Ни ангели, ни ѓаволи

На ВМРО-ДПМНЕ и се потврди изреката: Внимавај што посакуваш, може да ти се оствари. Ете, пратеникот Павле Богоевски си поднесе оставка. Не само заради барањето на опозицијата, туку, пред се, заради негови морални принципи.

Но, и на овој чин ВМРО-ДПМНЕ му најде фалинка – не е доволна оставка, туку и кривична одговорност. Со тоа опозицијата чукна на отворена врата, бидејќи Богоевски и самиот најави дека се повлекува „затоа што не сака неговата функција да влијае врз правосудните органи“.

Немам намера овој чин на Богоевски да го глорифицирам како „херојски“ и покрај тоа што е прв таков пример во историјата на македонскиот парламент. Ако како општество се залагаме за отчетност и одговорност, тој чин треба да го сместиме во редот на нужното и очекувано однесување од кој било припадник на власта. Ова е многу важно, бидејќи сите функционери не поседуваат исто чувство за одговорност, исто „текнувало“ или иста „храброст“.

Затоа, ако потегот на Павле го устоличиме како вонреден и херојски а не нужен чин, утре ќе треба да се помириме со фактот дека одредено лице не си поднело оставка заради неговиот кукавички карактер. Токму заради тоа, нужноста од одговорност не треба да ја врзуваме за херојства или кукавичлуци, туку за насушната демократска потреба и обврска.

Факт е дека потегот на Богоевски таа лествичка на одговорност ја врати на потребната висина, која беше заборавена. Практично, тој и го украде „шоуто“ на ВМРО-ДПМНЕ и ја изнесе опозициската партија на чистина: „Јас се повлекувам, ајде сега да видиме како вие ја разбирате одговорноста“.

Така, од посакувана мета за критика, Павле се претвори во (ин)директен спотер, кој нема да ја остави опозицијата да дреме во удобната фотелја на критиката или критицизмот, а без да даде одговор како ќе расчисти со одговорноста во сопствените редови.

Токму на тој план опозицијата прилично доцни. Дури и срамниот 27-ми април (чест на ретките исклучоци) не само што не ѝ предизвика елементарен срам, а камоли порив за оградување од него, туку беше правдан како рефлексија на врвен патриотизам, а обвинетите за тој настан ги дефинираше како мета на политички прогон.

Токму заради ваквите искривоколчени вредности и отсуството на свест за димензиите што тој настан можеше да ги предизвика за земјата, денес тешко се реализира општественото помирување по природен пат, без собраниски амнестии.

Но, дури и на сегментарен план, опозицијата нема штоф да се пофали со некаква промптна реакција на темата „демонстрација на лична одговорност“. Последниот пример (октомври 2016 година), беше карикатурален начин за правдање на епизодата со скандалозното однесување на тогашниот (пржински) заменик-министер Диме Спасов.

Нужноста од одговорност не треба да ја врзуваме за херојства или кукавичлуци, туку за насушната демократска потреба и обврска

Приказната почна со национално-поларизирачки заплет – дека дека го бркале „Албанци, поранешни осуденици од Серава“. Продолжи со лажно жртвување дека друг возел, па потоа со повлекување на таа изјава, а кулминираше со три различни изјави на неговата сопатничка, една по друга повлекувани и правдани со доживеан стрес.

Таа одбрана на неодбранливото ја чинеше партијата многу повеќе од предизвиканата штета на другите автомобили кои настрадаа при неговото управување на службеното возило под дејство на алкохол.

Отчетноста и одговорноста кои доминираа во сите говори на функционерите на ВМРО-ДПМНЕ, тогаш експресно исчезнаа од партискиот речник. А знаеме дека тие имаат смисла ако се ефектуираат веднаш.

Тоа правило мора да го научат и применуваат сите партии, особено кога се на власт. Лесно е да се морализира од улога на опозиција. Треба да каже што си направил по прашањето на одговорноста кога си бил на власт.

Од тој аспект, посебно се интересни и инспиративни функционерите на ДУИ, кои деновиве заговараат почеток на ветинг-процес. Добро е да има „ветинг“, ама како секојдневна практика, а не како долгоречен процес во кој ќе се заборави кој мижел и молчел кога се случувале девијации.

Еве само еден пример. ДУИ не реагираше и не побара одговорност од нејзин министер, по информациите дека при полициска акција во скопски ноќен клуб (јуни 2013 година) тој наводно бил фатен со оружје и со дрога.

Пратеник од ДПА за ова и постави пратеничко прашање на тогашната министерка Јанкулоска, која раскажа што било пронајдено во акцијата (прашкаст материјал завиткан во банкнота, оружје и утврдено точење алкохол на малолетници), но не одговори ништо за улогата на колегата министер во тој настан! Истото лице денес е градоначалник.

И како од ДУИ сега очекуваат искрена верба во нивната заложба за долгорочен институционален ветинг, ако тој не функционирал ни на дневно, ни на партиско ниво? Особено што оваа партија со секој мандат во нова влада си доделува и лиценца за безгрешност.

Иако Ахмети во една прилика призна дека „тие не се ангели“, изјавата остана повеќе како уметнички впечаток за наводна самокритика, отколку како реална најава дека ќе расчитат со некое свое кадровско „ѓаволче“. 

Лесно е да се морализира од улога на опозиција. Треба да каже што си направил по прашањето на одговорноста кога си бил на власт

Токму поради ваквите контрадикции, во своите идни определби на кого да му ја дадат довербата, граѓаните сѐ повеќе ќе се раководат од она што партиите го прават денес, а не од она што го ветуваат за некое далечно утре, заборавајќи на своето однесување вчера.

И ако одговорноста на партиите на власт е најголема, тоа не значи дека опозицијата може да спие по тоа прашање. Ако претендира да биде власт, исто така треба да покаже дали и колку е подготвена да рсчисти со кадровските темни дамки. Дури и новото раководство да нема ама баш никаква врска со нив, треба да декларира јасен дисконтинутет со какви било девијации од претходниот период, за да покаже од какви етички и програмски позиции ќе се бори за власт.

За волја на вистината, новото партиско раководство направи одредени кадровски исклучувања, но заради внатрепартиски прични, а не заради поширок општествен интерес и за промовирање на нов модел на однесување. Шансата не е изгубена. Последен што им дофрли топка е Богоевски. Од нив зависи дали ќе ја дочекаат или и оваа ќе ја пропуштат, како што ја пропуштија по 27 април.