Шега со времето

Има некаква правда во фактот дека првиот работен ден со таканареченото летно сметање на времето паѓа токму на 1 април, светскиот ден на шегата. Лично мислам дека човештвото не измислило поголема шега на своја сметка од тоа двапати годишно да ги поместува стрелките на часовникот, ту напред, ту назад.

Тој што помислил дека така ќе се пошегува со времето, само направил шега на сопствена и, за жал, на сметка на сите нас останати смртници што не ја разбираме потребата да си го ресетираме сопствениот биолошки ритам секои шест месеци.

Шега

Правда е во прашање затоа што 1 април во светот, а особено во земјите каква што е нашата, одамна ја изгубил својата смисла. За да постои воопшто нешто што се нарекува Ден на шегата, тогаш треба да се направи стриктна дистинкција меѓу реалноста и „изместената“ стварност. На оној што ќе биде насамарен, треба да му стане веднаш јасно, уште пред да се изговори она фамозно „априли-ли-ли“, дека е „наместен“ и дека поверувал во вистинитоста на нечија поголема или помала духовитост.

А како тоа да се направи онаму каде што секоја објавена вест во медиумите треба да се проверува по девет пати за да бидете сигурни дека не е некаква „пост вистина“, односно класична дезинформација. И на крајот, кога ќе констатирате дека веста е точна, не можете да се оттргнете од впечатокот дека не е реалноста автор на таа информација, туку некој мошне интелигентен и талентиран сатиричар. Па, уште ако ви се падне 1 април во некоја пред-предизборна кампања, тогаш навистина се губи секоја смисла на помислата и вие да се амбицирате и да смислите некоја духовита лага. Просто е, немате никакви шанси наспроти политичарите. Па, извештени професионалци се во прашање.

Ако ви се падне 1 април во некоја пред-предизборна кампања, тогаш навистина се губи секоја смисла на помислата и вие да се амбицирате и да смислите некоја духовита лага

Лично мислам дека тоа е главната причина за недостиг од сатира во Македонија. Кој уште ќе се смее на нечии досетки, кога речиси секое соопштение од кое било министерство ви изгледа урнебесно смешно. Кој сатиричар ќе смисли дека вашите важечки лични документи не се важечки и дека не можете да извадите нови затоа што нема обрасци. Живееме, ете, во некое време, кога фикцијата ја достасува реалноста, само што кај нас се чини дека фикцијата одамна ја престаса стварноста.

А во тие и такви случаи, хуморот станува – лош. Хуморот, како и сѐ друго, треба да се пласира во дозирани и очекувани количества. Кога поголемиот дел од животот ќе ви се претвори во некаква „солена“ или „несолена“ шега, тоа повеќе не е шега, туку токму обратното.

Знаете како е, сте се смееле на оние бурлески од времето на немиот филм каде што луѓето се гаѓаат со торти. Или на оние таканаречени смешни видеоинсерти, каде што некој беспомошен човек се лизга по мраз. Да, смешно е, додека не ви се случи вам. Кога вие би добиле торта в лице, не сум сигурен дека баш толку би се смееле. Борис Дежуловиќ во еден свој текст вели дека кога е лошо време за добра сатира, тогаш е добро време за лоша сатира. Лошата сатира е онаа што треба да предизвика само евтина насмевка, без да ве натера на размислување и без вистински да ги засече работите што сите нѐ засегаат. Според Дежуловиќ, полошо од доброто време за лоша сатира е кога е лошо времето и за лоша сатира.

Ете, така некако и јас го толкувам времето во кое живеам, како лошо време и за добра и за лоша сатира. Ако велев некогаш дека живееме во Монти Пајтон држава, денес не можам ниту тоа да го кажам. Живееме во време кога сѐ е толку искарикирано, што навистина повеќе не е смешно. Затоа и не ми е до шега.

