Помина Илинден, па ајде да провериме, кој што рекол и што предвидувал, а што се случило. Петчлена делегација на ВМРО-ДПМНЕ, ден порано, на 1 август го одбележа Илинден на Мечкин Камен на „шверцерски начин“, сами насреде коријата, соочени со својата суета и со бројни заговорнички теории.
Пред споменикот, кој е израз на храброста и обединетоста на борците, „без разлика на вера, народност, пол и убежденија“ (Крушевски манифест), тие ги повикаа нивните членови, симпатизери и граѓани „да се воздржат од давање легитимитет на прослави организирани од владата на СДСМ и ДУИ, ценејќи дека е можно со некои одлуки кои што го иритираат народот, како со одлуката господинот Џафери да се обрати на Мечкин Камен, да се создадат услови или некој да смислил намерни инциденти, кои можат да ги нарушат честа и достоинството на Илинден“.
Навистина е разочарувачко сознанието дека Илинденците пред 114 години имале многу поголема политичка култура, прогресивен и еманципаторски дух и вистински соживот, отколку овие што во 21 век се самопретставуваат како нивни идеолошки наследници, но без покритие. Тие на најшверцерски начин се китат со историски победи остварени преку акти на обединување, а во практика го прават спротивното.
Навистина е разочарувачко сознанието дека Илинденците пред 114 години имале многу поголема политичка култура, прогресивен и еманципаторски дух и вистински соживот, отколку овие што во 21 век се самопретставуваат како нивни идеолошки наследници, но без покритие
Од каде ја извлекоа оценката дека обраќањето на Талат Џафери од Мечкин Камен ќе го иритира народот? Направил анкета „Павел Шатев“ или само вешто испраќале порака во стилот „ти зборувам ќерко, сети се снао“? Епа, народот не го прифати повикот да се почувствува „изиритиран“, оти на 27 април јасно виде каде завршуваат наивните и изманипулирани партиски извршители – во обвинителство, за разлика од партиските налогодавци кои и натаму спокојно си седат во Белата палата.
И бидеќи говорот на Џафери ги остави без штоф за критика, почнаа да ги бројат присутните на Мечкин Камен. Пратеникот од ВМРО-ДПМНЕ, Драган Данев, вели дека биле стотина, од кои осумдесет од обезбедувањето. Од каде знае? Ја прекршил партиската директива, тајно дошол и броел скриен зад некое дрво?
Дури и под претпоставка таа бројка да е точна, во секој случај е поголема од вмровската петорка, зад која не застана никој. Второ, на ВМРО-ДПМНЕ ќе му треба доста време да се навикне дека постојат влади кои не сакаат да се однесуваат како тур-оператори. Не сакаат да го развозуваат народот со автобуси од овде до онде, не го користат и злоупотребуваат како политичка сценографија, во стилот – видете колку народ стои зад нас. Не му наредуваат на народот да дојде, ниту помислуваат да го стават на списоци за празнично рентирање, во пакет со сендвич и вода. Тоа е разликата, и ми се чини дека не е баш мала.
Не зборуваме за квантитет и директива (со наредба наполнети автобуси) туку за квалитет и слобода (право на избор дали некој ќе дојде, а не налог или обврска). Празнувањето не е поврзано со локација туку со односот кон него, каде и да си. Каков ќар од тоа што дошле на Мечкин Камен неколку „народни“ групи, ако единствената работа по која се истакнале се плукачки способности по урнекот на една Сребра Тодевска?
Во обид да ја омаловажат прославата на Мечкин Камен ѝ направија мечкина услуга на партијата. И не се само тие. „Кај Талат на Илинден 59 души, исто колку што го избраа за претседател“, напишал човекот кој пред 20 дена беше гостин во Москва на партијата на Путин, во мега-формат „двајца без тројца“.
Пишувачите на ваквите „големи мисли од малиот мозок“, најдобро е да си го слушаат партискиот лидер, бидејќи од него ќе научат една многу важна лекција која гласи: „Ништо не лажеш, само поинаку го кажуваш“. Една од „бомбите“ откри дека со оваа мудрост Груевски ја советувал Силвана Бонева, кога требало да се прошверцува амнестија за хашките случаи во парламентот. Демек, да не се кажува што им е дадено на Албанците (ДУИ) туку што не им е дадено.
Во истиот разговор Груевски ѝ вели на Бонева: „Ахмети констатираше дека 108 години по Крушевската Република, Албанци за првпат го добиваат одбрана (министерството-н.з). Ха, ха, ха… Епа во Крушевската Република на Албанец била доверена одбраната“.
Бонева му одговара: „Ииии, таа му е јака. За пи-ар кај неговите, му е јака“.
На ВМРО-ДПМНЕ ќе му треба доста време да се навикне дека постојат влади кои не сакаат да се однесуваат како тур-оператори. Не сакаат да го развозуваат народот со автобуси од овде до онде, не го користат и злоупотребуваат како политичка сценографија, во стилот – видете колку народ стои зад нас
Ако Албанци учествувале во Илинденското востание, ако 108 години подоцна (2011 година) Груевски (макар и тајно-приватно) со симпатии гледа на првиот Албанец министер за одбрана, зошто во 2017 година да е проблем Албанец да е претседател на Собранието и да се обрати од централната прослава на Мечкин Камен? Зошто тоа „по дефинција“ би значело проблем?
Не, тоа не е проблем за Груевски. Проблем е за оние што не ги знаат, или се прават дека не ги знаат неговите двојни аршини. На еден начин Груевски зборува и се договара во четири очи, на друг начин говори јавно, с’скајќи ги граѓаните едни против други. Токму таа лицемерна политика која му носеше мандати „за да ја брани Македонија“ од секого и од сешто, денес го востоличи во најголемиот губитник во регионот.
Договорот со Бугарија можеше да го потпише тој и тоа уште пред неколку години, но ќе требаше да го затвори погончето за производство на надворешни непријатели. Тој се одлучи во корист на погончето. Во корист на сопствената штета.
По средбата со Бојко Борисов, на која уште еднаш потврди дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го поддржи Договорот со Бугарија, Груевски самиот се отпиша од листата на политичари со кои може да се зборува за соработка и европска иднина. Таа самопрепорака е веќе прочитана од Скопје до Брисел, од седиштето на ЕПП до Вашингтон, па и од Делавер до Белизе…
Сите прашања кои Македонија од денес ќе почнува да ги затвора, ќе откриваат зошто Груевски не го сторил тоа, иако можел. Во тие одговори нема да најдете приказни за патриотизам и достоинство туку исклучиво бројки. Со колку нули – ќе кажат надлежните институции. А кога сето тоа ќе излезе на виделина, тогаш неговите партиски бројачи нека пребројат колку луѓе ќе бидат подготвени да останат со Груевски. Мислам дека онаа скромна петорка од Мечкин Камен, ќе им се види како раскошно-недостижна цифра.