Пекиншката патка и батериите на Иванов

Обраќањето на Иванов навести дека „главното“ допрва доаѓа: фаза на воведување „ред и дисциплина“ против сите кои го нарушуваат комодитетот на политичката влада и ги трошат ресурсите на безбедносните сили, шарајќи по улиците и институциите.

Во почетокот на претседателскиот мандат на Ѓорге Иванов, група кинески новинари дојдоа во посета на Македонија, а меѓу бројните контакти и активности, имаа средба и со шефот на државата.

По средбата, со дискретна воздржаност, неколкупати срамежливо го проверуваа ноторниот факт: Значи, човекот со кого се видовме е претседател на државата? Не ми беше јасно зошто толку пати препрашуваат, сѐ додека не разбрав дека нивниот сомнеж произлегува од „тежината“ на разговорот што го имале со соговорникот.

Имено, главните поенти од разговорот биле сведени на две приказни.

Во првата, Иванов им објаснил дека оризот овде го донел Македонец кој пред многу години бил на работа во Кина (наводно им рекол пред 3.000 години). Бидејќи белото злато не смеело да се изнесува од тогашното кинеско царство, Македонецот го прошверцувал хранејќи со него пекиншка патка, од која потоа го извадил и го посеал. Благодарение на тој мал шверц реализиран преку дигестивниот тракт на патката, денес Македонија има големо производство на квалитетен ориз.

Не можам да се сетам што им одговорил на прашањето – како патката не го исфрлила оризот, имајќи предвид колку долго траело тогаш патувањето од Кина до овде, но се сеќавам дека неговите детаљни објаснувања им предизвикаа хистерично смеење и мајтап.

Втората приказна која им оставила силен впечаток, било објаснувањето како Македонија може да фати чекор со растечката кинеска технологија. Наводно, Иванов им ја презентирал неговата идеја дека овде може да се произведуваат заштитни полициски елеци, кои при движење на полицајците сами ќе создаваат енергија која ќе се складира во внатрешно поставени батерии, со кои потоа ќе може да се полнат мобилни телефони и електрични пендреци.

Повторно следуваше хистерично смеење. Дури и кога мислеа дека не разбираме зошто се смеат, ги издаваше изговореното „Иванов“ меѓу многуте, за нас, непознати кинески зборови.

Поминаа години, а на оваа веќе подзаборавена „кинеска епизода“ ме потсети последното обраќање на претседателот, од кое испливаа многу тазе наполнети батерии: и за уставни „пендреци“ врз „инструментот за уцена – СЈО“, но и за сите што „ги загрозуваат независноста и суверенитетот на РМ, со доведување во состојба на потчинетост и зависност кон други држави, центри на моќ или недржавни актери“.

Иванов (ин)директно соопшти неколку многу опасни тези, кои доколку се реализираат, можат да ја вратат земјава уште поназад од позицијата на која досега вегетира

Очигледно, ѓаволот ја однесе шегата. Се прашувам, кој ќе оценува дали некој го загрозил суверенитетот? Кој ќе ги дефинира „недржавните актери“?

Претпоставувам, партијата што во два мандата го кандидираше Иванов за претседателската функција, претворајќи го во лична замена за изумот што до денес не е сериски произведен, а сигурно би предизвикал идентичен „бум“ како и сите негови обраќања.

Денес тој стана уникатен примерок на посакуваната иновација – елек на батерии. Го облекуваат, го соблекуваат, го носат на хемиско чистење, му ги полнат батериите, го држат во некаков претседателски живот. Со енергија се полни од фреквенцијата на налозите на неговите работодавци, по што, во зависност од напонот, некогаш наивно, некогаш намерно, тој ги најавува нивните следни чекори.

А од нив точно може да се прочита дека главното допрва доаѓа.

Така Иванов (ин)директно соопшти неколку многу опасни тези, кои доколку се реализираат, можат да ја вратат земјава уште поназад од позицијата на која досега вегетира. Едната од нив, навестува дека врз основа на „карактерите и егото“ ќе се оценува кои политичари се неодговорни.

