Престапник се вовлече меѓу нас!

Извори од граничната полиција тврдат дека госпоѓата во формуларот напишала оти планира да остане цели 366 дена и покажала некаква меѓународна дозвола за престој, со назнака „престапна“. И сега треба да пуштиш престапник да ти влезе во државата. А доаѓа директно од земја на ЕУ! Ете ти проблем уште на 1 јануари.

Се чудам кaко дојде Новава Година. Набрзина се вовлече меѓу нас и веднаш го закачи календарот со некаква претенциозност дека таа ќе била многу важна, речиси пресудна. Не разбирам од каде ја црпи таквата самоувереност.

Искрено, јас мислев дека таа ќе заглави на граница. Во правна држава како нашава, никој не може да влезе туку така, па нека е и Нова Година. Некои работи мора темелно да се проверат.

Прво, нели ви е сомнително што пеш ја поминала границата? Второ, треба ли да видиме каков пасош има госпоѓата – оригинал или фалсификат од некој чауш? Трето, да видиме според багажот што го носи, дали е изборно ориентед или не е? Мора да се изјасни и во какво својство доаѓа – како мигрант или како бегалец? Дали ќе го ни го троши за џабе времето како ланската колешка, или планира нешто на подолг рок…

Извори од граничната полиција тврдат дека во формуларот напишала оти планира да остане цели 366 дена и покажала некаква меѓународна дозвола за престој, со назнака „престапна“. И сега треба да пуштиш престапник да ти влезе во државата… А доаѓа директно од земја на ЕУ!

Грците пак нешто глумат лудило, а се гледа дека еден час претходно ја удавиле во „узо“. Што да се прави? Ако ја ставиш на алко-тест, веднаш ќе се повика на меѓународно право. Ете ти проблем уште на 1 јануари.

Но, и без тоа, сосема е очигледно дека Новава сака да провоцира. На пример, со црвено го заокружила датумот 15 јануари. На што алудира? Во Македонија единствено народот може да реши кој датум ќе биде заокружен со црвено. Во април, на пример, не заокружила ништо. Зошто? Остава неизвесност? Па после ќе биде априли-ли-ли…

За вакви шибицарски финти најдобар лек си имаше туркменистанскиот претседател Сапармурат Нијазов. Нему, во 2002 година, во една слична ситуација му пукна филмот, и човекот јавно соопшти дека ќе и го смени личниот опис на годината. Како што вети – така оствари!

На јануари му го даде сопствено име, април го крсти по мајка му, а другите месеци по имињата на братучедите и членовите на фамилијата. И не застана на тоа. Ги смени и имињата на деновите во седмицата. Тој, односно народот решаваше кој ден од календарот ќе биде заокружен со црвено. Воведе нови празници: „Ден на коњите“ (27 април), „Ден на лубениците“ (10 јули), „Ден на дрвото“… Не, грешка. Последново не беше таму…

Потоа го суспендираше одбележувањето на какви било светски денови. На пример, не само што не го признаваше Светскиот ден за борба против сидата, туку со закон ја забрани сидата (!!!), па дури и самата употреба на зборот сида.

Реално гледано, не му беше воопшто тешко да го среди календарот, бидејќи претходно успешно ја среди проблематичната опозиција, односно ја укина, па потоа времето работеше само за него.

Како за низок човек (150 см.) си направи прилично висок споменик (12 метри, а дигнат на постамент од 75 метри) и наштелуван да се врти така што постојано ќе биде свртен кон сонцето. Призна дека лично не сака да се гледа на споменици, ама мора, бидејќи народот тоа го бара.

А народот ненаситен, бараше толку многу, што Нијазов секој ден мораше да подига нови и нови споменици. Се изнаработи човекот. Макар што јас не би се кладела толку на народот, бидејќи тоа е една многу чудна сорта. На пример, кога Нијзов почина во 2006 година, одеднаш истиот тој народ побара да се тргне неговиот споменик. Но, за ова во друга прилика.

А додека беше жив, по барање на народот, тој го смени дури и името на зборот леб. Од „чорек“ го прекрсти во „чоколада“. Не, грешка. Тоа беше во некоја друга држава… Нијазов на лебот му го даде мајчиното име: Гурбансултан. Потоа даде целосни субвенции за користење вода, гас, електрична енергија и рафинирана сол. Тие станаа целосно бесплатни за сите граѓани.

Странски служби ширеа пропаганда дека во негово време секој трет граѓанин завршил во затвор, а секој втор останал без работа. Нијазов беше длабоко изненаден од ваквите лажни, монтирани и креирани обвинувања. Дотогаш никој не му се пожалил за такво нешто, со оглед дека секој ден имаше искрени тет-а-тет средби со граѓаните ширум татковината. Дека странските служби лажат и дека тој е омилен лик, докажаа телевизиите, кои содржините му ги посветуваа нему и само нему, како и насловните страници на весниците. Секој ден без исклучок.

Неговата книга Рухнама, еден вид водич за национална преродба, ја стави во ранг на Уставот и Куранот и секој граѓанин што имаше свест дека знаењето е сила и моќ, мораше да знае што мисли Нијазов за моралот, бракот, фамилијата, хомосексуалците…

Книгата 24/7 се читаше на државната телевизија. За неа беше воведен и посебен испит, како главен услов за упис на факултет, вработување, добивање возачка дозвола… Наместо Хипократова заклетва, лекарите беа должни да даваат заклетва пред Рухнама.

Нијазов беше и многу транспарентен човек. Не криеше тајни пред народот. Јасно кажа дека секој што трипати ќе ја прочита неговата книга, ќе оди директно во рајот! Ветено – остварено. Први ја прочитаа академиците. И тие, и многу други граѓани, навистина брзо отидоа во рајот.

И после сите тие убавини што им ги овозможи, знаете ли за што му се налутија? Затоа што забрани емитување музика од носач на звук на Радио и ТВ. А што да прави, кога тамошното ЗАМП се искара со медиумите околу музиката. Нијазов мораше да пресече: за да нема кавги, нареди музиката да се изведува само во живо!

Некои не беа задоволни ни од тоа, и почнаа да сукаат мустаќи, па тој мораше повторно да интервенира. Забрани мустаќи, брада и долга коса за мажите. Потоа сите беа исто потстрижени и залижани со гел. Во еден период тоа важеше и за странците, па на граничните премини испрати фризери и бербери за да ги бричат и стрижат сите што влегуваат во државата.

На крајот ги „потстрижа“ и пензионерите. Со години им даваше разни привилегии, ама кога виде колку пари одат за нив, на упорно инсистирање на народот ги укина пензиите и издаде наредба: младите финансиски да се грижат за старите! И не само тоа. Сите пензионери со радост и задоволство ги враќаа парите што ги добивале две години наназад, пред донесувањето на одлуката.

Сакам да кажам дека само тој и народот одлучуваа во која година какво изненадување треба да се приреди, а не да бидат неподготвени и изненадени од самоволијата на годината што дошла.

Затоа велам, дајте да бидеме малку повнимателни со оваа 2016-та. Нека ви е среќна и бериќетна, ама не и дозволувајте така лесно да ви се излизга низ рацете. Зграпчете ја уште денес. Како што вели народот – што носи денот, не носи ни годината! А народот мора да се слуша…