Псе јо?

На ДУИ мора да им се признае дека се врвни мајстори на пиарот. Во изминатите денови ја предизвикуваа љубопитноста на јавноста со oбјавување порака на зелена заднина, само со три бели точки (кои на прв поглед алудираат дека нешто ќе следи…), а потоа на истата заднина ставија знак прашалник. Љубопитноста дополнително се зголеми по информацијата дека ДУИ на 5 јуни „ќе објави нешто“.

Премиерот Заев уште повеќе ја заинтригира јавноста, објаснувајќи дека ДУИ „ќе соопшти убава работа“, но не откри детали, оставајќи тоа ДУИ самата да го сподели со јавноста. На крајот, министерот Бујар Османи потсети дека „станало пракса на роденденот на ДУИ (5 јуни), секогаш да се објавува нов концепт, ново поглавје, нов пристап“.

Прво што очекувам е Али Ахмети по 19 години на чело на ДУИ да се обрати и на македонски јазик, бидејќи тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент

Се извинувам ако грешам, но не можам да се сетам на таква роденденска пракса во повеќе години наназад, освен во минатата. Тогаш, земјава беше накитена со билборди на кој беше испишан интригантниот кус слоган „Pse jo“ (Зошто да не?), па на 18-от роденден на ДУИ конечно дознавме дека тој се однесувал на фактот дека „дошло време за премиер Албанец“. Десетина дена подоцна беше откриено и името на кандидатот – Насер Зибери. Тој не стана прв премиер Албанец, туку втор Албанец народен правобранител (по двата мандата на Иџет Мемети).

Лидерот на ДУИ, Али Ахмети, завчера од Липково порача дека на 5 јуни „партијата повторно ќе излезе со платформа, која првично ќе биде дискутабилна и со големи дебати, како што се дебатираше и за првиот албански премиер“. Што ли би можело да биде тоа што ќе предизвика уште поголема дебата од ланската?

Заев, кој навести дека знае за што станува збор, уверува дека новината од ДУИ е убава. „Убава, затоа што е целосно во корелација во работењето на владата, затоа што е модерна и соодветна на 21 век. Мене ме бендисува тоа што вака се размислува во највисоките органи и тела на ДУИ. Јас ќе оставам ДУИ да соопшти затоа што тоа е нивна агенда, нормално споделена со нас. Ќе ги препознаете голем број од државните политики како биле вградени согласно новата агенда што ја има ДУИ. Јас верувам дека сето тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент во државата. Еве, ние во СДСМ направивме сериозни промени, непосредни избори со 50 проценти жени и мажи, поголема застапеност на младите итн. А тоа ДУИ што го прави е навистина освежување и убава новина“, рече премиерот.  

Ако правилно ја разбирам оваа изјава, и ако новината навистина е модерна и соодветна за 21 век, прво што очекувам е Али Ахмети по 19 години на чело на ДУИ да се обрати и на македонски јазик, бидејќи тоа е во духот на унапредување на севкупниот политички амбиент.

Второ, поради истите причини очекувам ДУИ да предложи укинување на Министерството за политички систем, бидејќи неговата улога е надмината со концептот „Едно општество за сите“, исто како и вработувања по принципот на правична и соодветна застапеност, процес, кој во иднина треба да се темели само на мерит систем, затоа што референците на граѓаните и од најголемата и од помалите заедници треба да бидат единствено компетентноста и вештините, а не етничката припадност.

Дотолку повеќе што досегашниот начин на вработувања повеќе од една деценија се претвори во синоним за непресушен извор на гласачи на ДУИ, обезбеден преку создавање партиски клиентелизам. Очекувам Ахмети јавно да каже дека по 19 години, тие стануваат партија што ќе докаже дека не ѝ е потребно клиентелистичко погонско гориво за да стигне до победа.

Очекувам да каже дека е потребен натпревар со концепти за развој, а не со етноцентрични прикаски, во кои како супститут за отсуството од видлив успех се инсталира функција „прв вицепремиер“, нешто што нема никаква основа во законот, но секакви мотиви во суетата.

Очекувам дека повеќе никогаш нема да си дозволи приватна прослава на неговиот роденден во државен објект (како што го прослави последниот во Министерството за политички систем), бидејќи секоја демократска и современа партија треба прва да се спротивстави на мешањето на партиското со државното. Тоа е манир за 21 век.

Очекувам Ахмети јавно да каже дека по 19 години, тие стануваат партија што ќе докаже дека не ѝ е потребно клиентелистичко погонско гориво за да стигне до победа

Очекувам модерен концепт, во чиј центар ќе биде граѓанското, концепт кој конечно ќе ја демонополизира и испрати во историјата самопрогласената позиција на ДУИ за овластен чувар на етничкото, за „мајка на сите партии“, небаре пред неа Албанците немале свои партиски субјекти.

Очекувам концепт што ќе ја потврди вербалната заложба за владеење на правото, за неселективна правда и против вечната неказнивост на кадри од власта, меѓу кои и од ДУИ, наместо слаткоречиви оправдувања од типот „дека и во ДУИ сите не се ангели“.

Ако не се ангели ни таму, ни во други партии, што со тоа? Ќе живееме од констатации или ќе се залагаме за санкции, како што се прави во правна држава.

Утре ќе видиме, дали и колку описот на Заев за убавата работа се совпаѓа со суштински концепти што можат да се наречат модерни и соодветни за 21 век. Добро е секоја партија да се освежи со нови кадри, со поголема застапеност на младите и со елиминирање на дисбалансот меѓу мажите и жените во раководните структури.

Во тој корпус спаѓа и прашањето за смена на генерациите во партиите. Дали може да се очекува, на пример, Ахмети по 19 години на чело на ДУИ да најави смена на кормилото, а во која не би влегле кумчиња, роднини и сѐ што може да се подведе како негово „алтер его“. Псе јо?

Сѐ друго што нема да рефлектира суштински промени, кои треба да водат до реализирање на граѓанските интереси, туку ќе се сведе само на нови досетки за мултиплицирање на моќта и сигурноста во етнички наративи, во партиските и во владејачки ешалони, ќе биде под очекувањата на граѓаните. Не е важно кој ќе ги запали свеќичките на тортата и кој ќе дува во нив, туку кој е подготвен да дува во едрата на реални промени, доколку навистина постои искрен план и намера за тоа.