„Погребен венец“ и за Правниот факултет

Оставката на Давитковски го внесува Правниот факултет во еден уште потурбулентен период, во кој нема да биде прашање само дали и колку миленичиња на власта ќе бидат вработени таму. Ќе остане забележано дека она што студентите на улица го одбранија, професори на универзитетска маса го предадоа. Студентите нема да го простат ова „бело знаме.“

Не разбирам зошто професорот Борче Давитковски поднел оставка на функцијата декан на Правниот факултет. Штурите новинарски информации за ваквиот потег имплицираат дека се работи за чин на негов протест по повеќемесечни инспекции, од кои со последната инспекција од него било побарано да ги поништи изборитe за редовни професори, на професорите Добринка Тасковска, Димитар Гелев и Томислав Гроздановски, поради наводни нерегуларности.

Ако изборот на тие тројца професори со сите неопходни процедури и рецензии бил одобрен и од Научно-наставниот совет и од универзитетскиот Сенат, не вчера или завчера туку пред многу години, тогаш деканот Давитковски на своја страна ги има сите гранитни аргументи зошто НЕ ТРЕБА да поднесе оставка, а не обратно!

Одбраната на универзитетската автономија не треба да биде „работа“ и интерес само на студентите, туку и на професорите! Ако во храмот на „Јустинијан Први“ со години работат професори чиј статус е легално и легитимно одобрен и потврден од највисоките тела на Универзитетот, тогаш основна обврска на деканот е активно да го брани нивниот избор и статус, а не да се пасивизира под притисокот да бидат избрани некои други, „поподобни“ кадри, не според силата на знаењето, туку според силата на интервенциите од власта.

Од тој аспект, со овој потег Давитковски отвори многу прашања. Ако ова, како што тој изјавил, била „последната капка“ што ја прелееала чашата, директно потврдува дека јавноста и немала никакви информации што се случувало со месеци на Правниот факултет, ниту какви притисоци му претходеле на последниов чин. Затоа, прво ќе мора да објасни поради кои причини имало „повеќемесечни инспекции“ на факултетот, дали тие биле исклучиво од инспекторатот за образование или и од некои други ресори?

Тој одговор и го должи на јавноста, но пред се на студентите, кои неколку месеци протестираа бранејќи ја универзитетската автономија и имаат право да знаат зошто за сето тоа време државни службеници со инспекциски овластувања темелно ги треселе архивите на Правниот факултет.

Само одговорот на сите овие прашања ќе даде целосна слика за состојбите на факултетот, но и за мотивите на деканската оставка.Во спротивно, ќе остане сомнежот дека Давитковски решил да им ја олесни работата токму на оние кои планирале да спроведат селекција и кадровски упад на факултетот.

Оставката на деканот значи токму тоа – отворање врата за избор на вршител на должност, односно за нов декан кој ќе ги спроведе барањата на инспекторатот. Формално, друг декан ќе ја спроведе таа постапка, но откако Давитковски фактички го овозможил тоа. Потписот на неговата оставка е „потпис“ за иден отпис на сегашни колеги избрани од Универзитетскиот сенат, а за прием на идни, по избор на „Илинденска“ број 2.

Имено, со оваа оставка тој не се става во одбрана на неговите колеги кои се легално избрани професори, туку директно ги жртвува нивните професорски судбини, оставајќи ги на бришан простор за кадровски политики што доаѓаат од атарот на „одмаздата на повторувачите“.

Односно, ги користи како формално покритие заради повеќеслоен „пукнат филм“ со многу заплети.

Затоа, во оставката не гледам ништо ни морално, ни херојско, ни професорско, а во случајов и ништо принципиелно во одбрана на правното, што е посебно разочарувачки за декан кој по функција треба да го брани угледот на Правниот факултет, неговиот интегритет и знаењето што таму го стекнуваат идните гаранти на владеењето на правото во оваа земја.

Ако, пак, сето ова е резултат на некакво чистење на некакви „авгиеви штали“ на Правниот факултет, тогаш не може за децениското игнорирање на тој смет цехот да го плаќаат тројца професори кои од нивните позиции на никаков начин ниту можеле, ниту допринеле во неговото создавање. Не може нивните професорски звања, научни трудови и посветеност на студентите да бидат злоупотребени за каква било цесија или политичко порамнување и раздолжување на кадровски или финансиски сметки.

Сосема ми е јасно дека Универзитетот со години е мета на притисоци од оние кои преку узурпција на власта тешко ги нарушуваат уставните принципи кои ја гарантираат неговата автономија. Но, токму во периодот кога студентите покажаа посебен отпор и непобедлив имунитет кон таквите обиди, тешко е да се прифати дека нивен декан потклекнал пред притисоци токму во тие „ѕвездени моменти“ на Универзитетот.

„Потклекнал“, дури е и многу благ израз за вистинската суштина на тој потег на Давитковски. Имено, со оставката тој го внесува Правниот факултет во еден уште потурбулентен период, во кој нема да биде прашање само дали и колку миленичиња на власта ќе бидат вработени таму. Ќе остане забележано дека она што студентите на улица го одбранија, професори на универзитетска маса го предадоа.

Студентите нема да го простат ова „бело знаме“. Нивната казна ќе биде многу построга од политички нарачаните казни на инспекторатите.