Поранешниот премиер на поранешната република

Позицијата му овозможува на Груевски во исто време да биде и градоначалник, и главен архитект, и главен образовен инспектор, и главен лекар, и… да биде истовремено и поранешен и актуелен премиер. Можеби и актуелната држава која во името има додавка „Поранешна… Република“ не заслужува да има ништо друго туку актуелен поранешен премиер. 

Сте забележале ли дека во последно време во јавниот простор Никола Груевски се ословува речиси исклучиво како „поранешниот премиер“. Дури и првиот дел од онаа долга етикеција „лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и поранешниот премиер“, дали поради несмасност или поради нешто друго, сѐ почесто отпаѓа. Бидејќи зборовите, фразите, па и ословувањата нешто значат има некоја причина зошто Груевски е единствениот „поранешен премиер“ во македонската историја, а богами, како се вели она, во регионот и пошироко. Имено, значајно е тука да се констатира дека тој никогаш не е „бивш премиер“ туку секогаш е „поранешен“.

Од друга страна, актуелниот премиер Емил Димитриев, никогаш не е „актуелен“ (наспроти „поранешниот“) туку, едноставно, само е „премиер“, а богами многу често во медиумите што ја протежираат владејачката партија „технички премиер“, па дури и „техничкиот премиер на Владата што треба да ги спроведе изборите“, што и да значи тоа.

Во таа смисла, токму „премиерувањето“ на Димитриев е најдобар доказ за импровизацијата, дури и фарсата на која се сведува практикувањето на македонската политика. Не само суштински (што ни е познато одамна) туку и формално. Имено, според Договорот од Пржино, премиерот треба да се повлече на сто дена пред избори и да му ја отстапи оваа функција на „технички премиер“. Димитриев, како што гледаме, не се повлече од функцијата. И никој не само што не се буни (од опозицијата) туку се чини дека немаат ништо против.

Што значи тоа во формална смисла, освен што Договорот од Пржино не е испочитуван во еден негов важен сегмент. Се разбира, тоа значи дека Димитриев или не бил премиер или сето време бил „технички“ премиер, што пак, носи додатни последици – дека ние целиов овој период, всушност, имаме техничка влада, која следствено на ова не смее да носи квалитативни одлуки, на пример, да се задолжува со евро-обврзници и слично.

Но, да се вратиме на „поранешниот премиер“. Се разбира дека Македонија има неколку поранешни премиери. Од покојниот Никола Кљусев па до Груевски. Дури имала и премиер што си дал оставка за време на владеењето на партијата што го поставила. Се сеќавате на Хари Костов? Се разбира дека се сеќавате, но не се сеќавате дека за него некој во јавниот дискурс рекол „поранешниот премиер Хари Костов“, како ни за Бранко Црвенковски, Владо Бучковски, Љупчо Георгиевски, па и Никола Кљусев.

Сегашниот поранешен премиер својот статус го заслужува токму затоа што е – премиер! А оваа позиција му овозможува во исто време да биде и градоначалник, и главен архитект, и главен образовен инспектор, и главен лекар, и… да биде истовремено и поранешен и актуелен премиер.

На крајот од краиштата, можеби и актуелната држава која во името има додавка „Поранешна… Република“ не заслужува да има ништо друго туку актуелен поранешен премиер

Затоа и мислам дека обраќањето со „поранешен премиер“ е погрешно. Посоодветно би било ословување со „актуелниот поранешен премиер“. Оксиморон? Јасно, во земја на оксиморони, оксиморонот е правило, а не стилска фигура. На крајот од краиштата, можеби и актуелната држава која во името има додавка „Поранешна… Република“ не заслужува да има ништо друго туку актуелен поранешен премиер.

И токму во таа функција Груевски, да не заборавиме – обвинето лице, забревтано ја турка својата преуранета предизборна кампања. Не, не зборувам тука за вонредните парламентарни избори што евентуално би требало да се одржат на 11 декември – нив ги „реши“ со традиционално покачување на пензиите за десетина евра. Зборувам за оние избори што ќе се одржат следната година, за локалните, со што Груевски покажува колку и формално и суштински ја почитува локалната самоуправа и што, всушност, за него значи зборот „самоуправа“. Инаку, како да се објасни дека најавата за купување нови градски автобуси што личат на трамваи ја кажува лично „актуелниот поранешен премиер“, а не, на пример, градоначалникот на Скопје.

Од темата „пензионери“ видовме нагол пресврт кон темата „претшколски деца“, олицетворена во новиот проект „Градинка за секое дете“ и повторно преку ликот и делото на „актуелниот поранешен премиер“, со што Груевски покажува дека се грижи не само за локалната самоуправа туку и за нашата и негова иднина, односно за изборите што ќе достасаат некаде за 14-15 години. Треба отсега да се клиентизираат новите гласачи.

Но, да не бидам разбран погрешно. Секако дека ја поздравувам оваа акција. Се надевам дека таму негде во 2019 или, зошто не, уште во 2018 година ќе биде изградена и градинка во Тетово, па оние средношколци што наместо во училиште (кое го немаат) „висат“ на тетовскиот плоштад, релативно бргу ќе добијат простор за учење. Тоа што е во прашање градинка, а не гимназија и не е толку битно. Барем не во нашиот образовен систем.

А тука е и наталитетот. Не знам, кога веќе Груевски од пензионерите се заврте кон претшколските деца и прашањето на наталитетот (каде што сме повторно лидери кај нас, а богами и во регионот и Европа), можеби ќе стаса и до некои уште помали возрасти, можеби дури и до репродуктивните органи, па можеби ќе се сети да направи еден проект насловен како „Гинеколог во секоја општина“. Но, таква футуристичка идеја веројатна  е неостварлива во XXI век.

Единствено идејата со електричните автомобили ми е малку сомнителна. Колку чини одржувањето на еден таков автомобил, колку се резервните делови, какво е возењето и ќе може ли да го издржи непрекинатото патување од Струмица до канцелариите на Државната изборна комисија во Скопје? За Силвана Бонева прашувам. И, по ѓаволите, колку струја ќе мора да потроши Бонева со својот приватен електромобил? Ќе предизвика ли тоа енергетска криза во земјата?

На крајот останува прашањето од почетокот: зошто Груевски е „поранешен премиер“? Поетот рекол дека сласта е сласт, а власта е власт. И не бил во право. Власта е сласт.