Морам да кажам дека сум малку (не многу) непријатно изненаден од бурните реакции во јавноста поради отворањето на клубот на културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола.
Наводно, проблемот не е во тоа дека извесна група луѓе што себеси се препознава како Бугари од Македонија решила да отвори свој центар, туку проблемот е во тоа дека Центарот е именуван според Ванчо Михајлов.
Зошто тоа би бил проблем?
За разлика од премиерот Димитар Ковачевски, кој вели дека Михајлов бил „контроверзна историска личност“ (ако такви воопшто постојат во историска смисла на зборот), јас немам никакви дилеми околу неговото класифицирање. Ванчо Михајлов, за секоја и секаква историја, па и за бугарската историографија, не е ништо друго, туку негативна личност, нацистички колаборационист, терорист и одговорен за стотици одземени животи. Со еден збор, злосторник во секоја, па и во политичка смисла.
Ако веќе станува збор за Центар што ја носи одредницата „културен“, тогаш уште веднаш треба да се каже дека Адолф Хитлер имал многу поголема врска со ликовната уметност, отколку што Ванчо Михајлов имал каква било допирна точка со каков било вид култура. Така што сосема е јасно дека станува збор за провокација, која, на овој или на оној начин, ете, излегува дека е успешна.
Меѓутоа, ако сакаме да бидеме искрени пред сопственото огледало, она што се случи во саботата во Битола, во присуство на бугарскиот премиер Кирил Петков, заедно со целата свита високи функционери и политичари од Бугарија, не е никаква рехабилитација на делото на Ванчо Михајлов. Затоа што македонското општество, додуша не премногу гласно и со премолчено одобрување, ако не и со иницијатива, на оние што се сега најгласни против отворањето културен центар со вакво име, веќе одамна го рехабилитираше ликот и делото на злосторникот Михајлов.
Интересно е дека македонската јавност во тој март 2019 година, односно кога навистина се формира Центарот со името на Михајлов, не реагираше ни приближно толку жестоко и со толку гнев како три години подоцна
На пример, Ванчо Михајлов доби своја восочна фигура во оној несреќен Музеј на ВМРО и на жртвите на комунизмот. На официјалната интернет-страница на оваа државна институција, која сега се вика Музеј на македонската борба, можете да прочитате еден обемен текст, каде што се таксативно наброени податоците од биографијата на Михајлов и кој почнува со реченицата: „Бил деец на ВМРО на Тодор Александров, а потоа и еден од водачите на истата организација…“. Како контраст ќе наведеме дека на истата интернет-страница за Лазар Колишевски има тројно покус текст, кој завршува со реченицата: „… со поддршка од белградските највисоки власти во Југославија ја почнал политиката на отстранување на македонските национални и политички дејци, означени како ‘автономисти’ и ‘сепаратисти’“.
Восочна фигура на Ванчо Михајлов беше поставена и во Музејот на ВМРО во штипско Ново Село, кој беше отворен во декември 2014 година, во присуство на високи претставници од тогашната власт.
Уште во 2010, извесен Драги Каров во Велес постави споменик на Ванчо Михајлов во својот двор.
На крајот на краиштата, панихида во чест на Ванчо Михајлов речиси редовно се одржува во храмовите на Македонската православна црква – Охридска архиепископија.
Што се однесува до Културниот центар „Иван Михајлов“ во Битола, тој е отворен уште во март 2019 година, така што во саботата, под титулата „Клуб на Културниот центар…“ се отвори по вторпат. Интересно е дека македонската јавност во тој март 2019 година, односно кога навистина се формира Центарот со името на Михајлов, не реагираше ни приближно толку жестоко и со толку гнев како три години подоцна.
Овој таканаречен културен центар првпат дојде во фокусот на вниманието на јавноста минатата година со своето писмо, упатено до највисоките бугарски раководители, но и до странските амбасади во земјата, со кое се предупредува за наводната „растечка бугарофобија“ во Македонија. Тоа писмо беше повод, бугарскиот претседател Румен Радев да одржи состанок со сите раководители на бугарските известувачки служби, но не беше никаков повод овдешните власти да му обрнат какво било внимание.
