Браќо Срби, како да вам кажем, слушамо вас. Слушамо Ацу Лукаса, Цецу, слушамо Лепу Брену, Бајагу и његових инструктура, о Чорби и Балашевиќа и да не причам, а од недавно слушамо и Вучуќа и Дачиќа. И, како да вам кажем, најебали сте. Скоро као ми, можда чак и више.
Но, идемо за редом. Писаќу српски, ал’ са говорном маном.
Македонија, како што знаете, е велесила за прислушување. Секој Македонец, освен стандардната бела техника – шпорет, фрижидер, телевизор во боја со речиси сите српски канали, дома има и по еден уред за прислушување. Најмалку. Кога му е досадно, или со други зборови, кога нема Пинкови ѕвезди, Македонецот на транзисторот обично лови некој разговор на вашиот државен врв и така ја убива досадата до следното појавување на Вучиќ. Кога не може да го фати Александар Вучиќ, го пушта Драган Вучиќ. Речиси и да нема разлика.
Нема кој ја нема прислушувано Србија. Еве и јас, така, една ноќ долго не можев да заспијам и на транзистор фатив некакво насилно уривање куќи на некои кутри белграѓани. Потоа разбрав дека доброволци-багеристи самоволно уривале за да направат простор за вашиот таен антимакедонски проект „Београд на води“ со кој сакате да ни го земете приматот на „Скопје 2014“ во светски рамки.
Немојте да мислите дека не знаеме оти планирате фонтана што ќе ја засени онаа со Воинот на коњ, љубоморни дека со нашата се сликаше цел свет за Супер купот. Како вас није срамота! Мислим, не љутимо се, ал немојте да мислите да не знамо шта радите. И Вучиќ зна да ми знамо. Само да знате.
Зошто ја прислушуваме Србија? Од најдобри намери, браќа Срби. Откако се уверивме дека го спроведувате македонското сценарио, сакаме да ве следиме и да ви укажеме на сите евентуални пропусти или недоследности во спроведувањето на груевизмот и негово надградување во напреден вучиќизам
Браќо Срби, ако случајно приметите жолти комбиња во близина на вашите државни институции – наши се. Тие не се таму за да прават дополнителен метеж во и така густиот белградски сообраќај, ниту сакаат да ви кажат дека Синиша ви е Мали, а наш Коце е ко Александар Велики, ниту сакаме да ја сликаме вашата нова фонтана на Славија, па да ја исмеваме на социјалните мрежи поради скромните димензии во споредба со некои наши фонтани, не, ништо од тоа, тие комбиња се таму од најпрозаични побуди – ние просто ве прислушуваме. Не баш сите шест милиони, ама едно сто-двесте души од власта на дневна основа.
Од она што досега сме го слушнале, сакам со српскиот народ да го споделам сознанието дека ние навистина сме браќа. Односно, само ние и вие на овој свет имаме една чудна особина, најизразена на денот на избори, имено, да гласаме во огромен број за најголемите будали. Само два блиски народа можат повеќекратно да изгласаат луѓе како Груевски и Вучиќ. Не знам како и нам и вам ни влегла оваа особина во ДНК, веројатно долгата заедничка историја си го сторила своето и нѐ направила уште поблиски, иако и „Звезда“ и „Партизан“ и лесковачкиот роштиљ и турбофолкот си одиграа своја важна улога во зближувањето на двата народа.
Нас тие пропусти скапо нѐ чинеа, односно ја изгубивме патриотската власт по само единаесет години владеење, баш во моментите кога таа беше во полн налет и беше на чекор да ги оствари вековните соништа на македонскиот народ да биде во сѐ подобар од грчкиот, па и во галантноста на банкротирањето.
Зошто и вие како вселенски народ да ги повторите истите грешки? Зошто ние како ваши браќа да нѐ ве предупредиме дека ви се спрема пуч со помош на странски служби?
Нашите агенти се насекаде низ Србија. Вие си мислите дека ловат ѕвезди од вашата естрада за следниот прилепски Пиво фест и дека на слушалките го преслушуваат новиот албум на мегапопуларниот Саша Ковачевиќ, но се лажете. Не слушаат српска музика, туку српски политичари. Од српска музика, го слушаат само Дачиќ кога им ја пее Миљацка, онака, само за нивни уши.
Но, ете, фатени сме. Вучиќ знае дека го прислушуваме, а и нам ни даде до знаење дека знае. Сега кога знаеме дека знае, веќе не ни е интересно, па можеби е време да ги фрлиме слушалките и да се зафатиме со домашните реформи. Мислам, ова нема крај. Прво македонската власт го прислушуваше македонскиот народ, па македонскиот народ фати да ја прислушува српската власт, па српската власт утре можеби ќе го прислушува српскиот народ… Тоа е спирала на прислушување која мора да биде запрена.
Вучиќ знае дека го прислушуваме, а и нам ни даде до знаење дека знае. Сега кога знаеме дека знае, веќе не ни е интересно, па можеби е време да ги фрлиме слушалките и да се зафатиме со домашните реформи
Бев на работ да го замразам Дачиќ, но за среќа тој се заложи за нормализацијата на односите. Искрено, можеби и не мораше воопшто да има претходно ненормализација на односите, па сега да имаме потреба од нормализација, ама веројатно тоа има врска со фактот дека ненормални луѓе имаат седнато на фотелји со задача да креираат нормалност.
А баш беше врло веома затегнуто претходниве денови. Еве баш со другар Србин бевме заседнати во кафеана, јадеме од тоа роштиљот на кајмак, тегнеме шљивовици, ама некако се осеќа некаква затегнатост во односите. Јас за „Партизан“, тој за „Звезда“, судиите по обичај за нив, и веднаш некако е затегнуто. И тоа веома врло затегнуто.
И она грозно чувство дека од соседните маси некој нѐ гледа. Не сакам да бидам параноичен, ама секогаш кога седам со другари од српската мањина, имам чувство дека Верушевски е на соседната маса. Особено по неколку шљивовици.
Браќо Срби, замолете ги Вучиќ и Дачиќ да размислуваат потрезвено и ќе видите дека веднаш ќе исчезнат и сите тие македонски џејмс бондови и жолтите комбиња. Послушајте паталци. Кај нас, мала земја со едвај два милиона, дури 455.000 луѓе поверуваа дека жолтите комбиња не служат за собирање лудаци по улици, туку за нивно прислушување. И за малку ќе си ја изгубевме државата. Пратете им жолти комбиња на вашите лудаци со време за да ги згрижат во соодветни установи, зашто инаку трезнењето на народот е долго и болно. Од она што досега го видовме, пардон – чувме, доста имате загазено во калта, или што би рекле ние на српски – ишао сам, ишао сам и шлапнуо сам у кал. Немојте и ви као и ми да имате проблем са собом.
Знаеме ние и без да ве прислушуваме дека од црните вина најмногу го сакате „Т`га за југ“. Затоа што не боли глава во мамурните утра. Но, верувајте, ова што сте го увезле како модел од југ, не е црно вино, туку некоја лоша сорта црн патриотизам од која многу, многу боли глава. Мислим, како да вам кажем, тек ќе да вас боли…