Учинокот, политичката или правната аргументација нема да се земаат предвид, а врз основа на претседателскиот легитимитет зацементиран со тоа што го преживеал импичментот, тој (партијата) ќе одредува за кого ќе има место на политичката сцена, а за кого не. Тоа значи натамошно заострување на односите со политичките опоненти и копање толку длабок јаз, од кој нема да се се слушне ни ехото од последниот крик на егзекутираното „Пржино“.

Тезите дека има „циркус во Собранието и театар на улиците од оние кои не ги признаваат и ги бојкотираат институциите и повикуваат на безредие и безвластие“, а по претходно акцентирање на прашањето „зарем требаше да ја употребам Армијата“, навестува фаза на воведување „ред и дисциплина“ против сите кои го нарушуваат комодитетот на политичката влада и ги трошат ресурсите на безбедносните сили, шарајќи по улиците и институциите.

Засега, тешко е да се процени кои потези би произлегле за спречување или ограничување на протестите, но сосема е извесно дека рестриктивниот процес ќе започне со „идејно-политичка диференцијација“.

Тука работите се веќе појасни, бидејќи Иванов недвосмислено ги најави низ оваа куса, но прилично глаголива реченица: „Автентичниот невладин сектор кој со години конструктивно придонесува кон решавање на бројни проблеми во општеството, да се дистанцира од оние поединци и групи кои протестираат само за да профитираат“.

Значи, многу побрзо од прочистувањето на Избирачкиот список ќе започне „прочистување“ на граѓанскиот сектор, се разбира според критериумите кои Груевски веќе ги навести, прашувајќи на роденденската прослава на ВМРО-ДПМНЕ: „Зошто 80 отсто од финасирањето на НВО во сиот изминат период доаѓа од еден центар, од еден извор, и зошто и останатите 20 отсто во најголем дел се финасираат од некого однадвор? Зошто Соросовите НВО кои веројатно се 80 отсто од сите НВО во Македонија, секогаш, ама баш секогаш се против ВМРО-ДПМНЕ?“

Ова ќе биде котата од која ќе почне диференцијацијата (дистанцирањето) на она што, според Иванов е „автентичен“ невладин сектор. Автентичноста, без сомнение, ќе се мери според наклонетоста кон власта.

Но, со оглед дека Груевски прелиминарно веќе ја измерил, може да се очекува дека 80 отсто од оние кои тој ги доживува како негови критичари, брзо ќе бидат прогласени за неавтентични или за „зависни од други држави, центри на моќ или недржавни актери“.

Ова воедно ќе биде вовед и кон конечна реализација на желбата на автентичната ГДОМ, која веќе побара да се укинат невладините организации. И не се сомневам дека целиот процес на диференцијација ќе биде замаскиран и продаван под етикета на некакви „реформи“.

Особено по „брегзит“, батериите за ваквите намери ќе се полнат до максимум, бидејќи ќе се смета дека погледот на Брисел веќе нема да биде толку насочен кон Македонија колку кон зачувување на шавовите на Унијата, па панцирните елеци порелаксирано ќе бидат подготвени да се соочат „гради во гради“ со сите неавтентични кои ќе сакаат незадоволството да го изразат на улица.

Ваквиот процес на „ердоганизација“ во односот кон невладините, не е од вчера. Тлее подолго време и бара начини и форми како да профункционира под параванот на „заштита на независноста и суверенитетот на земјата“, небаре наспроти себе има велепредавници, а не македонски граѓани кои го имаат истото право да го бараат тоа, за заштита од неодговорни и криминализирани елити.

Прашањето ќе биде која „армија“ ќе биде поголема – таа чиј врховен командант е Иванов или таа заедно со армијата граѓани кои се борат за слобода, владеење на правото и сите оние кои го оневозможуваат институционалниот пат до нив.

Разумен претседател и мудри политичари не би требало да го тестираат ваквиот сооднос. Станува збор за автентични граѓани, со интегритет, визии и потреба да засадат многу повеќе од ориз: демократски правила на однесување, транспарентност, отчетност, фер изборен процес и, пред сѐ, владење на правото.

А тоа можат да го разберат само оние кои се способни и подготвени одговорноста и животот да не ги третираат како момент на конјуктурно функционирање помеѓу две ништожности (пред нив и по нив) туку за суштински промени кои ќе ѝ ја вратат енергијата на државата и ќе ја направат респектиран меѓународен партнер, а не приватна играчка на батерии, со неизвесен рок на траење.