Време

Да бидам искрен, не би ни помислил да ламентирам врз оваа тема да не ми се „синхронизираше“ часовникот на телефонот и на компјутерот со „новото“, односно „летното“ време. Во принцип, никогаш не ми било јасно зошто треба да го менуваме својот биоритам поради замислата на извесен новозеландски инсектолог по име Џорџ Вернон Хадсон, кој кон крајот на 19 век се сетил дека на тој начин преку лето ќе добие еден час повеќе дневна светлина за да ги набљудува своите бубачки. Белки, останатите часови му биле малку.

Па, по ѓаволите, денот има 24 часа.

И како и да ги вртите стрелките на часовникот, тоа ќе остане така. Кај мене, на пример, кога доаѓа периодот „летно сметање“ на времето, единствените ефекти се што секогаш имам чувство дека прерано сум се разбудил и дека секаде доцнам каде што треба да одам. Затоа, веројатно, долго време ми беше нејасно зошто стрелките на часовникот одат еден час напред за да изгубам еден час од спиењето. Или зошто се враќаат еден час назад, за да добијам еден час во сонот.

Добро, ги знам јас тие објаснувања за штедење струја и добивање повеќе дневна светлина, ама мислам дека се тоа толку спорадични ефекти во однос на непријатностите што човекот ги доживува, менувајќи си ги општествените, но и биолошките навики.

Зошто треба да го менуваме својот биоритам поради замислата на извесен новозеландски инсектолог по име Џорџ Вернон Хадсон, кој кон крајот на 19 век се сетил дека на тој начин преку лето ќе добие еден час повеќе дневна светлина

Кога во Македонија, поточно во тогашна Југославија, пред нешто повеќе од четири децении, на 27 март 1983 година, за првпат беше воведено летното сметање на времето, тоа, меѓу другото, беше образложено дека на тој начин ќе се зголеми продуктивноста на трудот. „Продуктивноста на трудот“ беше социјалистичка мантра што се повторуваше по десетици пати на дневна основа. Еве, поминаа повеќе од 40 години, а јас некако не забележав дека таа продуктивност е зголемена. Дури и напротив. Ама и тоа изгледа не е доволно да се прекине со оваа шега со социјалното менување на времето.

Во тоа време, зимското сметање на времето почнуваше во последниот викенд во септември. Некаде на почетокот на 90-тите години од минатиот век, веќе кога бевме независна и суверена Македонија, ЕУ реши овој датум да се помести на последниот викенд од октомври (правило што важи и денес). Но, ние, такви какви што сме, оваа информација, или не ја разбравме, или не ја сфативме сериозно, па си ги поместивме часовниците уште во септември. Неколку дена траеше таа конфузија.

Ги местевме повторно стрелките на „летното“ време и потоа пак на „зимското“ време.

Русија на Путин, која го има тој луксуз да има 11 часовни зони на нејзината територија, уште во 2014 година се откажа од „летното“ време. Тоа ја поттикна и Европа да размислува околу целисходноста на ова решение. ЕУ уште во 2019 година донесе одлука дека ќе нема повеќе поместување на стрелките на часовниците. Земјите-членки требаше до крајот на април 2020 година да се изјаснат околу тоа дали повеќе го преферираат „летното“ или „зимското“ сметање на времето. Но… Во март 2020 година почна пандемијата со корона и, се разбира, имаше многу поважни работи да се решаваат од фактот дека мене ми се нарушува сонот.

Сега се актуелни актуелните војни и новата поделба на светот. И повторно нема време за времето. Јас само не знам како најдоа време тогаш кога ја носеа одлуката дека времето треба да се менува.

Во овој миг, покрај Русија, уште само неколку држави не го следат правилото на „летно“ и „зимско“ време. Тоа се Белорусија, Исланд, Ерменија, Грузија, Сирија, Јордан, Израел и Турција. Во САД ова правило ќе го следат сојузните држави Аризона и Хаваи, а во Канада провинциите Саскачеван и Јукон. Другите чекаат да им дојде времето.

Во животот стекнав извесен број пријатели. Некои од нив секогаш доцнат на закажаните средби. Без оглед на часовниците и активираните аларми. Еден пријател, пак, никогаш не погледнал на часовникот на мобилниот и секогаш и секаде е на време.

„Со времето нема заебанција“ ми вели. Или има? Токму за први април.

Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија