Историските податоци велат дека годинава одбележавме 117 години од таканаречениот прв Илинден, односно Илинденското востание, како и 76 години од вториот Илинден, односно од првото заседание на АСНОМ. Се разбира дека, покрај 8 септември 1991 година, станува збор за датуми-меѓаши во создавањето на македонската државност.
И затоа ги прославивме во духот на нашата традиција: со викање и надвикување, со свиркање и исвиркување, со пцости и продолжен викенд, со ѓубриња по излетничките места, со преполни плажи и уште пополни кафеани… Важно ги симнавме маските.
Дали ќе кажам некаква ерес ако кажам дека имаме ние и други датуми, ако не поважни, тогаш барем еднакво важни за македонската државност, да не кажам за нашиот идентитет. Еден од тие датуми, и тоа со тркалезна годишнина ќе го одбележиме утре (на 4 август), а тоа е 60-годишнината од Охридско лето.
За жал или за среќа, овдешната јавност, зафатена со поскапувањето на струјата и со наводното уривање на Универзална сала во Скопје немаше премногу време да се занимава со феноменот на вистинската македонска културна традиција.
На јубилејното издание на Охридско лето, тој непобитен фундамент на нашето самопрепознавање, немаше место за ниту еден од овдешните уметници
Јас навистина не знам какви идеи имаше оперската певица Ана Липша Тофовиќ, една од главните иницијатори за формирање на овој летен фестивал и жената која со својот рецитал го отвори првото Охридско лето, тој 4 август 1961 година, ама можам да тврдам дека сигурно не мислела дека шест децении подоцна главната тема околу Охридско лето ќе биде дали Жељко Јоксимовиќ ќе настапи во официјалната или во неофицијалната програма и дали воопшто ќе настапи или нема.
За волја на вистината, среќна околност беше што се појави името на оваа балканска шлагерска ѕвезда во официјалната програма, па јавноста вака-така да разбере дека станува збор за јубилејно издание на еден од најважните фундаменти на нашето себепрепознавање.
Едноставно, за нашите медиуми, тој глас на јавниот интерес и тој репрезент на јавното добро, ако не се појавеше името на Јоксимовиќ, веројатно немаше ни да известуваат што и како ќе се случува со оваа манифестација во оваа ковид-криза.
И покрај утрешното отворање, единственото што со сигурност го знаеме е фактот дека фамозниот Жељко Јоксимовиќ, сепак, нема да настапи. И ништо друго. Еве, да направам еден мал квиз за сите нас, а особено за сите оние што се згрозуваа и фрлаа дрвја и камења врз управата на Охридско лето кога се расчу дека Јоксимовиќ ќе биде еден од учесниците на оваа манифестација, со едно-единствено прашање: Кој ќе настапи на утрешното отворање на Охридско лето? И со каква програма?
Случајот, по некоја сосема друга работа, ме однесе во Охрид токму кога се одржуваше прес-конференцијата за програмата на годинашната манифестација. За жал, ниту имав време, ниту, пак, бев акредитиран да присуствувам, ама затоа, во мојата наивност, поверував дека медиумите ќе пренесат релевантна информација.
За жал или за среќа, успеав да дофатам само една телевизија што пренесе информација од прес-конференцијата. Велам за жал затоа што отприлика половина, и тоа првата, од двоминутниот прилог беше посветена на – Жељко Јоксимовиќ и на неговото несудено учество на Фестивалот, а во втората половина, кога со статистички методи беше претставена програмата (број на учесници, број на локации, на случувања итн.), единственото име што беше споменато како учесник беше на – Ана Липша Тофовиќ. И тоа во каков контекст: „… главна ѕвезда на вечерта ќе биде оперската примадона Ана Липша Тофовиќ“!
Велам за среќа, затоа што ниту еден друг медиум до кого јас имав пристап не пренесе ништо, бидејќи можам само да замислам што ќе прочитав таму. Веројатно комплетната биографија на Јоксимовиќ, сосе сите негови големи успеси по евровизиските фестивали. А можеби некој ќе го прогласеше за врвен колоритен тенор со класичен репертоар.
Охридско лето не успеа да смогне сили и да покаже малку повеќе солидарност со овдешната култура и со овдешните културни дејци и творци
Факт е дека првата вечер, онаа на отворањето, ќе ѝ биде посветена на легендарната Ана Липша Тофовиќ (1929 – 2012) и е наречена „Вокални бисери – по стапките на Ана Липша“. И факт е дека организаторот не предвидел ниту еден македонски уметник да тргне по тие стапки. Учесниците се главно од Србија, Хрватска, Црна Гора и, ако не се лажам, еден тенор од Италија.
Факт е дека на отворањето на јубилејното издание на Охридско лето, тој, ќе повторам, непобитен фундамент на нашето самопрепознавање, немаше место за ниту еден од овдешните уметници. Факт е дека во време на корона-кризата, кога речиси сите светски сцени се затворени, нашиот знак за распознавање, нашето Охридско лето, не успеа да смогне сили и да покаже малку повеќе солидарност со овдешната култура и со овдешните културни дејци и творци.
И, конечно, факт е дека тоа никого не го интересира. Ниту медиумите, ниту политичките партии, ниту администрацијата, а се чини ниту Охридско лето, не се загрижени за овдешната култура. Да, во програмата што не е објавена по медиумите, има и македонски уметници, ама некако се чини дека се тука само за да создадат квантитет и да се „спаси“ годинашното издание (не „овогодинашното“, како што милува да каже директорката на Охридско лето Наташа Петровиќ).
Со овој однос кон сопствената култура, кон културата воопшто, кон сопствените традиции, кон самите себе, ништо повеќе не е и не може да биде чудно. Ниту новинарката на онаа телевизија да ја оживее Ана Липша (патем речено, телевизијата го симна аудиозаписот од својата веб-страница и го исфрли овој дел од текстот), ниту јавноста да се жести врз судбината на реално нефункционални објекти од типот на Универзална сала или оној чудовишен споменик на Мајка Тереза.
Додека не ја разбереме директната релација меѓу системскиот однос кон културата и културните вредности и исвиркувањето на илинденските празници, а не ја разбираме, можам само да очекувам дека наскоро сите ќе веруваме дека земјата е рамна, а човекот е настанат од кал.
Што во нашиот случај и не мора да биде далеку од вистината.