Исто така, културниот центар „Иван Михајлов“ упати повик на пописот да се попишат како Бугари, сите оние што го потврдиле своето „бугарско етничко потекло“ (за да добијат бугарски пасош), но и сите Македонци слободно да се запишат како Бугари, бидејќи „Бугарите не се малцинство во Македонија“. По тој повод, Центарот побара од бугарските власти да им издадат пасоши по брза постапка на сите што ќе се попишат како Бугари, а претседателот Радев ова барање го проследи до надлежните органи.
Раководителот на Центарот, извесен Љубчо Георгиевски (да не се меша со некогашниот македонски премиер со исто име и презиме), во тоа време даде интервју за некоја бугарска телевизија, каде што изјави дека тој „не се родил како Бугарин“, ама читал литература и неколку месеци размислувал и „еден ден се разбудив како Бугарин“. Видеото со оваа изјава дури сега и по овој повод стана вирално по социјалните мрежи.
Кога сме веќе кај здруженијата на Бугарите во Македонија, треба секако да го споменеме и „Радко“ од Охрид, кое неформално постои уште од 90-тите години на минатиот век, а како здружение е регистрирано во 2000 година. Треба ли да кажеме дека Радко е прекар на Ванчо Михајлов?
Бугарија не ни подметнува кукавичко јајце со името на Ванчо Михајлов. Тоа јајце самите го ставивме во сопственото гнездо, а Бугарија само го искористи
За волја на вистината, Уставниот суд во 2001 година практично го забранува Здружението, поништувајќи ја неговата регистрација како противуставна. Во образложението се наведува дека неговите активности „се насочени кон насилно уривање на државниот поредок, попречување на слободното изразување на националната припадност на македонскиот народ, односно негирање на неговата самобитност и разгорување на национална или верска омраза или нетрпеливост“, меѓутоа името на Здружението никаде не е проблематизирано.
Како и да е, по повеќегодишен судски спор, во 2009 година, Судот за човекови права во Стразбур пресудува во полза на „Радко“, поништувајќи ја одлуката на Уставниот суд, со образложение дека со неа се кршат принципите на Европската конвенција за човекови права и правото на здружување.
Во Македонија, се разбира, постојат повеќе здруженија на македонските Бугари. Едно од нив е и Здружението „Македонско-бугарско пријателство“ (МБП) од Кичево, формирано во 2014 година. Ова здружение се придружи до апелот на Културниот центар „Иван Михајлов“ за „слободно изразување на националната припадност на Пописот“.
Едно од поинтересните здруженија во оваа смисла е „Бугарскиот културен клуб“, формиран 2008 година во Скопје. За разлика од сличните здруженија, ова Здружение ја прифаќа реалноста, односно македонскиот идентитет, заложувајќи се за побрзо вклучување на Македонија во ЕУ. Во нивните прогласи се вели дека одбиваат да бидат предмет на „трговија со малцинствата“ и дека во ваква констелација, ставањето на Бугарите во Уставот може да донесе повеќе штета, отколку полза, па предлагаат во преамбулата на Уставот да биде наведено дека Република Северна Македонија е држава на „сите граѓани што живеат во неа“, без притоа да се наведуваат националностите.
Интересен факт: бугарските официјалиси не го посетуваат ова здружение, а од некои причини ни македонските медиуми не му даваат некаков простор.
Но, иако македонско-бугарските односи играат голема улога во овие случувања, поентата, сепак, е во поразувачкиот факт дека Бугарија не ни подметнува кукавичко јајце со името на Ванчо Михајлов. Тоа јајце самите го ставивме во сопственото гнездо, а Бугарија само го искористи.
Разликата е само во тоа што со настаните во саботата, тивкото рехабилитирање на Ванчо Михајлов, да не кажеме и на неговата колаборационистичка улога, доби на гласност.