Кандидатот на Мост, Јакослав Ројница направи вистинска сензација со неговиот спот во изборната кампања во Хрватска. Спотот почнува со кадар, каде што тој во црн костум, бела кошула и со бели обувки стои на работ од карпа надвисната над морето. Во заднина се слуша драматична музика, која ја зголемува тензијата на моментот додека неговиот поглед е вперен кон морскиот хоризонт. Во еден миг, тој решително скока во морето. По кус кадар, во кој се гледа само мoрска пена, одеднаш тој се појавува на површината. На крајот, од истата карпа од каде што скокна, наводенетиот кандидат за пратеник ја испраќа пораката: „Со нас ќе испливате од сите проблеми“. Во останатите секунди од спотот, гласачите се повикуваат да нурнат и да испливаат на 5 јули (изборниот ден).
Главниот протагонист во спотот е возрасно лице, своевремено политички затвореник, кој за својот „престој“ на Голи Оток ја напишал автобиографската книга „Jaс сум 6387“.
Идејата за спотот извира од изреката „еднаш мора да се скокне во ладна вода“, во смисла луѓето да се охрабрат да повлечат потег, да донесат храбри одлуки и решенија.
Во време кога граѓаните се соочени со закана од корона, со изборна кампања, со температури меѓу 30 и 40 степени, очекуваат барем да биде намалено нивото на отрови на кои се изложени додека партиите ги истураат едни против други
Се разбира, судбината на која било одлука не зависи од тоа дали е визуализирана со спот, туку дали ќе биде реализирана од нејзиниот промотор, дали тој навистина има таква желба, визија и волја. Граѓаните на Хрватска задутре ќе се изјаснат за тоа со чии кандидати се надеваат дека ќе испливаат од проблемите.
Ние, десетина дена пред изборите, сѐ уште гледаме бројни примери на политичари што сакаат да скокнат во ладна вода, ама да не се наводенат никако (ни во реална, ни во симболична смисла). Ем им годи што сме членка на НАТО и пред почеток на преговори со ЕУ, ем најавуваат дека ќе ја матат преспанската вода. Ем ветуваат неселективна правда, ем не обезбедуваат цврсти гаранции дека тоа ќе важи и за нивните пријатели – сопартијци, спонзори, донатори. Ем се против партизирање на општеството, ем со партиски наративи, летоци или книшки ќе ги одвраќаат младите да заминат од земјата. Ем се за едно општество, ем за доминација на етничкото над граѓанското. Ем се загрижени за здравјето, ем распојасани кон мерките.
Со вакви антитези уште повеќе се потенцира карикатуралноста на заземените пози за ветениот лет во поголеми височини (вредности и стандарди), бидејќи аголот од кои ова го гледаат и проценуваат граѓаните, открива стоење на шуплив камен.
Ние, десетина дена пред изборите, сѐ уште гледаме бројни примери на политичари што сакаат да скокнат во ладна вода, ама да не се наводенат никако (ни во реална, ни во симболична смисла)
Во време кога граѓаните се соочени со закана од корона, со изборна кампања, со температури меѓу 30 и 40 степени, очекуваат барем да биде намалено нивото на отрови на кои се изложени додека партиите ги истураат едни против други. Не постои маска за заштита од вербални отрови. Преку катодните цевки на ТВ-приемниците, тој отпад завршува во секој дом, во толкаво количество, колку што партиите во дневната доза намениле за опонентите. Домовите на граѓаните стануваат еден вид претоварни станици за тој контаминиран материјал.
Во некои нормални времиња, можеби тоа ќе беше поподносливо, а одбранбениот систем посилен. Но, во време кога вирусот „го ажурира“ избирачкиот список побргу од ДИК, кога се зголемува бројката на лица што ќе имаат потреба да гласаат на 12 јули, кога семејства преку ноќ губат членови, мора да се има малку повеќе усул во односот кон граѓаните, во оваа нова и нетипична ситуација досега.
Во животот постојат многу нешта што не можат да се вратат назад. Не може да се врати животот што е изгубен, времето што поминало, каменот што е фрлен (одблиску или оддалеку, сеедно), зборот што е изречен, можноста што е пропуштена…
Ако не стивне агресијата и негативната кампања, можно е голем дел од гласачите и довербата кон изборниот процес да бидат неповратно изгубени. Не знам дали се гледа тоа од пиедесталите на кои се самосместија партиите, ама ако сѐ уште не забележале или не ги интересира тоа, постизборно, карпата не им бега. За пропуштениот момент тогаш ќе биде доцна да се расправа.