Весна уплатила рана резервација за годишен одмор во првата половина на септември. Испланирано ѝ е сѐ: со кое друштво ќе летува, кои места ќе ги посетува. Дарко уплатил за полагање возачки испит – планира до април да биде целосно обучен за седнување зад воланот.
Мики е растрчан по документи – годинава планирал да се запише на докторски студии на некој европски универзитет. Петар аплицирал за кредит – од март ќе почне со изградба на дом. Не е женет, но во неговиот животен план на прво место е да има семејство, деца, свој покрив над главата…
Секој ден, на секој чекор меѓу луѓето од вашето опкружување може да слушнете десетици планови. Некои се микропланови – од денес за вечер, од денес за утре, некои краткорочни, други среднорочни, трети подолгорочни. Планот е првата скица, нацртот зад кој стои желба, идеја, мечта, сон и тие се главниот погон што ги води луѓето да бараат пат до нивна реализација.
Единственото нешто што не може да го испланираме е – во каква држава ќе се родиме. Не знаеме дали ќе имаме среќа да се родиме во држава целосно одговорна кон потребите на нејзиниот најважен социјален капитал – граѓаните, или ќе се родиме во држава што е во лабава или во никаква коалиција со нив.
Во време кога немаме ни саглам учебници, ни алтруизам, ни емпатија, Благојче одржа голема и тешка лекција, платена со својот живот
Но, ако имаш непредвидлива болест како цистична фиброза, а си се родил во Македонија и државата не ти ја обезбедува неопходната терапија, тогаш немаш право ни на план, ни на мечта, ни на сон. По кратка постапка си осуден да живееш живот без живот, во болка, грч и неизвесност, а со голема извесност дека деновите ќе ти бидат дополнително отежнати со пречки од армија бирократи и дебелoкошци.
Замислете како изгледа животот, во кој календарот не е платформа за планирање, туку за стравување? И како изгледа тој, кога со факторот „време“, кој е многу важен за справување со болеста, си поигруваат неодговорни и незаинтересирани институции?
Благојче Илијевски ни кажа како изгледа тоа. За жал. Зар тој немал желби и планови? Ама како да ги прави, кога „пасворд“ за сите негови перспективи бил магичниот збор „трикафта“ или „кафтрио“, името на терапијата до која немал пристап?! Во време кога немаме ни саглам учебници, ни алтруизам, ни емпатија, тој одржа голема и тешка лекција платена со својот живот.
Не сум сигурна дека надлежните разбраа каков пораз за општеството е неговото заминување. Нѐ ни понудија доказ дека разбрале, со одговори „јас не сум надлежен“ или „Министерството не ги купува лековите, туку го организира системот“ или „Министерството за здравство уште на 27 јануари побара од владата да донесе одлука за обезбедување средства за набавка на терапија“.
„Уште на 27 јануари“ значи – вчера, а проблемот со недостиг од терапија не е од вчера. Секако, товарот на одговорноста не паѓа само врз актуелниот министер за здравство, туку врз целиот синџир од институции (и сега, и во изминатите години) бидејќи биле обврзани да направат сѐ за да се набави терапијата и да се избегнат долгите процедури. Не направиле ништо.
Ние и не знаеме низ што сѐ поминувал Благојче и сите други што се соочуваат со истата болест. Мислиме дека знаеме, ама ништо не знаеме. Најдобро си знаат нивните семејства. Само знаеме дека од 1991 година до денес сме имале 14 министри за здравство, заклучно со Беким Сали. И што е важно дали за некој ден ќе имаме и 15-ти министер, ако ресорот здравство е претворен во полигон за партиско-политички натпревар, а не она што е негова основна дејност.
Поминаа четири месеци откако беше пласирана информацијата дека „една партија со 8 пратеници чека да влезе во Владата“. Четири месеци во политичкиот живот главна тема беше дали ќе има проширено мнозинство, кој каков ресор ќе добие, кој што ќе изгуби, колку директорски места ќе ќари. Не запре алчноста по позиции и провизии, божем во име на европската иднина.
Другите прашања останаа на маргините, под тепихот, таму каде што секогаш се туркаат „неприоритетните прашања“ зад кои стојат живи луѓе и човечки судбини. Приоритетни секогаш се политиката и партиските интереси, кои немаат време за граѓаните затоа што се зафатени со високи политики, повисоки и од Монт Еверест, со неговите 29.035 метри.
И што е важно дали за некој ден ќе имаме и 15-ти министер, ако ресорот здравство е претворен во полигон за партиско-политички натпревар, а не она што е негова основна дејност
Од толку „високо“ не се гледа во каква дупка сме пропаднати. Била скапа набавката на „трикафта“, ама види чудо – не е страшно што ќе платиме отштета од најмалку 8,5 милиони на италијанската фирма поради раскинување на договорот за Клиничкиот центар. За раскинат договор од страна на ЕСМ во 2016 година од германска фирма сме биле тужени за 28 милиони евра. И за тоа сигурно ќе имаме. Или за двојни „породилна“. Ревизорот утврдил дека во 2021 година, Фондот за здравствено осигурување исплаќал надоместоци за породилно отсуство и кога осигурениците добивале плата за ефективни часови на работа.
Кога недомаќинлак и дилетантизам ги одлеваат парите од државната каса, тоа е причина за одговорност пред законот, а не за оправдување дека нема пари за нечија терапија. Прво мора да има пари за лекови, а потоа за службени возила, канцелариски мебел и фотелји со грејачи за задникот.
На луѓето им е смачено да слушаат како утре ќе ни процветаат рози, додека главната приказна е сведена на едно прашање – дали Алијанса за Албанците ќе стане добра патерица за лошо скршената нога на ДУИ? И дали сето тоа ќе биде убаво спакувано и со европска етикета.
Кога некои несоодветни говорат за европеизација, тој збор ја губи смислата на неговото значење. Исто како и здравството. Исто како и животот.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија