Референдумско прашање

Колумна на Сашо Кокаланов

Белиот чад од Брисел и извиците: Хабемус компромис! кои можеа да се прочитаат и на челата на европските функционери (види Могерини), значат само едно: откако фино ќе се одмориме по грчките песочни плажи, кој во првото полувреме кој во второто полувреме на летото, нѐ чекаат продолженија и жешко циганско лето.

Не знам, всушност, дали е политички коректно да се нарекува вака жешкиот септември (во Норвешка, на пример, како што прочитав во брилијантниот роман „Битлси” на Лас Кристенсен, се вика индијанско лето, а и тоа кај нас по бомбите доби политичко-етничка конотација), ама дека ќе биде жешко во септември, ќе биде.

Судбината сакаше, за разлика од првите два Илиндена, кои беа револуционерни и се паднаа на 2 Август, вториве два да бидат референдумски и да се паднат и двата во септември. Ако сѐ тече според планот, кон крајот на септември, државата ќе ни се обрати нам, на граѓаните, и ќе нѐ праша за мислење за ново име, по сè изгледа тоа ќе биде името Северна Македонија, што воопшто не е лошо, зашто ако температурите се високи, барем името да носи какво такво разладување во себе.

Една од клучните работи за успехот на референдумот ќе биде како ќе биде формулирано прашањето. Додека вие решавате крстозборки по плажите, авторите на референдумски прашања ќе мораат да решаваат други енигматски ребуси, пресудни за нашата и вашата иднина.

Има многу модели и начини како да се постави прашањето. За да им го олеснам решавањето на овој историски ребус и да помогнам во успешното окончување и на четвртиот Илинден, решив да понудам повеќе конкретни варијанти.

Поточно, од чисто суеверни мотиви, за да го скршам малерот, се решив за следниве 13 референдумски прашања, со анализа на нивните добри и лоши страни.

  1. Традиционално македонско: Дали сте за Република Северна Македонија, со можност таа да стапи во заедница со останатите членки на НАТО и на ЕУ?

Предности: Ова ни е коњак референдумско прашање, со долга и плодоносна традиција во нашата богата референдумска историја, докажано и проверено, со резултати во просек и од над 90 отсто успешност.

Слабости: Народот има една поговорка дека секој ден не е Велигден. Што ако секој септември не е осми?

  1. Преоптимистичко: Дали баш ве заболе каква придавка ќе ни втераат во името, само да станеме еднаш веќе нормална земја?

Предности: Вака поставено, тоа би било најискреното референдумско прашање поставено кога било во историјата на човештвото.

Слабости: Истата таа историја потврдила дека не се исплати баш секогаш човек да е искрен до балчак.

  1. Препесимистичко: Дали сте за географска одредница „северна”, со можност по распаѓањето на ЕУ и на НАТО да си го вратиме старото име?

Предности: Лице на кампањата би бил Ристо Никовски, а маскота – Оливер Андонов. Можеби овие двајца не се секогаш добитна комбинација, но нивниот глас за името се слуша во оваа напатена земја на пропаднати аграрни и ментални реформи.

Слабости: Што ако ЕУ навистина се распадне, или да бидам попрецизен – што ако успееме да ја распаднеме ЕУ? Фино рекле мудрите, внимавај што ќе посакаш, зашто може да ти се исполни.

  1. Нововмровско: Дали сте за силна Македонија, со крената глава, горда и непокорна, Македонија на Македонците, со можност еден ден Северна да се обедини со Јужна (Егејска) и со Источна (Пиринска) и повторно да имаме една Македонија, како во песните на Војо Стојановски, со главен град Солун и со Мицковски за премиер?

Предности: Ќе се зголеми продажбата на гел во државава, зашто Мицковски ќе мора активно да агитира за поголема излезност, што, пак, ќе биде поттик за целата економија во земјава.

Слабости: Грција може да најде и во едно вакво прашање извесни црти на благ иредентизам.

  1. Старовмровско (тврдокорно крило): Дали сте за Република Северна Македонија со можност наскоро во апартманите на Халкидики да патуваме без пасоши, а од солунскиот аеродром да летаме со оригинални наместо со фалсификувани пасоши?

Предности: На ваквото прашање позитивно ќе одговорат и најтврдокорните вмровци.

Слабости: Тврдокорното вмровско тело е толку ослабнато што не би поминало цензус ниту на внатрешен референдум во партијата.

  1. Сдсмовско (заевисти): За нашите советници дојде животот! Сакате ли да дојде животот и за вас останатите? 1. ДА (Северна Македонија), 2. НЕ (Е па, ако не Груевски да го вратиме)

Предности: Никој не сака Груевски да се врати, можеби дури ни самиот Груевски кога стои гол пред огледало само со антички шлем на главата, така што можно е луѓето да го заокружат првиот одговор, според систем на елиминација.

