Цената на интегритетот

Апелацискиот суд ја потврди пресудата за Никола Груевски. Да стигнеше судската одлука пред референдумот, партиските фантазмагории ќе распалеа со тези за притисок врз процесот на изјаснување. Но, и тоа што е објавена по референдумот, и во краен рок пред делото да застари, сигурно нема да ја намали квотата на заговорнички тези кои повторно ќе го сместат Груевски во референдумски контекст.

Особено, поради фактот дека неговите сопартијци сега го држат клучот за разврска: ќе има двотретинско мнозинство за уставни измени, или такво мнозинство ќе се бара на нови избори.

Политиката на Груевски да земе се за да контролира се и да манипулира се – „Дајте ми 61 глас за никој да не ме уценува“, ја доведе партијата на ова дереџе на кое е денес. И да не извлечеш поука од деструктивноста на таа националистичка политика, или треба да си многу глупав, или зависник и заробеник од истата политика и истиот ментор.

Плус, треба да си и крајно безобразен, за да обвинуваш за фалсификат на референдум без постигнат цензус и тоа додека во судница течат разговори од највалканите налози на ДПМНЕ за фалсификат на сите избори во кои партијата „маестрално“ победуваше.

И затоа се прашувам: дали пратениците на ВМРО-ДПМНЕ еднаш ќе се охрабрат да стават точка на таа перверзија и на уцените од партискиот врв? Сосема ги разбирам во каква ситуација се денес. Во иста ситуација, во каква што цели 11 години беа сите нивни политички опоненти – под разни закани, притисоци, плукање по улици, бркање од работа, ендеци, динамити…

Разликата е во тоа што пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои застанаа против бојкотот, сега за првпат чувствуваат како изгледало тоа што години го правеше нивното раководство, ама врз некои други. И сега им е тешко. Не се навикнати.

Ова е време за одговорни луѓе и храбри потези. Та нели, кукавиците умираат секој ден, а храбрите еднаш. Ајде да видиме

Немаат 11-годишен тренинг како другите смртници, врз кои секој партиски апаратчик на ДПМНЕ можеше да плука, да лепи предавнички етикети, да покажува мускули…

Пратениците од ДПМНЕ никогаш не поминаа низ таква голгота и сега шокирани се кога на своја кожа се соочуваат со невидени хајки. Знам – не спијат, ги бројат заканите по социјалните мрежи, се грижат за безбедноста на семејствата…  Дојдоа во клубот со „мало“ задоцнување. Нема да им кажам – добредојдовте, бидејќи тоа што сега ним се случува, а претходната деценија им се случуваше на илјадници нивни сограѓани, треба целосно да биде искоренето од партиската практика. Таков „клуб“ не треба да постои.

А токму  пратениците во нивни раце ја имаат можноста да го реализираат тоа. Имаат повеќе од доволно причини да размислат дали на ДПМНЕ денес воопшто и прилега епитетот „демократска“, партија што се залага за „македонско национално единство, или „европска“ партија?

Единствени од таа партија, кои досега направија квалитативна разлика, се Митко Јанчев, Никола Тодоров, Петар Богојески и дел од реформистите. Но, ниту еден од нив не е пратеник. Богојески правото на став  и отпор кон притисоците од секаков вид го плати со партиската функција.

А дел од оние кои се во парламентот, слушаме дека дури се и решени да ја трампаат лојалноста за пратенички и други функции, со што сами откриваат на која борбена линија завршува нивната наводна битка за Македонија. Нема таква битка. Ова што сега го прави ДПМНЕ е класичен атентат врз перспективата на Македонија.

Каква е таа  „математичка прецизност“ со која ДПМНЕ објаснува дека само 610.000 граѓани гласале „за“, а 1. 200.000 се „против“. Не е точно. „Против“ гласале 37.687 граѓани. Бојкотот не е глас. Бојкотот е опструкција на демократското право на оние што решиле да се изјаснат, обид да им ја уништи релевантноста, преку ерозија на цензусот.

Да, дел од оние кои не гласале биле за бојкот, но не сите. Во таа сива бројка има граѓани кои не се во земјава, граѓани кои не гласале поради истечена важност на пасошите и личните карти, кои биле хоспитализирани заради рехабилитации или хируршки интервенции, кои биле на специјализации и едукации надвор, кои биле на службени патувања…

Има и дел кои останале дома со ставот „не знам“, оставајќи властите да донесат компетентна одлука. И со кое право сите овие кои не излегле на гласање од различни причини, опозицијата ги третира како табор „против“?

Затоа што и одговара да манипулира. Затоа што треба да го замагли фактот дека е извршен касичен атентат на рефрендумот – најпрво од страна на претседателот на државата кој повика на бојкот диретно од говорницата на Генералното Собрание на ОН, а потоа и од членови на ИК и други функционери на ДПМНЕ.

Малку ли се овие причини, за пратениците на ВМРО-ДПМНЕ да се запрашаат:  што правиме ние? Дали ќе легитимираме пресијата како алатка за наводна партиска монолитност против сите перспективи на земјата? Дали мора да пееме во „хорот“ оти некој проценил дека ќе не исплашат со закани? Ин на крајот, за каква „иднина“ на Македонија всушност се залага ДПМНЕ? За европска сигурно – не!

Кога слушаме како од врвот на таа партија ја „бранат“ земјата, ги имаме сите причини да се плашиме дека ја туркаат кон сигурна изолационистичка-авторитарност, со суфицит на хаос, кој претекува и врие внатре во земјата.

Нивната фиксација е крајно нихилистичка, во стилот – нека пропадне Македонија и нека се распадне се, ако ДПМНЕ не е на власт. Начинот на кој го употребуваат зборот „никогаш“ е со тоталитарно и барутно полнење.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ кои застанаа против бојкотот, сега за првпат чувствуваат како изгледало тоа што години го правеше нивното раководство, ама врз некои други

Не остава простор за разум, дијалог, свест, одговорност, туку на исклучивост, суета, злоба и поларизација, насочена кон директна политичка, дипломатска и секаква друга конфронтација со сите меѓународни пријатели на Македонија.

Мицкоски не понуди никакав нов квалитет, дури ни под наводници, тој е идеен двојник на главниот портрет од сликите во Белата палата. Не може сериозна партија да се потпира на два криви анкера: на реплика на Груевски и на бојкот. Во прашање е колективна неспособност да се препознае потенцијално зло и да се застане пред недемократската закана.

Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ се тие што треба да го минираат тој концепт на општа партиска хипокризијa. Се разбира, ако не сакаат да бидат запишани во историјата како луѓе кои под притисок и страв го рентирале претеничкиот глас за да ја прокоцкаат иднината на државата.

Таквиот влог нема да биде мерка за никаков патриотизам, туку само потсмев кон македонската иднина и нејзино погребување, а под паролата „да живее“. Бојкотот на уставните измени не смее да остане главна одредница и идентификациска картичка на пратениците од опозицијата. Не смее да стане магацин за складирање на нечистата совест, депонија каде ќе се кријат подлите мотиви на мимикрираните „демократи“ кои сакаат да диктираат антиевропски политички амбиент во земјата.

Тешко на Македонија со такви „Македонци“, кои деновиве излегоа на чистина и покажаа дека нема промени се додека на сцена е истиот националистички и криминоген код, кој како маскота го негуваа сите изминати години. И кој „од ракавици“ конечно го преместија во партискиот излог, со што до крај го соголија карактерот на нивната партиска „нормалност“.

Ова е време за одговорни луѓе и храбри потези. Та нели, кукавиците умираат секој ден, а храбрите еднаш. Ајде да видиме.