Паднал во несовест

Колумна на Сашо Кокаланов

Не, Марко не е добро. Неговото физичко здравје е добро, на нозе е, се слика со лидерот, свеста му е вратена, но не е освестен и… И, да, тоа е најжално – прогнозите дека ќе се освести не му се добри. Ако е точно дека тој е истиот аџамија кој по партиска задача плукаше новинари по ресторани, тогаш тој е веќе долго време паднат во несовест, при што сите нормални морални функции му се нарушени, а дише исклучиво со помош на партиски апарати.

Кампањата за локалните избори само што не почнала, а Марко ќе треба доволно физички да се ресетира за да залепи илјадници плакати без да му се слоши. И притоа ментално и морално мора да остане во шатдаун, за да може плакатите да ги лепи со истите тие партиски другари кои го оставија да лежи онесвестен за да не го прекинат пресот на нивниот заеднички вожд.

Вождот, пак, во манир на врвен нечовек, го пофали малиот дека го засенил пресот на премиерот за првите сто дена владеење. И се пофали себеси дека иако не забележал на пресот, потоа се сетил да го викне малиот да се сликаат. Потоа спокојно продолжи дебатата чиј прес повеќе бил засенет со онесвестениот аџамија.

Немилиот настан најдобро ги отслика првите сто дена од новата влада – власта збунета, опозицијата несвесна дека е тоа, а огромно мнозинство од граѓаните во блага несвестица

Немилиот настан, всушност, не ги засени, туку токму обратното – најдобро ги отсликува првите сто дена од новата влада – власта збунета, опозицијата несвесна дека е тоа, а огромно мнозинство од граѓаните во блага несвестица.

Тоа што надвор успеа да го направи како неспорен продор кон решавање на проблемите со соседите (дури и со оној сосед што проба да одработи некое смешно Џејмс Бонд сценарио), дома го „укака“ со чудната кадровска политика. Просто е, за бескомпромисни реформи не смее да има кадровски компромиси.

Процесот на именување малку личеше на оној скечот од К-15 за снимање филм (Ние имаме разни кадри, Кадри ела малку ваму, еве ова е Кадри). Нејсе, горивото од надвор и инерцијата од победата и желбата за промени ќе бидат доволни колата да продолжи да се движи во лер барем уште сто дена.

Во прилог на власта ѝ оди фактот дека за противник има едно забаваче уплашено дека наскоро ќе мора ја напушти комфорноста на својата рајска градин(к)а и да запише деветолетна во Идризово. Можеби дури и средно и факултет, ќе видиме. И опозициската партија која мисли дека е се уште на власт (некогаш и со право), има полна каса со пари, но и настанот со Марко покажа дека човечките капацитети веќе не им се ниту на резерва.

Тоа што лидерот намерно го прегорел црвеното сијаличе што алармира за потрошени човечки и идејни потенцијали служи само за внатрепартиско залажување и веќе подзаличува на клинички случај на мазохизам. Ксенофобија, омраза кон Албанците, домашните и странските предавници, тоа се темите со кои атакуваат на локалните избори.

Она што некогаш го нарекувавме пи-ар машинерија, сега е тотално трокирано. Тоа го покажа и Марко, впрочем. Да беше пи-ар машинерија, се разбира нема да станеа луѓе, но ќе одиграа луѓе. Кога на Вучиќ му се онесветуваат луѓе во студио, веднаш имате сцена како од стихот на Ацо Шопов – „три дена те носевме збрана“, а ова што вчера го видовме повеќе личеше на турбофолк стихот – „отишо си, пасуљ ниси пробо“.

– Брат, се заеба што се онесвести, не знаеш каков говор пропушти.
– Извини, брат, дехидрирав од плукање новинари.

И, добро е што пи-арот им е во колапс. Барем да сме на чисто дека промоцијата на нови ликови, не значи промоција на нови луѓе.

Граѓанството, пак, она надвор од партиите (ако постои живот воопшто надвор од партиите), е во една шизофрена ситуација. Растргнато е како да е врзано за опашките на коњите што им пресудиле на Онисифор и Порфириј. Од една страна влече разочарувањето што животот не само што не пристигна со брзина на јапонски воз, туку и доцни како македонски, а од друга страна тегне стравот од фашизмот кој продолжува да ни тропа на вратите како волкот од приказната за седумте јариња и чека да се зезнаме и да му отвориме за да нѐ проголта ко поп сарма.

Така растргнати, некои веќе кренаа раце, најавуваат бојкот на изборите, други чекаат и не знаат што да прават, трети сѐ уште размислуваат според принципот на помало зло. Тоа е неодржлива ситуација и изборите, иако локални, секако ќе го пресечат јазолот.

Судбината си ја зедоа во свои раце само тиe што се отселија

На нив има само две сценарија. Едната е сегашната, новопечена власт да победи (да ги освои поголемите градови и општини, вклучително и Скопје) и да ја добие целосно судбината на земјава и на луѓето во неа во свои раце. Тоа ќе значи дека ќе мора да почне да испорачува резултати веднаш, без нови сто дена и без нови конфузни потези со кои ќе нѐ убедува дека единаесет години и биле малку, пак дошла неспремна на час.

Второто сценарио е убедлива победа на сегашната, новопечена опозиција. Ширум отворената врата за волкот, ќе значи дека сме прославиле само некаква метафизичка победа над злото, краток блесок во мракот (како слоган на Левица) и живееме моментно едно мало демократско интермецо, меѓу две полувремиња од една иста диктатура. И со гласање и со бојкот, едно од овие две сценарија ќе се случи. Со нас или без нас, на пет-на-е-се-ти сеп… пардон октомври, овој народ ќе си ја земе судбината во свои раце…

Не, нема да ја земе. Судбината си ја зедоа во свои раце само ти што се отселија. Ние што останавме, само ќе ја предадеме судбината во рацете на партијата што ќе победи. Но, тоа не значи дека е неважно кому ќе ја предадеме.

Мерило дали добро сме ја предале судбината е дали ќе доживееме малку да поживееме во политичка самотија. Да, би било малку нескромно од нас, како жители на балканска земја, да ги бараме Маркесовите сто години самотија, многу се, но може ли да добиеме барем сто дена самотија?

Онака, малку здодевност, да нема никакви глупости, скандали, револуционерни реформи и паники од платформи, да се дебатира исклучиво за Струшките вечери на поезијата.

Еве, не мора да се првите сто. Нема додуша да се ни вторите сто зашто ни се паднаа локални избори. Но, некои сто понатаму, ни ги должите тие сто дена…