Слабости: Со вакво прашање, референдумот може и да не го помине цензусот, па навистина да го вратиме Груевски и да си ги чукаме главите во ѕид и во споменици нови единаесет години, а ако крене светот раце од нас – можеби и сто и единаесет.

  1. Сдсмовско (бранковисти): Дали сте овој референдум да пропадне и пак да се врати Бранко?

Предности: Луѓето по навика гласаат против Бранко, па можеби ќе гласаат референдумот да не пропадне.

Слабости: Можно е и преостанатите двајца до тројца бранковисти да се повлечат од активен политички живот и да се изборат за доживотна државна пензија.

  1. Левица-прашање: Се зезам, секако, не постои такво.

Предности: Ако сепак се смисли некакво левица-прашање, најголема придобивка ќе е што Димитар Апасиев ќе си поднесе кривична пријава самиот на себе, што, за разлика од сите останати пријави за велепредавство што ги поднел новиот Тодор Петров на македонската политичка естрада, оваа е со добри изгледи да биде прифатена.

Слабости: Излезноста ќе е помала од 0,1 отсто.

  1. Експертско (Фрчкоски): Дали сте за јуридицијална аџективизација на меџународната и домашната номенклатура на државата заради ултимативно интегративни цели, со брз влез у ЕУ и у НАТО, као и со двострана облигација да не се чепка у нација и у јазик?

Предности: Повеќето луѓе нема да го разберат прашањето што кај ваквите референдуми може да донесе само добри резултати. Всушност, колку повеќе се трудиме да го разбереме прашањето, толку е поголема опасноста да го излизгаме референдумот, а тоа е во крајна инстанца штетно за нацијата.

Слабости: Има опасност многумина да се откажат од гласање, зашто ќе им е срам да прашаат што значи аџективизација. Се разбира, за да не ја кажат точната причина за неизлегување на гласање, ќе лажат дека се на викенд во Солун, а всушност ќе седат дома со спуштени ролетни, зашто немаат пари да мрднат.

  1. Експертско (Владо Поповски-Фрчоски): Исто со претходното, само би платиле два хонорара.

Предности: Штом двајца експерти стојат зад прашањето, сигурно вреди да се одговори.

Слабости: Врти-сучи, два хонорара се секогаш поголеми од еден.

  1. Влашко: Северна Македонија?

Предности: Оваа е исклучително штедлив метод на поставување референдумско прашање. Пресметано е дека од еден лист хартија А4 формат може да се направат дури дваесет и четири референдумски ливчиња. Заштедата е огромна, а ако се применуваат и бугарски возови на референдумов, заштедата ќе се мери во милиони.

Слабости: Премногу е очигледно прашањето, луѓето ќе се прашуваат каде се крие стапицата.

  1. Ениџевардарско: Дали сте да си ги вратиме имотите во Егејска Македонија? Дали сте за викендица во Костур, нива во Воден, плац во Лерин? Знаете ли дека тоа може да го направите само како европски граѓани, а европски граѓани може да станете само како граѓани на Северна Македонија? Заокружи ДА, ако срцето ти го греат јужните дедовски краишта.

Предности: Точно дека прашањето е малку дескриптивно, на граница со граматичка, а богами и со политичка коректност, но да не бидеме сега деливлакна, за Македонија се работи. То ест за сите дела, за еден ден пак да е цела. Ако не Македонија, барем имотите.

Слабости: Можно е полнење кутии во Ташкент.

  1. Телекомуникациско: Дали сте за нов пакет услуги: членство во НАТО веднаш, брза лента за ЕУ, пари од европски фондови, гратис патишта и железници, евтин роаминг, олеснети патувања, слободни пазари и илјадници достапни работни места? (долу на референдумското ливче со ситни букви во италик би пишувало: Сите овие поволности можете да ги користите само со прифаќање на новото име Северна Македонија)

Предности: Искуствата со телекомуникациските договори покажаа дека ретко кој од клиентите ги чита ситните букви во дното на договорот, што, во случајов, ги зголемува шансите референдумот да успее.

Слабости: Кога ќе сфатат дека се изиграни, многу од граѓаните се „кивни” и сакаат да го сменат операторот со нов, што е невозможно без пенали, а во случајов, ако сакаат да ја напуштат Северна Македонија и да преминат на друг оператор, ќе мора да извадат бугарски пасош, што пак, значи изложување на нови, непланирани трошоци.

Како што можете да забележите, можни се стотици варијации на референдумското прашање, така што, да ги цитирам лидерите, треба транспарентно, сушествено и опшесвено одговорно да се пристапи кон негово конструирање, но истовремено и математички прецизно и да се биде матен како надојден Вардар.

Се разбира, има и фактори за успехот на референдумот кои не се директно поврзани со квалитетот на прашањето. На пример, еден математички прецизен интеграл вели дека шансите за успех на референдумот се правопропорционални со бројот на вмровски функционери што ќе гласаат во сабота.