Танте за кукурику

Колумна на Сашо Кокаланов

„Верувам дека мај месец е убав пролетен месец за убаво, достоинствено решение, кое ги зачувува нашите и вредности и идентитет.“ Ова го изјави премиерот Зоран Заев пред неполн месец. И ете го убавиот пролетен мај и ете ја средбата со Ципрас, закажана за 17 мај во Софија, за која претседателот на македонската влада во истата прилика, исто така оптимистички ќе навести дека „значи дека сме до толку доближени штом дошло до премиерско ниво да се прави средба, разговор”.

Работите во моментов стојат вака: секое решение на проблемот е убаво и пролетно и ги штити нашите вредности и идентитет и, од друга страна, секое нерешавање на проблемот е прилично извесно тркалање во амбисот на бесконечната македонска борба да се допре тоа што Балашевиќ во новата песна го нарекува „дно дна”. Оттука, јасно е, и најлошото решение е подобро од тоа да нема решение.

Да не се лажеме, самото решение не може да биде достоинствено, зашто во самиот спор нема ништо достоинствено. Но, исто така, ако сме искрени, ќе признаеме дека единствениот начин да се обезбеди достоинство на граѓаните на оваа земја е Македонија да биде лансирана во светот на нормалноста, а ние самите покажавме дека немаме гориво за таков подвиг. И тоа, сакале или не, се гледа од вселената.

Значи, ова се последните денови за да сфатиме дека не треба да водиме преговори во кои ќе трампаме име за презиме, јазик за опсег, додавка за придавка, чочек за сиртаки, мастика за узо или слични трампи од спектарот наречен танте за кикирику, а да ја изгубиме од вид суштинската размена што треба да ја направиме – решение за иднина.

Имам впечаток дека сме толку влезени во ѓаволскиот свет на деталите на договорот и во неговите стапици што од дрвјата не можеме да ја видиме шумата.

Просто не ми се верува колку ревносно работиме на планот за самоуништување и саморазнесување, и за разлика од сите други планови што сме ги имале, овој за беља го тераме беспрекорно

Преговорите за името влегуваат во тај-брејк и очигледно е дека сега двете страни погрешно се опседнати со тоа да направат некој мини брејк за да го прекршат мечот во нивна полза. Македонија е послаб играч и ако вака се постави, тоа ќе значи дека игра за чесен пораз.

А не игра за тоа. Игра за победа. Игра мечот да заврши вин-вин, што е можно и е дури и поедноставно отколку што изгледа, зашто се бара само едно – мечот да заврши. И да престане ова бесконечното пимплање и измачување на сите со префрлање на топката на другата страна.

Како тоа вин-вин во еден ваков лузерски спор? Грците со решение добиваат шанса за излез, а ние за влез – тие од шахтата со лајна во која непотребно се затворија пред четврт век произведувајќи го овој спор, ние за влез во нова европска матрица во која ќе сфатиме дека идентитетот во дваесет и првиот век е концепт на среќни и реализирани индивидуи, а не на придавки, заменки и територијално-племенска номенклатура.

Ако Македонија е станата земја на неправди, неправна држава, заробени институции, партизирана администрација, некадарни кадри, ослабено здравство, уништено образование, невработеност, ниски плати, високи национални страсти и шампион по мизерија, тогаш кој нормален човек ќе сака да се идентификува со тој идентитет!?

Никој! Ќе си бара друг, посоодветен идентитет. Зашто пазарната економија и глобализацјата донесоа и тоа – пазар на идентитети. Ништо не е статично во модерниот свет, па ниту идентитетот. Секој се бара себеси. Ние не сме дрвја без корења, ама и дрвјата со корења ги пресадуваат, зарем не?

Секој сака да припаѓа на успешни приказни. Македонија не е таква. Македонија, за жал, надвор од европските структури се покажа тврдоглавно упорна во својата автодеструкција и во градењето „идентитет” на вечно обесправен лузер од кој на младите генерации им се повраќа. Таквиот идентитет, и оние шупелки што застануваат во негова одбрана, бранејќи ја, на пример, божемната светост на уставот, чиниш сме го откопале во гробот на Александар, а не сме го напишале пред две и пол децении, може да се попогубни за Македонија и од сите балкански војни, Букурешки договори, вета, дури и од сите влади на груевци. Одбраната на концептот за одбрана на уставното име на државата што паралелно работиме да ја дораспаднеме е таа тајна македонска нуклеарна програма каква што нема никој во светот, програма за изградба на наш Чернобил со однапред предвидена хаварија.

Просто не ми се верува колку ревносно работиме на планот за самоуништување и саморазнесување, и за разлика од сите други планови што сме ги имале, овој за беља го тераме беспрекорно.

Претседателот на МАНУ, заслепен од остатоците на децениската самоуништувачка еуфорија, ќе резонира деновиве (глаголот секако е погрешен, зашто резон подразбира и разум, а овде го нема): Ако Македонија го промени името, МАНУ нема да се вика како што се вика. Трагедија у пичку матер!

Македонија на штаки, Македонија што никогаш нема да може да се отфити од долгови. Таква Македонија,  нема да има потреба од академија на науки и уметности туку од повеќе превозници кои под уставното име ќе извезуваат (воедно, и ќе спасуваат) млади луѓе надвор

Не знам за вас, ама мене стварно опстанокот на државава не ми е толку битен колку името на МАНУ. Еве, ако треба, нека пцо’иса Македонија и нејзиниот труп нека биде фрлен на буништето на историјата да го јадат црви и муви, само ми име МАНУ-а не дирајте молим вас, нека се вика така како што се вика.

Македонија на штаки, Македонија што никогаш нема да може да се отфити од долгови. Таква Македонија, академиче Таки Фити, нема да има потреба од академија на науки и уметности туку од повеќе превозници кои под уставното име ќе извезуваат (воедно, и ќе спасуваат) млади луѓе надвор. Сработе ли МАНУ сиве овие години една сеoпфатна стратегија за општествени и културни реформи тоа да не се случи?

Колумнава, случајно, ја пишувам во Софија, каде што учествувам на европска книжевна вечер по повод Денот на Европа. Бранам вредности и идентитет, што би рекле по нашки. И ги препрочитувам тука уште еднаш зборовите од интервјуто на Заев од пред еден месец: „Двајцата ќе треба бајаги да се испотиме за да кажеме дека има договор, зашто кога ќе седнеме јас и Ципрас, тогаш ќе биде завршницата на преговорите”.

Па, си велам, средбата на премиерите е за една недела, овде во Софија, пролет е, топло е, ама сепак можам да ве уверам дека градов има доволни залихи дезодоранси против потење за да се дојде до решение. Седнете и испотете се колку што треба, ама решете го спорот. Македонија на штаки и неотфитена не е баш некој идентитет за бранење.