Солидарноста на Суперхик

Во периодот на првомајските празници, па и на Меѓународниот ден на слободата на медиумите, а особено во времето на корона вирусот, „солидарноста“ е клучниот збор, чие значење, од разбирливи причини, добива на својата специфична тежина. Белки на сите им стана јасно дека во време на епидемија, не е најважно што секој може да направи за себе, туку како може да придонесе целата заедница да се избори со овој предизвик. Или не ни стана јасно?

Медиумите се преполни со наслови за светли примери на луѓе што донираат цели богатства за медицински цели и истражувања за пронаоѓање вакцина за Ковид-19; за лекарите и останатиот медицински персонал што и буквално ги жртвува своите животи за јавното здравје; за продавачите, таксистите, полицајците, пожарникарите и сите оние чија професија денес влегува во фокусот на јавноста…

Белки се сите свесни за пожртвуваноста на возрасните категории граѓани, чие ограничување на личните слободи е без преседан во поновата човекова историја. Белки сите знаат која жртва треба да ја поминат бабите и дедовците, откажувајќи се од гушкањето на своите внуки и внуци. Веројатно не треба да се објаснува каква жртва поднесуваат тинејџерите, откажувајќи се од времето во кое се создаваат спомени, од матурските прослави, од журките. Знаете ли што губат децата, на кои им е забрането да играат фудбал, баскет, ластик…?

Знам фирми во кои вработените доброволно се откажаа од дел од своите примања, само за да се намали можноста за отпуштање од работа и за да се помине кризата. Луѓето остануваат без работа, луѓето седат дома, луѓето се откажуваат од социјалните контакти… Сите нешто губиме. Кој помалку, кој повеќе. Така е тоа кога е сеопшта криза.

Уставниот суд допрва ќе расправа дали солидарноста е уставна категорија. И ќе реши дека не е. Тоа што во Уставот пишува дека Република Северна Македонија е социјална држава, никако не треба да се толкува и дека е солидарна

Сите, велам, губиме и сите жртвуваме нешто од нашата комфорна зона. И сето тоа во функција на поголемата слика, на солидарноста и на потребата да се помогне кога е најтешко. А најтешко им е, се разбира, на судиите. И на обвинителите. И на пратениците. И на функционерите. И така натаму. Ама ние сме солидарни, зашто тие се гладни, како што рече оној несреќен уставен судија.

Уставниот суд, значи, го запре извршувањето на одлуката сите избрани функционери, членови на управни одбори и други вршители на јавни функции во цели два месеца да примаат минимална плата и да се откажат од бројните додатоци на таа иста плата. Уставниот суд допрва ќе расправа дали солидарноста е уставна категорија. И ќе реши дека не е.

Тоа што во Уставот пишува дека Република Северна Македонија е социјална држава, никако не треба да се толкува и дека е солидарна. И тоа што во Уставот пишува дека сите луѓе имаат еднакви права и обврски, никако не може да се толкува дека и функционерите спаѓаат во таа категорија.

Тие се гладни. И затоа, не само што не треба да се лутиме на оваа логична одлука на Уставниот суд, туку треба да размислиме како можеме да им помогнеме полесно да ја пребродат кризата. На пример, да донираме некој денар за фстаци, бадеми и лешници. Замислете само да сте некаков градоначалник, претседател на некакво општинско собрание или нешто слично, а во кабинетот немате лешници. И тоа сега, во време на епидемија, кога плачете над судбината на луѓето што секој ден ги затворате на половина ден, сега кога без лешници не може да се замисли опстанокот на државата.

Здружението на судиите им препорачува на своите членови да донираат по 20 проценти од својата плата во фондот за борба против Ковид-19. Во случај ако платата им е поголема од илјада евра. И да ги скенираат уплатниците. И потоа да им ги ставаат под нос на тие што им ги обезбедиле платите.

Во суштина, работите се одвиваат прилично предвидливо за држава во која ликот на Суперхик од култниот стрип „Алан Форд“ е идеал на моралните вредности. Се сеќавате, Суперхик беше оној херој што крадеше од сиромашните и им даваше на богатите

Обвинителката Вилма Русковска вели дека во нејзиното обвинителство се договориле секој обвинител да даде по десет илјади денари во истиот тој фонд. Демек солидарни сме и тој факт треба да им го кажеме на сите што онака безрезервно го полнат буџетот за да можеме да бидеме солидарни и тоа да им го кажеме на сите, кои треба да продолжат да го полнат буџетот за да бидеме ние солидарни и за да можеме да се пофалиме дека сме солидарни пред…

Во суштина, работите се одвиваат прилично предвидливо за држава во која ликот на Суперхик од култниот стрип „Алан Форд“ е идеал на моралните вредности. Се сеќавате, Суперхик беше оној херој што крадеше од сиромашните и им даваше на богатите. Затоа што така треба и само тоа е патот на развојот.

Владата, на пример, донесе уредба со која им се помага на фирмите со пари од даночните обврзници, при што фирмите можат да ги отпуштаат работниците од чии пари ја примаат помошта. По притисокот на некои синдикални и граѓански организации, оваа уредба беше повлечена.

Додуша, не е познато дали владата попуштила на притисокот или на разбирањето дека ако ги отпушта работниците, нема да има од кого да го собира данокот со кого ќе може да им помага на газдите на приватните фирми. И на гладните судии. И на пратениците, кои од петни жили објаснуваат дека никако не се пратеници кога треба да се преземе одговорност, ама затоа се пратеници кога треба да се подигне платата.

Во периодот на првомајските празници, па и на Меѓународниот ден на слободата на медиумите, а особено во времето на корона вирусот, „солидарноста“ е клучниот збор. И секогаш се пишува во наводници.