Во институционално заболено и реформски запоставено општество, изборниот процес не може да биде лек, туку козметички препарат. Прашањето е што сакаме: да ја излечиме државата или да го нашминкаме мртовецот?
Многумина ме прашуваат дали изборите на 5 јуни ќе стават крај на кризата. Јас ги прашувам дали метастази може да се излечат со витамин Це. Велат – не! Се согласувам. Споредбата не е случајна. Во институционално заболено и реформски запоставено општество, изборниот процес не може да биде лек, туку козметички препарат.
Прашањето е што сакаме: да ја излечиме државата или да го нашминкаме мртовецот? Значи, ако одиме на избори на 5 јуни, треба однапред да го прифатиме ризикот дека тие ќе бидат „промашена инвестиција“. Дека нема да стават крај на кризата. Ако сакаме да ја вратиме државата во живот, треба да се посветиме на суштински промени.
За жал, за оваа клучна одлука нема консензус, бидејќи дел од политичките фактори спасувањето на државата го постоветуваат со спасувањето на нивниот политички живот (државата тоа сум јас). Не сакаат промени, туку статус-кво што ќе го одржуваат преку несанкционирана моќ на нивните функции. Само така можат да ги контролираат апаратите на кои е приклучена државата.
Тие дозираат колкава инфузија од демократија смее да потече низ вените на општеството. Тие решаваат колку медиумска и граѓанска слобода следува по квадратен метар. Тие оценуваат кои вредности се вистински, а кои лажни. Ако се посомневате во нивните аргументи, ќе ви дадат отчет што се направиле за да ја разубават свежо ископаната парцела. И гледате апсурд: колку дијаграмите на успех повисоки, толку дупката подлабока.
Секој ден сведочиме на умирање на сегменти од општеството поради отруеност од пропаганда и затворање на вентилите за каква било социјална реакција
Од тоа што некои се фалат, умните се срамат. Не е за фалење ако резултатите сведочат дека она во што најмногу си успеал, е да ја усовршиш симулацијата на демократијата, манипулацијата со јавноста, хиперпродукцијата на псевдо-настани и да инсталираш политички систем на партиски управувач.
Но, не барајте простор каде што ќе кажете дека сте соочени со евтина пропаганда, бидејќи и етерот им припаѓа ним. Секој ден сведочиме на умирање на сегменти од општеството поради отруеност од пропаганда и затворање на вентилите за каква било социјална реакција. Зад фасадата на формалните демократски начела се преинсталира владејачката контрола со двојно зајакнати капацитети – нови медиуми, нови одбори, нови факултети… Нови кадровски гарнитури од партискиот магацин со лажни етикети на „независни“ чекаат да ја операционализираат истата деформирана политика и да остварат уште поголеми квази-резултати.
Она што денес го добиваме, а во уште поголеми дози ни се ветува за во иднина, ме потсетува на „наградата“ што ја добивале работниците во варшавската челичарница, во педесетите година на минатиот век. Добивале пар обувки, но и двете наменети за иста нога. По две леви. Или две десни. Иако наградата била целосно неупотреблива, таа била основа власта да се фали дека води грижа за работниците. Такви обувки денес како експонати се изложени во тамошниот Музеј на комунизмот и сведочат за односот на системот кон поединецот и општеството.
На такви експонати мирисаат и нашите врвни „успеси“. Но, какви вредности стојат зад нив? Во 1999 година, за потребите на кампања посветена на човековите права во контекст на меѓуетничките односи, инклузијата и богатството на разликите, беше избран слоганот „Цело е кога има се“.
Уверена сум дека до денес не е најдена подобра „дефиниција“ која овие цели ќе ги сублимира во неколку навидум толку едноставни, а моќни зборови. Посебно ме импресионира фактот што автор на оваа мудра мисла – е дете. Овој слоган беше избран меѓу повеќе одговори дадени од анкетирани деца на претшколска возраст меѓу 4 и 7 години.
Граѓаните созреваат, се повеќе ги препознаваат контурите на таа спин-демократија и одбиваат да ја купат од рафтовите на субвенционираната пропаганда
И покрај многуте обиди, не успеав да го дознаам името на детето мудрец, кое денес би требало да е на возраст меѓу 21 и 24 години. Не знам дали студира, работи, како живее и каде живее, но едно знам: она што едно дете го сфатило на толку рана возраст, до денес не го разбраа или не им одговара да го разберат многу возрасни и политички „татковци“.
Не сакаат да прифатат дека „за нештото да биде цело“, силно, комплетно и нескршливо, во приказната мора да бидат сите – и луѓето и вредностите. Не разбираат дека нема држава без функционални институции. Дека нема развој без демократија и исти правила за сите. Дека нема избори без фер-услови. Дека нема медиуми без новинарски слободи. Дека нема правда без независно судство. Дека нема еднаквост со партиски вработувања, ниту единство со поделено граѓанство.
По 25 години независност, Македонија дојде во ситуација повеќе да нема, отколу да има. А притоа да го изгуби и она што веќе го имала. Она што требаше да биде наше „цело“, сега одново треба да го враќаме по системот „капка по капка“. Но, тоа не се враќа преку избори, туку низ реформски процес.
Знам дека растечката пропаганда ги потиснува сите развојни идеи ако на власта не и носат политички профит. Знам дека го имаат длабоко поделено, индоктринирано и фрагментирано целиот човечки капитал, (раздели, па владеј) за да не постои закана од дното на пирамидата на сметка на владејачката распашана лакомост, разорна за сегашноста и иднината.
Но, знам и дека граѓаните созреваат, се повеќе ги препознаваат контурите на таа спин-демократија и одбиваат да ја купат од рафтовите на субвенционираната пропаганда. Бараат вистински вредности. Тие најсилно може да се спротивстават на владејачката глувост за промени, иако е јасно дека оние од власта „ги боли“ евстахиевата туба за реформите.
Но, ако тие изостанат, тогаш по 5 јуни навистина нема да се случи ништо вредно за почит. По 5 јуни ќе дојде 6 јуни, со истите проблеми и опасност тие да влезат во подраматични димензии.
Времево и состојбите во кои живееме теоретичарите го дефинираат како крај на политиката, крај на писменоста и триумф на политичкиот спектакл.
Обврска на граѓаните е да се обединат околу идејата да му стават крај на тој спектакл. Во спротивно сите ќе станат носачи на ковчегот.