Иако овој текст е хендикепиран поради непознавањето или недоволното познавање на материјата на макроекономските политики од страна на неговиот автор, како и од скудните податоци со кои располагаме за да изведеме поопстојна анализа, сепак се чини дека не треба човек да биде Џон Кенет Галбрајт, па уште на прв поглед да сфати дека изнудениот потег на замрзнување на цените на пет основни продукти (леб, брашно, зејтин, млеко и месо) и на некои нивни деривати (сирење, урда, сувомесни производи) – не навестува ништо арно.
Колку и да звучи убаво за увото на просечниот потрошувач, оваа одлука на подолг рок, не само што не е добра, туку е и штетна! Впрочем, и историски гледано, секој обид за вакво, декретско, регулирање на пазарот, секогаш бил вовед во сериозна економска криза. Повозрасните читатели веројатно се сеќаваат дека дури и во социјализмот, ваквите потези секогаш завршуваа со голем недостиг од стока за широка потрошувачка и воопшто со голема економска несигурност.
Што сакаше владата да постигне со овој потег? Се разбира, да го ублажи ценовниот шок, првенствено на прехранбените производи, кои земаат голем процент од приходите на оној броен посиромашен слој на населението. И, секако, да го амортизира инфлаторниот удар, кој практично ја јаде супстанцата однатре. Проектираната инфлаторна стапка на Народна банка од 2,2 проценти за оваа година, веќе е коригирана на 3,9 проценти, а упатените велат дека веќе сега овој процент извесно е поголем.
Се разбира дека во економската теорија и пракса има повеќе модели на запирање на инфлаторниот шок. Замрзнувањето на цените на одредени производи е последната мерка во оваа низа. Ако ништо друго не успее, тогаш се замрзнуваат цените
Еве, да кажеме дека инфлаторниот раст е предизвикан од надворешни објективни фактори врз кои тешко се влијае (ковидот и светската енергетска криза). Сепак, огромната зависност од увезена електрична енергија и воопшто од увезените енергенси (по ужасно скапа цена) и бројните, често фатални, дефекти на главните постројки за производство и дистрибуција на струјата се поразителен факт за македонската економска политика и за планирањето на нејзините приоритети.
Не знам дали е чиста коинциденција или нешто друго, ама факт е дека пред извесно време, целосно идентична мерка донесе и владата на Србија. Она што нас нè разликува од Србија е фактот дека таму главен енергенс е гасот. Токму деновиве, српскиот претседател Александар Вучиќ успеа да испреговара со рускиот претседател Владимир Путин, цената на гасот да се замрзне на сегашното ниво и во првата половина од следната година.
Меѓу другото, Србија, за разлика од нас, е и голем производител на струја (хидроцентралата „Ѓердап“). Натаму, српските владејачки структури убедуваат дека Србија има доволно храна за да може да го преброди замрзнувањето на цените. И, трето, никако помалку важно, во Србија следат избори, а во предизборието вакви популистички мерки секогаш се добредојдени.
Што се случува кај нас? Ако се ограничи мерката на два месеца, а нема никакви гаранции за тоа (самата влада уште сега прејудицира дека мерката ќе биде продолжена „ако го бараат тоа пазарните услови“) и ако имаат производителите на овие прехранбени артикли доволно резерви, тогаш штетата не мора да биде голема. Ползата секако ќе биде мала, затоа што инфлаторниот бран само привремено ќе се запре, а можно е по „одмрзнувањето“ да земе уште поголем замав. Токму поради психолошкиот притисок на производителите од донесената мерка. Ако замрзнале цени еднаш, зошто не би го направиле тоа повторно!
Психолошкиот удар е и врз потрошувачите. Ако се замрзнати цените на одреден краток рок, тогаш очекувањата се дека производите ќе поскапат веднаш по одмрзнувањето. Зошто тогаш да не се направат залихи. А ако се направат залихи, тогаш ќе дојде до недостиг. И така натаму.
Прашање е кои стратегии и модели биле разработени во Министерството за економија пред да поминат на, во суштина, наједноставното и најлошо решение – да издадат декрет со кој ќе ги регулираат цените на пазарот
Големиот проблем е во евентуалното продолжување на оваа мерка. Секој производ има свој инпут. Ако сѐ друго поскапува (првенствено енергенсите и режиските трошоци), тогаш е нелогично да се очекува производителите да одбијат да работат во полза на сопствената штета. И повторно доаѓаме до недостиг од основните производи, до општо намалување на потрошувачката, која на крајот повторно ќе се ефектуира во голема инфлација, што ќе предизвика уште поголем недостиг на пазарот, што ќе предизвика уште поголема инфлација. И така натаму во маѓепсаниот круг.
Она што е можеби највознемирувачко во целата оваа ситуација е – непредвидливоста! Економската непредвидливост е веќе одомаќена во македонското секојдневие, но проблемот е во тоа што и прогнозите во светот се далеку од оптимистички. Напротив. Се предвидува дека токму 2022 година ќе биде година на општата криза. И? Што ќе правиме ние? Ќе ги држиме цените замрзнати? Ќе воведеме планска економија? Ќе го раководиме пазарот со декрети?
Од сево ова што е погоре кажано произлегува прашањето од милион инфлаторни долари. Што се случува со стоковите резерви? Ги имаме ли? Во каква кондиција се? И зошто, по ѓаволите, не се употребени во оваа ситуација?
Основната функција на стоковите резерви е токму таа: да се интервенира со нив при предвидлива или постоечка голема флуктуација на цените на пазарот. На пример, ако на пазарот се појави значителен вишок од некои стратешки производи, со што драматично ќе им биде намалена цената, тогаш се врши откуп на тие производи за да се одржи стабилноста на пазарот. И обратно: при извесно зголемување на цените на фундаменталните производи, од стоковите резерви се интервенира со пуштање одредено количество од тие производи. На тој начин се зголемува понудата и се интервенира во цената на производот.
Се разбира дека во економската теорија и пракса има повеќе модели на запирање на инфлаторниот шок. Замрзнувањето на цените на одредени производи е последната мерка во оваа низа. Ако ништо друго не успее, тогаш се замрзнуваат цените. Прашање е кои стратегии и модели биле разработени во Министерството за економија пред да поминат на, во суштина, наједноставното и најлошо решение – да издадат декрет со кој ќе ги регулираат цените на пазарот.