администрирање и наше „ослободување“.

Никој не ги спречува Бугарите да го слават, сакаат и да го величаат Цар Борис Трети, ако тој период од нивната историја го сметаат за достоен и славен. Не се мешаме во нивните чувства и во нивните внатрешни работи, но имаме право да реагираме ако на наш терен се инсталираат имиња на тие бугарски, но не и наши херои.

Обидите, темата фашизам да се забошоти со замена на тези, со критики за комунизам во македонското општество или негови рецидиви, е постојан манир на актуелната бугарска политика. И секој што сака да ѝ се допадне, го прифаќа тој наратив. Георгиевски го знае тоа. Знае колку луѓе направија кариера повторувајќи ги тие тези.

Нему би требало да му е многу непријатно да критикува за овдешен однос кон Тито, како кон „света крава“. Не поради тоа што претходниот систем немал фалинки, напротив, имал многу, иако најчесто се сведуваат на озлогласениот Голи оток.

Прво, декомунизацијата не подразбира само лустрација, судска и политичка рехабилитација на невино осудени или убиени, демистификација на култови на комунистички водачи, реституција на неоправдано одземени имоти или отстранување имиња, симболи и споменици на комунизмот од јавниот простор. Секој може да ги тргне сликите на Тито, бистите, да критикува, да плука…, се чини дека нема ништо полесно од тоа.

Ама и секој што од премиерска позиција не направил ништо од капитално значење, а не му пречи да се вози по патишта и пруги изградени уште во времето на Тито, или да присвојува фабрики изградени во времето на Тито, нема морална позиција да зборува за декомунизација. Не за џабе важи изреката – тоа што е изградено во времето на Тито, денешниве не можат ни да го варосаат.

Второ, декомунизацијата е и чин на индивидуален гест. Зошто, на пример, Георгиевски по прогласувањето на независноста во 1991 година, прифати да биде потпретседател на претседателот на Македонија, Киро Глигоров, ако се чувствувал идеолошки некомпатибилен со некој што целата политичка кариера ја поминал во комунизмот, во Белград?

Дали кога си на функција опаѓаат мотивите за декомунизација? По осум месеци поднесе оставка од таа функција, но што направи на планот на декомунизацијата? Ништо посебно, освен што во некои пригоди ја спомнуваше изреката на Хавел „Комунизмот умре, но никој не го виде мртовецот“. 

Обидите, темата фашизам да се забошоти со замена на тези, со критики за комунизам во македонското општество или негови рецидиви, е постојан манир на актуелната бугарска политика. 

Десет години подоцна, Георгиевски и Глигоров влегоа во Гинисовата книга на рекорди како пример за државнички двоец од најмлад премиер и највозрасен претседател. Но, од негова страна, критикуваната бавна трансформација од комунистички во демократски систем воопшто не се покажа како лош период.

Во тој период, Георгиевски израсна во „средно богат бизнисмен“, што и да значи тоа, бидејќи различни се мерилата за богатство. На пример, за студентите во студентските домови, каде што некогаш живееше и Љубчо, денес „богатство“ е и aкo субвенционираниот оброк од 120 стигне до 160 денари.  

Но, Македонија не стана ни средно богата земја, според БДП. Ама се збогати со демагози, кои знаат да бистрат политика, матејќи ја водата, и кои немаат храброст да прашаат: Ако ние овде сме тие виновните, историски непросветени, индоктринирани, недекомунизирани, до каде стигна европска Бугарија?

Зошто Георгиевски не го отвора прашањето за неспроведените пресуди на ЕСЧП за македонски здруженија во Бугарија? Не гледа ли живковистичко-комунистички однос на Софија по тоа прашање? Ете тоа е многу релевантна европска и антикомунистичка тема. Освен, ако некој сака да премолчи како може комунизмот да „умрел“ во Бугарија, а новиот Европеец сѐ уште никој да не го видел?

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија