Меѓународната заедница: Избирачкиот список е прочистен, го нема СДСМ

Колумна на Џ Пулицемер

[Интервјуто е измислен, сатиричен текст]

Во ексклузивно интервју, Меѓународната заедница зборува за Пржинскиот договор, улогата на комесарот Хан, излетот на Груевски во Вашингтон и за спорот за името. Со неа разговаравме за првите впечатоци од новиот премиер Емил Димитриев, како и за шансите Срѓан Керим да стане прв човек на ООН

paraintervju-3

Се сретнавме во лобито, во еден од скопските хотели, седеше дрско на кожената фотелја и незаинтересирано прелистуваше весник од кој ѝ падна специјалниот додаток со победничка фотографија на Никола Груевски и со сите негови успеси. Ги забележа листовите на подот откако ги згазна со потпетиците станувајќи да се поздрави.

Нема Договор од Пржино, има Договор од Ќерамидница оти Груевски ве шета по ќерамиди

„Го видов Орав, пребледен e, му се заканувале. Јас, пак, немам намера да си го расипувам тенот“, ни рече Меѓународната заедница погледнувајќи кон момчињата што ја обезбедуваа.

Со негодување, кое не го изусти, ја прифати поканата да го продолжиме разговорот на терасата и да запалиме цигара под греалката на гас.

„Гасов е топол како да ви доаѓа од Јужен тек“, се пошегува на сметка на пропаднатиот проект и забележа дека, сепак, терасата е подобра за новинарите отколку гаражата во Пржино или оградата пред Домот на пратеници.

Избори добиени со кредити се кредибилни избори

Gruevski Baiden

Лесната рака на Груевски | Фото: МИА

Таа целосно е посветена на преговорите и гарантор е на Пржинскиот договор, а интервјуто го направивме веднаш откако Груевски даде оставка и го распушти парламентот со одложено важење. Го почнавме разговорот со најголемата енигма во овој момент: Дали експремиерот ја купи поддршката на американскиот потпретседател Џо Бајден за време на средбата во Белата куќа?

„Видете, Груевски знае дека тоа што не може да се купи со пари, може да се купи со народни пари. Има лесна рака, ко зајдисонце на Белизе. Се буневте кога трошеше на споменици и баравте парите да ги дава на живи луѓе, човекот ве послуша и сега троши на живи лобисти од Америка.“

Во јавноста се шпекулира дека на таа средба паднал муабет и за спорот со Грција за името и дека конечно ќе му се стави точка на проблемот.

„Повеќе мислам дека загради се во игра.“

Побаравме Меѓународната заедница да ни каже дали се испочитувани обврските од Пржинскиот договор, како што е прочистување на избирачкиот списокот и регулацијата на медиумите.

„Не ми се јасни коментарите околу ова прашање. Избирачкиот список е прочистен, го нема СДСМ. Што сакате повеќе?“

Во јавноста се појави и дилемата што точно значат термините веродостојни и кредибилни избори, кои ги употребуваат амбасадорите на САД и на ЕУ, како и комесарот Хан. Кои избори се кредибилни?

„Многу е едноставно, избори добиени со пари од кредити се кредибилни избори.“

Han (1)

Хан се враќа со „кец“ во ракавот | Фото: МИА

За голем дел од јавноста дискутабилна е улогата на Хан, се чини дека како десничар е наклонет кон власта, а граѓаните се плашат дека со него ќе ја прокоцкаме последната шанса да ја спасиме земјава.
„Со прашањето инсинуирате на глупавите обвинувања дека Хан имал бизнис-интерес во некое казино во Македонија. Тој само не игра со отворени карти, многу добро блефира и сигурно има некој „кец“ во ракавот.“

Нè интересираше и дали според Меѓународната заедница можеме да кажеме дека Договорот од Пржино е мртов, дека сега е Договор од Бутел.

„Па не, повеќе личи дека се вика Договор од Ќерамидница бидејќи Груевски цело време ве шета по ќерамиди.“

Демократија со одложено важење

о Меѓународната заедница разменивме мислење и за Емил Димитриев, прашањето беше дали човекот што ја носи титулата премиер за спроведување парламентарни избори ќе нè придвижи напред во реформите.

„Имавте премиер за крадење на сите избори, а добивте премиер за организирање парламентарни избори. Тука се гледа сериозен напредок и повторно не сте задоволни!“

Ivanov

Иванов во најдобро светло | Фото: Фејсбук-профилот на Претседателот на Македонија

Многумина предвидуваат дека Димитриев ќе биде уште една безгласна буква во македонската политика како претседателот Ѓорге Иванов. Зборувавме за неговиот придонес, што е она што Иванов го прави најдобро и какво светло фрла врз пржинскиот процес.
„Во цела Југоисточна Европа нема шеф на држава кој подобро пали „жижици“ за Нова година.“

Со нашата соговорничка отворивме и неколку контроверзни теми, ја прашаме дали е вистина дека дебело ја плаќа озлогласениот белосветски олигарх Џорџ Сорос.

„Пари од него не сум зела, еднаш само ми нудеше жолто комбе.“

Нè интересираше и какви му се шансите на Срѓан Керим да стане генерален секретар на Обединетите нации, знаејќи дека ексамбасадорот е дел од аферата „750.000 евра во шише“?

„Шансите му се на стаклени нозе, ООН за него е тесно грло.“

Со враќањето на Хан и со Вашиот зголемен ангажман, можеме ли да очекуваме дека конечно ќе ни се врати демократијата?

„Имајте доверба во мене, тука сум да ви депонирам демократија со одложено важење “, самоуверено ни порача Меѓународната заедница заминувајќи од терасата на топло.