Падна првото признание

Отсуството на храброст да се формулира барем една сопствена идеја, а која не е поврзана со стравот од евентуално губење на личната слобода на некои партиски ментори и функционери (по сила на судски пресуди), не е добра основа врз која се прават обиди за придобивање мнозинство против интеграцискиот напредок на Македонија.

Истите тие борци за правна неказнивост, тешко ќе им објаснат и на сопствените деца зошто се обиделе да ги блокираат стратегиските интереси на Македонија. Велам „се обиделе“, бидејќи повеќе од сигурно е дека нема да успеат. Ако иднината на Македонија треба да биде и остане заложник на лица засегнати од судски процеси, тогаш таа земја, не само што никако не заслужува да влезе во НАТО и во ЕУ, туку нема потенцијал да опстои ни како изолирана држава.

А каква иднина би имала една таква држава? Токму бранителите на неказнивоста или амнестијата, ќе станат најтешкиот камен околу нејзиниот врат, и синоним за потребата на демократскиот свет да исцрта санитарен коридор околу неа, за да ја одбележи како зона на криминал и корупција, пред моментот кога самата ќе си пресуди со тешка имплозија.

Нема разумен човек кој би сакал вака да изгледа негова „иднина“ во оваа земја. Има разумни луѓе и во опозицијата, кои не се согласуваат со политиката за одбрана на криминалот, втемелена исклучиво на сет од приватни, а не државни интереси. Нивниот глас на разум сега е исклучително важен.

Битно е тој да не се изгуби во шумот од лажни вести, со кои сега се предупредува на државна „капитулација“, само со цел да се скрие нечиј страв од капитулацијата пред доказите и законите. Тој глас треба да се артикулира и презентира без страв и огради, соодветно на високата политичка одговорност, наспроти ниската манипулација.

Ако опозицијата тврди дека само пржинска влада е гаранција за фер избори, тогаш го дава и првото јавно признание дека сите избори досега што не биле по тој урнек – биле наместени!

Тој е чекор кој бара соочување, не само со предизвиците на макроплан, туку и со аномалиите на микроплан. Како ќе се гради свеста за тоа што е пораз или капитулација, а што напредок и интеграција, ако се пренебрегнат „дребулии“ кои длабоко би ја компромитирале објективноста на оценката. И токму зборот „капитулација“ е таа семантичка точка на која ќе експлодираат дезинформациите кои сега го трујат општеството.

Тој што сака да гледа со отворени очи – ќе види! Не е потребна ни толку длабока анализа, за да се согледа каде се случува вистинската капитулација и колку е поразително кога некој е принуден својата политика да ја гради врз аргументите на тој што ги плаќа комуналиите и каматите за партиските објекти.

Цената на сметките за струја, вода, телефон и банкарски сметки стануваат цена за контрауслуга и пречка за какво било изразување автентична политика. Стануваат синоним за налог и за диригирани потези од страна.

Во таква ситуација, кога е крајно релативизирана улогата на номиналниот лидер, реалниот лидер е тој што од заднина ги алиментира потребите и ги влече потезите, а не тој што на вратата има изгравирана плочка „Претседател на…“.

Но, тој би требало да е свесен дека цената на платените комуналии не смее да се претвори во цена со која партијата ќе купува акции за нечиј спас од санкции. Бидејќи, таа цена десеткратно повеќе ќе ја еродира евентуалната заложба за дисконтинуитет со старите политики, кои прво ја доведоа партијата до состојба да остане без никаков коалициски капацитет, а сега неповратно ја туркаат и кон сѐ подлабока политичка маргина.

И не само на домашна сцена, туку и кај сестринските партии, со исклучок на ретките „браќа по популизам“, кои преку неа си туркаат свои агенди.

Гледано, не само од овој аспект, сосема оправдан и разбирлив е интересот на опозицијата за нов начин на финансирање на партиите, кој би ги направил независни од тајкуните, од кои најголемиот дел своето азно го стекнаа токму преку партијата, а сега, преку новостекнатата финансиска моќ можат да ѝ ги диригираат клучните чекори.

Цената на сметките за струја, вода, телефон и банкарски сметки стануваат цена за контрауслуга и пречка за какво било изразување автентична политика. Стануваат синоним за налог и за диригирани потези од страна

И добро е што владејачкото мнозинство го поддржува новиот предлог за финансирање на партиите. Секако, наивно е човек да верува дека тоа во старт ќе го искорени дотурот на пари од бизнис-центри по разни заобиколни патишта, но сигурно ќе ги направи понезависни за основните трошоци.

Веројатно, тогаш ќе можат послободно да ја обликуваат својата политика, без да стравуваат дали тоа ќе му се допадне на „големиот газда“. Создавањето таква можност, би требало да води и кон постепено уривање на сликата дека сложеноста на нашето општество го дозволува само оној стил на политика, кој е тесно фокусиран на произведување конфликти и непријатели, а со тоа и на соодветен контингент „патриоти“.

Се разбира, од партија која вели дека ги дели и се залага за вредностите на ЕУ и НАТО и ги поддржа со декларација, не се очекува ништо помалку, освен да покаже дека во држава која цели кон меѓународно интегрирање, погубно е да се продаваат политики кои водат кон внатрешно фрагментирање.

Второ, погубно би било за партија и да тврди дека „само сo формирање техничка влада по пржинскиот модел, избирачите ќе имаат гаранција дека власта нема да го злоупотреби нивниот глас“. Таква техничка влада функционираше, но во текот на тешката политичка криза, кога беше нужно да се обезбеди домашен и меѓународен мониторинг, но и гаранции дека изборите нема да ги спроведат институциите на заробената држава, декларирани како „МВРО-ВМРО“, и во пакет со предизборни коруптивни субвенции и социјална помош.

Но, ако опозицијата тврди дека само пржинска влада е гаранција за фер избори, тогаш го дава и првото јавно признание дека сите избори досега што не биле по тој урнек – биле наместени!

По една деценија непржински технички влади и ред „бомби“, кои сведочеа за изборни измами, ова е прво јавно признание на ВМРО-ДПМНЕ дека толку години сме имале фејк слика за изразената волја на граѓаните. Тешко е да се верува дека ваквото јавно признание може да биде почеток на некој поголем пресврт во партијата, но факт е дека и најдолгиот пат почнува со првиот чекор.