Кратката историја на вемерото

Колумна на Сашо Кокаланов

Стивен Хокинг си замина од оваа димензија на стварноста, зад себе оставајќи ја својата епохална книга за разбирање на универзумот и неговото постоење – „Кратката историја на времето”, додека онаа поважната можеби и од самиот универзум, „Кратката историја на вемерото”, ја остави за некои други генерации научници, кои ќе сакаат да се занимаваат со некои други црни дупки, не оние во космосот.

Нејсе, добро што ја напиша таа за времето, зашто кога би ја пишувале ние, веројатно и кратката историја на времето би ја фалсификувале, изведувајќи докази дека времето е минливо, само Македонија е вечна. И би добиле од Хокинг една од неговите познати кладби со кои тој им пркосеше на теориите со кои не се согласуваше. Ќе ја изгубеше кладбата, секако, зашто Македонија непобитно е вечна. Вечна е и глупоста, но ајде сега да не релативизираме.

Македонија треба да се реформира и тоа е сега најважно. Можеби така несвесно ќе ја напишеме и кратката, но болна историја за вемерото, притоа и да се ослободиме од некои аминокиселини во нашата ДНК, сфатена како генетски материјал, не како музичка група, а кои се резултат на долгогодишно џвакање производи создадени со помош на културен ГМО и радијација од осиромашен вмрониум.

Притоа, дозволете без нималку малициозност да си кажеме в очи дека премногу надежи полагаме во реформите сугерирани од Прибе, кои главно се однесуваат на политичкиот и правниот поредок. Интенцијата на експертите на Прибе е Македонија да стане функционална држава и толку. Разбирливо, тоа е задоволителен цивилизациски напредок на едно самодеструктивно племе какво што сме ние, особено кога сме оставени самите на себе.

Сè додека имаме ваков правно-политички, да не кажам политикантски пристап на груевизмот, тој е вирус што ќе продолжи да живее во македонскиот организам и ќе чека пад на имунитетот за да нападне

Но, дали тоа треба да биде и крајниот дострел на нашите желби? Ако не планираш да се отселиш во догледно време и особено ако постои реална опасност децата да ти живеат овде, тогаш одговорот мора да биде – не!

За да стане нормална држава, Македонија не треба да се реформира само правно, политички и економски, таа пред сè мора да се реформира културно. За да дојдеме до нов, современ, развоен ментален код, клучни за оваа земја се реформите во образованието и во културата. Токму оние кои имам впечаток дека се фрлени во втор план, како долгорочни проекти, што траат повеќе од еден мандат, па како такви не се интересни посуштински да влезат во агендите со математички шифри, како онаа добропознатата 369.

Реформите во судството, на пример, ќе доведат можеби до некаков систем на контрола и до процедури што ќе нудат каква-таква заштита на правосудството од политички и партиски мешања, но зошто да се лажеме дека со тоа ќе постигнеме поправедно општество. Правдата секогаш ќе зависи од политичката волја за правда и од критичната свест во општеството дека ако „нема правда, нема ни мир”.

Ако единствената креативност што ја поттикнуваме е како да се изигра системот, тогаш чуму и го правиме тој систем. Не постои систем што е доволно добар за да функционира во услови на коруптивно настроени општествени слоеви.

Ако имаме поданички менталитет и нови поколенија „чипизирани” со истиот вморонизам и обликувани според максимата „знаењето е сила, знаењето е моќ”, ама само ако го користиш репродуктивно, со заробен ум и според мануели напишани во некоја партија, на правдата ќе се сетиме само кога ќе ни дојде јајцето на газот, кога ќе нè притиснат до ѕид, па ќе почнеме да фрламе со боја по ѕидот. Тоа не е реформирано општество и реформирана свест. Тоа е самоодбрана во крајна нужда.

Државата треба итно да ја напише својата културна и образовна стратегија со крајна цел – да создава самомислечки човечки битија со критичка свест за стварноста и со желба да ја менуваат во своја полза! Тоа ќе е болно за владејачките елити што ќе ја спроведат таа политика, зашто нивните политики први ќе се најдат на удар за ослободената критичка свест, но е здраво за општеството. Во таа смисла, ние наместо да се трудиме да го оздравиме општеството, се задоволуваме со хемотерапијата пропишана согласно дијагнозата на тимот на Прибе.

Државата треба итно да ја напише својата културна и образовна стратегија со крајна цел – да создава самомислечки човечки битија со критичка свест за стварноста и со желба да ја менуваат во своја полза

Ако нашата одлука е секој три-четири години одново да примаме хемотерапија за да се одржуваме во живот, тоа не е живот, тоа е преживување.

Груевизмот како вулгарен и опиплив облик на вмронизмот што си го носиме со нас како колективна патологија (пред сè на мозокот, а потоа и на другите делови од организмот), политички беше поразен на избори, можеби ќе биде и правно поразен по скопските судници.

Но, сè е тоа површно и минливо – следните избори може да победи, исто како што претходните ги изгубил, како и судските казни, кои можеби ќе ги одлежат докрај, многу поверојатно нема, а не е исклучено да не ги одлежат воопшто. Парите можеби ќе ги вратат, а многу веројатно ќе вратат само еден мал дел, кој лесно ќе го надоместат кога повторно ќе се дограбат до алатките за нови ограбувања.

Сè додека имаме ваков правно-политички, да не кажам политикантски пристап на груевизмот, тој е вирус што ќе продолжи да живее во македонскиот организам и ќе чека пад на имунитетот за да нападне.

Наследивме застарен образовен систем кој е фокусиран на новите генерации да им понуди информации. Тоа е систем уште од времето на маркизот од Азењо, стар со векови, затоа и се води од девизата да стасаме до секој човек и да му понудиме образование. Што е поприлично анахроно, знаејќи дека денес живееме во време кога информациите се лесно достапни. Тоа е образовен систем кој има исто толку смисла колку и бизнис-идејата да продаваш песок во Сахара.

Ни требаат генерации кои ќе знаат како да ги користат информациите со свој мозок, креативно и критички. Тоа се прави преку формалното образование и преку културата, не либејќи се да се инвестира и во креативната индустрија и во популарната култура. А за тоа, нема пари.

Не, драги мои, за сè друго може да нема пари, само за ова МОРА да има! Душко Радовиќ вели – треба да се образуваат само паметните, зашто образованието без памет е опасно. Сега кога образованието е достапно и речиси бесплатно, треба да имаме само една цел – да создаваме паметни луѓе. Сè друго е опасно и води кон одново учење на кратката историја на вемерото или, ако повеќе сакате кон (кратко)вечна Македонија.