Со четврта Македонска република против „Тангентополи“

Градењето слободна, демократска и правна држава не се распишува на тендер. За тоа не се даваат провизии. Се бараат исклучиво визии.

Се сеќавате ли како почна крајот на италијанската Прва Република? Заради мито од 3.500 евра (7 милиони лири), со кои на 17 февруари 1992 година беше уапсен службеникот од Милано, Марио Киеза, инаку близок соработник на поранешниот премиер Бетино Кракси. Полицијата го уапси пред да успее да го забошоти криминалот со фрлање на парите во ве-це школка. Киеза, кој во цела Ломбардија со години бил познат под прекарот „господинот 10 проценти“, не се правдаше дека е наместен. И не се обиде да го брани образот на партијата со пеење по партиски митинзи. Пропеа пред судот.

Клопчето почна да се одмотува, па во големата истрага против корупцијата во партиите, позната под името „Чисти раце“ (Mani pulite), падна и Кракси. Сметаше дека ќе се спаси поради бавното италијанско судство во кое тој имаше инсталирано свои луѓе за време на неговиот мандат (1983-1987). Но, кога се увери дека обвинителството не се откажува од негово гонење, во 1994 пребега во Тунис каде што и почина во 2000 година. Во бегство беше осуден на 27 години затвор.

Пред неколку години, при еден мој престој во тунискиот град Хамамет, вниманието ми го привлекоа група италијански туристи кои прилично вревеа собрани околу една надгробна плоча зад ѕидовите на медината. Ми стана јасно, кога го прочитав името на плочата: Bettino Craxi, 24.02.1934 – 19.01.2000. Додека едни го фотографираа гробот, а други оставаа тукушто набрани цветови јасмин, четиригодишно дете кое нервозно цупкаше под притисокот на мочното бабуле, одеднаш ги спушти панталоните и се олесни. Токму таму! Родителите изреагираа, но веќе беше предоцна. Околу буквите на епитафот „La mia liberta’ equivale alla mia vita“ (Мојата слобода е еднаква на мојот живот) се разлеа жолтеникaва течност.

Мочкото беше премал за да го сфати значењето на зборовите егзил или тангенте (мито), што повеќе пати во разговорот за Кракси го спомнуваа неговите родители, но, ете, и тој несвесно даде своја „рецензија“ или „оддаде почит“ за учинокот на корумпираните политичари. Возрасните со неколку шишиња вода веднаш ја измија надгробната плоча. Но, она што до денес не може да се измие на никаков начин, е потврдената инволвираност на Кракси во аферата позната под името Тангентополи – Град на митото или Митоград, која го одбележа крајот на Првата Република. Тој го плати цехот на неговиот животен и политички стил, во кој јавно се залагал за социјална правда и стандарди, а живеел спротивно на тоа – со ароганција и злоупотреба на власта. Градел раскошни партиски простории, укинал дебати, корумпирал медиуми, барал и добивал провизии, организирал конгреси само за да му аплаудираат, тајно купувал луксузни имоти во земјата и во странство…

Ако ова „од некаде“ ви изгледа познато, не мора да сте Италијанци. Најверојатно сте Македонци, самопрепознаени под некоја привремена референца – идиот, човече, говедо, копиљ, Циган, Шиптар, комуњариште, глупак, предавник… Како и да е, жители сте на Македонија, земјата пребогата со сиромашни и невработени, но каде што во истовреме е чин на непристојност да се разговара за мито од 3.500 евра. Во земја, каде што, како што слушаме, не се ни почнува муабет за набавка, без почетна провизија од половина или од милион евра. Некаде и повеќе, во зависност од бизнисот. Велат – и патот до пеколот е поплочен со добри намери. Преведено на „партиотски“ македонски јазик би гласело: И автопатите до преродбата се поплочени со добри провизии.

Еве веќе трет месец тектонски се тресе и се урива митот што власта со масовна пропаганда го градеше за нејзината наводна чесност. И по досегашното соголување на нејзините ужасни и срамни практики, со кои де факто се делегитимира нејзиното натамошно право да ја води земјата, власта бесрамно продолжува да ги глорифицира своите „успеси и дела“, со капарисана публика која треба дури и да ја наградува со овации. Во меѓувреме, нивниот обид да ја потценат јавноста доживува невидени размери и методи, кои стигнаа и до менување на речникот. Нѐ убедуваат дека „провизија“ во суштина значело „донација“, а понекогаш и „преговори за намалување на цената“. Нѐ убедуваат дека тие не се истите од сликата што за нив ја презентира опозицијата. Демек, таа грда слика за ликот на ВМРО-вскиот „Доријан Греј“ е монтирана и креирана од опозицијата, а во стварноста егзистира вистинската, чесна и безгрешна елита на патриоти и преродбеници. Признанието на Ставрески дека си има работа со забегани и лудаци не им помага на граѓаните, ако општеството и натаму е соочено со власт која ја киднапира држата за свои приватни цели и потреби. Јасно е дека во таква ситуација не се можни ни реформи, ни напредок.

За да има вистински реформи, потребна е демонтажа на морално делегитимираната власт, за во иднина никој да не се осмели да си поигрува со државата, да ги алиментира потребите на привилегирана група, да рекетира, да фалсификува избори, да уништува приватни имоти и бизниси и да инсталира перпетуум мобиле модел на економија позната како „братучедска економија“ или да воведува шуро-баџанаковизам во судството. Ова дриблање, во кое во моментов сите се истовремено ставени во позиција да бидат и бик и тореадор и публика, мора да запре. Најдобро би било тоа да биде доброволно, како морален чин. Доколку тоа не се случи, земјата и натаму ќе се истоштува во тешка агонија, власта нема да може да ја регенерира изгубената доверба, а перманентно ќе расте граѓанскиот гнев.

Четвртата Македонска република секако дека ќе се создаде. По Крушевската, Асномската и независна Македонија, нема дилема дека на граѓаните им е потребно општество ослободено од рецидивите на султански партии, авторитарни лидери и корумпирани елити. Обврската и одговорноста таа да се создаде по мирен пат им останува на сите, но најмногу на оние кои сега ги имаат механизмите да го о(не)возможуваат тоа. Таквата опструкција не се исплатува. Да потсетам – градењето слободна, демократска и правна држава не се распишува на тендер. За тоа не се даваат провизии. Се бараат исклучиво визии.