1. Дуелот на деценијата, како што некои го нарекоа второто телевизиско соочување на премиерот Зоран Заев и вршителот на должноста прв опозиционер Христијан Мицковски, помина според очекувањата. На оние што немаа големи очекувања.
2. Здодевен меч, во кој фаворитот на рутина победи со минимални 1-0, и тоа вкупен резултат. Каква витешка борба, какви надмудрувања, ништо од тоа…Еден гол и потоа пимплање и мачење за публиката до крајот на мечот. Со по некој валкани старт за картон и многу кошкање. Без добри сработени акции со ефектна завршница.
Јалови напади на едната и на другата страна, без промена на резултатот. Ниту екипава што води знае како да даде втор гол, ниту екипава што губи знае како да изедначи.
И пред дуелов знаевме дека победничката екипа единствениот гол го постигна на меѓународен терен, на гости, и дома само ќе го брани водството. Како што и пред дуелов знаевме дека поразенава екипа, чека гол од грешка на противникот, ако може два автогола за целосен пресврт, без да се испотат и без да преземат никаков ризик.
Додуша, за волја на вистината, не смее да се исклучи дека ова со автоголовите еден ден може да се покаже и добра тактика. Никогаш не ја потценувај македонската страст за автоголови!
Мицкоски едноставно цврсто и тврдоглаво си опстана на својот став да нема јасен став. За ниедно битно прашање за државава.
Човекот остава впечаток дека да го ставите и на справи за мачење, нема да ви одговори јасно дали е за ЕУ и НАТО и која е точно цената што тој би ја платил за остварување на целта, нема да ви каже што ќе прави со договорот од Преспа – ќе го почитува или ќе го поништува, нема да ви ја преведе неговата осуда за насилствата од Крвавиот четврток, математички прецизно, во должина на затворски казни што според него би била соодветна, а како в.д. шеф на злосторничко здружение (вистинскиот е на службен пат) никако нема да ви се отвори дали сака СЈО да се справи со криминалот од прислушуваните разговори или сака криминалците од прислушуваните разговори да се справат со СЈО…
Да сакаше да излезе фраер, Мицко требаше да истрча на дебатата со беџ „Немам став“. Можеби немаше да го добие овој дуел, ама барем ќе ги освоеше симпатиите на публиката за некои од следните натпревари.
4. Ако синоќа сте скокнале до социјалните мрежи да видите дали навистина таму „врие“ по спектаклот Мицковски-Заев, како што пренесоа некои портали со курирска провениенција, многу бргу ќе сте сфателе дека дуелот на деценијата поминал во целосна сенка на една музичка нумера.
Новата преработка на бендот „Некст тајм“ со наслов „Нешто ќе те питам бабо“ навистина ја зовре атмосферата кај твитерџиите. Не поради музиката и изведбата, ами поради текстот, кој, иако се повикува на стара патриотска песна, остава впечаток дека е новокомпониран, работен во некој штаб на Каракачанов во Велико Трново, а потоа препеан од алкохолизирани членови на УМС на ДПМНЕ во кафеана во Перник.
И по толку востанија, преродби и историски помирувања, никако да разбереме кој вечерал кај бабата – Гоце, Даме, Тољо, дедо Кољо или Тошо Александров. Дај викнете ја веќе еднаш таа баба во „Само вистина“ да ја разбереме вистината и да расчистиме со оваа историско-идентитетска дилема.
Инаку, до затворањето на колумнава, сè уште не е соопштено дали песнава ќе биде официјална химна на кандидатката Гордана Силјановска Давкова, или двајцава од „Некст тајм“ само се обидуваат преку насловов на нумерата да извлечат некој став од кандидатката, кога веќе не може да се извлече од нејзиниот непосреден шеф.
5. Секогаш има некој што појасно ги објаснува политиките од главниот. Еве, на пример, земете ја економската политика на Владата. Заев сè уште не успеал да нè убеди со кои точно политики ќе стасаме до 500 евра просечна плата, но затоа тоа го направи скопскиот градоначалник Шилегов.
Имено, тој соопшти дека Градот ќе исплаќа отштета за каснување од улично куче, и тоа во висина до 3.000 евра (зависи од тоа колку грама месо ви откинало, веројатно).
Значи, ако сте жител на Скопје, сè што треба да направите за да си обезбедите просечна плата од 500 евра месечно, е да ве каснува куче на секои шест месеци. Сега веќе не може да се жалите дека е до власта, дека таа не ви обезбедила работа, услови за работа и за заработка или нешто слично. Сега е до вас.
Како најбрзо до каснување од куче? Не знам, не сум експерт, ама пробајте разни методи, мачкајте ги нозете со сланина пред да излезете, трчајте среде глутница, божем случајно згазнете куче за опашката… Бидете креативни, искористете ја оваа суперповолна шанса.
Всушност, и не треба да правите богзнае што. Разјарени улични кучиња имате на секој чекор, сè што ви треба да направите за да ве каснат е само мала провокација, а некогаш дури ниту тоа.
6. Во изборот на кучето што ќе ви донесе џек-пот од 3.000 евра можеби треба да се водите од онаа народната – куче што лае, не каса. Иако, да бидеме искрени, таа не се покажа баш вистинита во случајот со Ѓорге Иванов.
На пример, ако верувавте дека тоа што десет години молчеше, значи дека на крајот од мандатот ќе загризе нешто похрабро, сте се излажале. Почна како безгласно партиско војниче, така и ги тера последните месец дена од мандатот.
Не е тешко да се претпостави дека и доживотните пензионерски денови ќе ги мине во ист стил. Му дадат ли да води некој партиски институт за демократија, на коњ е.
7. Во меѓувреме, еден месец ќе одморите од мене. Не, не ме касна куче. Наместо чопор улични кучиња, ме навјасаа сценаристички проекти на кои сум се нафатил. Станува збор за неколку македонски сценарија што мора да ги завршам во април, а притоа под целосна морална и кривична одговорност изјавувам дека ниту едно од нив не е поврзано со рушење на режимот во Србија. Барем не директно.
Така што, додека јас се дружам со четвртата сезона на „Преспав“, првата на „Зоки Поки“ и со некои нови филмски проекти, вие ќе си уживате во драмата претседателски избори.
Не ве мислам ич, имаме супер екипа стенд-ап комичари на политичката сцена, кои гарантираат добра забава и по денот на шегата.
Се читаме, значи, во среда, на 1 Мај, излетнички со скара и пиво и со традиционалните масовни протести за повеќе работнички права. Добро, можеби без последново, не се стига и на излет и на протест, а и што ќе ни се работнички права, ако за сметка на нив треба да се откажеме од основното човеково право на пиво и скара, но за тоа потоа.