Три заблуди за македонската економија

Бомбите ќе поминат. По нив, многу работи нема да бидат исти. На една работа пак, во Македонија одамна ѝ треба промена. На македонската економија. Да почнеме, со разбивање на некои заблуди за неа.

Заблуда број 1 – Македонија е социјална држава

Да, пишува и во Уставот, и тоа во член 1 – „Република Македонија е суверена, самостојна, демократска и социјална држава“. Но, како може да биде социјална една држава во која 9% од населението живеат со помалку од 40 денари на ден? Да, според податоците на Светска банка, дури 9% од граѓаните во Македонија во 2010 година живееле со помалку од два долари на ден, што е еднакво на 40 денари (бидејќи овие долари се таканаречени меѓународни долари по цени од 2005 година). 40 денари се доволни за еден леб и за пола литар млеко. А каде се зеленчукот и овошјето, каде е месото? Каде се средствата за хигиена, каде е облеката? Сметките за струја, киријата? Школскиот прибор? Македонија е сè, само не социјална држава.

Ова е убедливо највисоката стапка на сиромаштија во Европа. На второ место е Молдавија, каде што 4,4% од населението живеат со помалку од 2 долари на ден. Но, можеби уште позагрижувачко од самото ниво на сиромаштијата е нејзината динамика, т.е. фактот што таа расте. Така, процентот на радикално сиромашни во Македонија во 2002 изнесувал 3,1%, во 2006 пораснал на 4,6%, во 2010 за да достигне 9,1%. Со оваа стапка Македонија наликува на некои латино-американски држави, како Бразил и Еквадор, кои имаат стапки од 10,8% и 10,6%, соодветно. Но, и тука има една битна разлика – во Бразил и Еквадор сиромаштијата има надолен тренд, бидејќи во 2002 изнесувала над 20%, а не 3%, како во Македонија.

b1

Според податоците на Светска банка, дури 9% од граѓаните во Македонија во 2010 година живееле со помалку од два долари на ден / Фото: Ирена Мила

Овие бројки за сиромаштијата во Македонија кријат и една интересна приказна. Имено, сè до октомври 2014 година тие беа достапни во официјалните бази на податоци на Светска банка. Тогаш економистите во Македонија почнаа да зборуваат за овие податоци, и податоците волшебно исчезнаа од базите на податоци на Светска банка. Последната година за која има податок од Светска банка денеска се однесува на 2008. Официјалното објаснување е дека податоците се ревидираат.

Податоците можат да се ревидираат, ама сосема се реални, што може да се заклучи и од следново: Максималната социјална помош во Македонија за четиричлено семејство во 2014 изнесувала 5.200 денари. Тоа практично значи 1.300 денари по човек месечно, т.е. токму 40 денари по човек дневно. Не знам колку точно изнесувала социјалната помош во 2010 година, ама сигурно била пониска од сегашната. Тогаш околу 45.000 семејства во Македонија биле корисници на социјална парична помош, т.е. околу 176.000 граѓани. Ете ги бројките на Светска банка.

Колку е ниска социјалната помош во Македонија најдобро се гледа ако таа се спореди со некои други земји. Така, во Македонија во 2015 се планираат да се исплатат околу 13 милијарди денари за социјална помош (социјални трансфери без пензии и трансфери за здравство), што е околу 2,5% од БДП. Во Словенија, во 2011 (последен расположлив податок) социјалните трансфери без пензиите и здравството изнесувале 7% од БДП, исто колку и во Германија. Во Шведска, 11% од БДП. Дури и Америка и Англија, симболите на капитализмот („Америка, и Енглеска, биќе земља пролетерска…“), имаат повисоки социјални трансфери од Македонија (5% и 9% од БДП). Се разбира, во сите овие држави практично и нема лица што живеат со помалку од 2 долари на ден. Овие држави можат да се наречат социјални држави, а не Македонија.

Заблуда број 2 – Македонија има преголем јавен сектор

wet

Кога наредниот пат некој ќе ви каже дека Македонија има преголем јавен сектор, кажете му дека не е добро информиран / Фото: Ирена Мила

Иако нема прецизни официјални податоци, се проценува дека околу 170.000 луѓе работат во јавниот сектор во Македонија. Тоа е отприлика колку Куманово и Битола заедно. Звучи многу? Звучи, ама не е. Тоа е само 25% од вработените во Македонија. Во Шведска, на пример, во јавиот сектор работат 37% од вработените.

ОК, сите добро знаеме дека Скандинавците се поинакви. Затоа, ајде да направиме споредба меѓу големината на јавниот сектор во Македонија и во неколку развиени земји. Да не го споредуваме бројот на вработени (заради методолошки разлики помеѓу земјите), туку трошењата на владата. Во Македонија, трошењата на општата влада даваат 33% од БДП. Во Хрватска, 44%. Во Словенија, 55%. Во локомотивата на Европа, Германија, 45%. Дури и САД и Англија имаат поголем јавен сектор од Македонија, 37% и 44% од БДП. Шведска, со нејзините 53%, нема потреба ни да се наведува.

Значи, кога наредниот пат некој ќе ви каже дека Македонија има преголем јавен сектор, кажете му дека не е добро информиран.

А, всушност, и не мора да се гледаат овие бројки за да се донесе овој заклучок. Доволно е само да се погледне околу себе. Кантите и контејнерите се постојано преполни и шират смрдеа и зарази, зашто нема кој да го собере ѓубрето. Нема кој да ги исчисти зелените површини, па не смееш да го пуштиш своето мало дете да се игра во тревата во паркот. Нема кој да го исчисти снегот, кога ќе навее, па многу луѓе се лизгаат на него и кршат раце. Јавното здравство константно страда од недостаток на кадар, заради што пациентите не добиваат квалитетна услуга. Градинките страдаат од недостаток на воспитувачки, па многу од децата не добиваат внимание какво што заслужуваат. Нема доволно асистенти на факултетите, заради што постојните се презафатени со чување студенти на испити, па немаат време за научни трудови. Нема доволно инспектори за труд, па не може да се одговори на сите пријави за кршење на работничките права. И мал милион други примери. Затоа, Македонија не треба да отпушта вработени во јавниот сектор. Македонија треба уште да вработува во јавниот сектор.

Но, како некој со речиси петгодишно работно искуство во овој сектор, добро знам и дека многумина од вработените во јавниот сектор, особено во јавната администрација, баш и не се убиваат од работа. Некои од нив, затоа што се вработени заради партиски заслуги, сметаат дека ништо не треба да работат. Но, поголемиот дел од нив, според мене, не работат многу заради лоша организација, т.е. затоа што се поставени на позиции за кои или нема потреба од вработени, или пак, не одговараат на нивните профили. Решението, затоа, не лежи во отпуштања туку во подобра организација, т.е. во префрлање на луѓето на позиции кои повеќе би им одговарале.

Заблуда број 3 – Македонија нема пари

rtu

Тоа што имаме рекордна сиромаштија во Европа не значи дека немаме пари / Фото: Ирена Мила

Тоа што имаме рекордна сиромаштија во Европа не значи дека немаме пари. Само значи дека парите се погрешно алоцирани. Да, можеби звучи чудно, но Македонија има многу пари.

На пример, Македонија е држава со вишок на ликвидност во банкарскиот систем. Тоа значи дека во Македонија заштедите на граѓаните во голема мера ги надминуваат кредитите. Заради ова, комерцијалните банки имаат пласирано дури 500 милиони евра кај Народната банка. Тоа се пасивни пари, т.е. пари кои не прават ништо, само лежат во банка. На нив државата (бидејќи Народната банка е во сопственост на државата) исплаќа камати од околу 3%. Но, и покрај ова, нашата Влада неодамна издаде еврообврзница во износ од 500 милиони евра, на која ќе плаќа камата од околу 4%. Значи, двојно ќе плаќаме. „Има се, може се“, што би кажале некои.

Но, не е само ова. Голем неискористен потенцијал лежи и во доходот на граѓаните. Така, според податоците на УЈП од годишните даночни пријави (кои НЕ ги опфаќаат сите приходи на граѓаните), во 2012 година 14.000 граѓани на Македонија пријавиле дека оствариле приходи над 1 милион денари. Вкупно, овие 14.000 лица заработиле барем 32 милијарди денари, т.е. 530 милиони евра (велам барем, затоа што сигурно има приходи кои не се пријавени). Нема прецизни податоци за тоа колку точно данок на доход платиле овие лица, но доколку претпоставиме дека е тоа 10% од приходите, тоа би изнесувало околу 53 милиони евра. Доколку даночната стапка за овие лица се покачи на 30%, наместо сегашните 10%, што е сè уште многу пониско од максималната даночна стапка во Германија, Словенија и Шведска (45%, 50% и 57%, соодветно), тоа би значело дополнителни 110 милиони евра даночни приходи, ceteris paribus. Доколку овие 110 милиони евра се насочат кон најсиромашните, тоа ќе значи дека секој од оние 180.000 лица кои живеат во драстична сиромаштија ќе добијат дополнителни 100 денари дневно. То ест, едно четиричлено семејство нема веќе да добива социјална помош од само 5.200 денари, туку од 17.000 денари, што ќе значи искоренување на радикалната сиромаштија.

И, тоа не е сè. Има и трет потенцијален златен рудник во македонската економија, а тоа се – дознаките од странство. Се проценува дека секоја година македонските иселеници кои работат во странство праќаат во Македонија помеѓу 400 милиони и две милијарди долари. Најголем дел од овие пари се трошат за тековна потрошувачка, што и не е лошо, затоа што со тоа помагаат да се намали сиромаштијата. Она што е лошо е што само 1% од овие пари се трошат за продуктивни цели. За споредба, дури 5% од дознаките се трошат на свадби, 4% на автомобили, а 6% се чуваат „под перница“. Доколку парите што се трошат на овие три работи се потрошат на инвестиции, на пример, тоа би значело 60-300 милиони долари нови инвестиции секоја година. Речиси исто колку што изнесуваат странските директни инвестиции. Без роуд-шоуа.

Но, добро, тогаш нема да можеме да смислуваме вицеви на тема Субрата Рој…

Авторот е член на Асоцијацијата на економски истражувачи и Левичарското движење „Солидарност“