Изминува уште една година во која се надевавме дека ќе ни се случат промени, ама по принцип – ако може некако тие самите да се испланираат и спроведат, без ние „да им се мешаме во штипки“.
Нашите учество и напор требаше да бидат димензионирани најмногу на повторување дека вербалната посветеност кон нашите реформски заложби е толку голема, што е видлива дури и од Месечината. И дека, само што не сме засукале ракави, бидејќи, иако со брзината на желка, сепак доаѓа денот кога ќе си плукнеме во дланките и ќе се фатиме за работа.
Во изминатите 363 дена тоа не се случи. Во последните два, шансите се никакви. А по напорната година помината во тежок филибастеринг пред тотемот „реформи“, разбирливо е што сакаме последните два дена да ни поминат во заслужен одмор, забави, хуманитарни акции…
Секако, посветени сме и на нова надеж дека токму Дедо Мраз, тој вреден и секогаш реформски настроен старец, во веселата ноќ може да ни донесе полна вреќа со реформи, ќе ја истури дарежливо пред вратите на Владата или Собранието, а сите реформски парчиња, наместо со лампиони, да бидат накитени со европски знаменца. Како што им се посреќи и на измените за игрите на среќа.
Со помош на универзалното магично средство, наречено измени на Кривичниот законик, ги исчистил сите судски предмети, кои по негова, особено по политичка проценка, би можеле да загадат одредени повисоки интереси во моментот
Е сега, не е исклучено денес-утре да слушнете злобни коментари од мрачни сили, дека Дедото воопшто не планирал да помине одовде, бидејќи случајно го видел Извештајот на Европската комисија за напредокот на Македонија. Заклучил дека воопшто не сме биле умни во текот на годината, слично како и во претходните. И дека и не сме заслужиле тој да си го губи времето овде со неговите презафатени летачки ирваси, бидејќи нивните ѕвончиња бијат само за вредните луѓе. Демек, до толку не сме работеле, што не чадел дури ни оџакот на нашата куќа/држава.
Нашата гордост и фактите, сепак, биле одбранети. Наводно, од пријателски земји добил сугестија – дека тоа со оџакот воопшто не е точно! Напротив – ако некаде чадат најголем голем број оџаци, тоа е токму во Македонија. И дека за тоа има веродостојни докази од светските мерни центри, а, ако не им верува ним, може и со голо око да ги види резултатите од забревтаните оџаци.
„Има нечистотија и загадување? Па, ним не им требам јас, ним им треба Мистер Пропер, тој славен мистер клин“, наводно рекол Дедо Мраз.
Нашата гордост по вторпат била одбранета. Пријателски земји, наводно му сугерирале дека Македонија е земја што веднаш, без одложување ги решава проблемите и дека денешната работа никогаш не ја остава за утре. Му објасниле дека лично бил ангажиран токму Мистер Пропер, само што се случила мала промена во распоредот и приоритетите.
Чекор по чекор, Мистер клин стигна да мете и пред вратите на претседателот на Врховниот суд. До каде ќе оди – не може да се претпостави
Наместо да почне со чистење на изворите на загадување, се зафатил најпрвин со чистење судски предмети. Со помош на универзалното магично средство, наречено измени на Кривичниот законик, ги исчистил сите судски предмети, кои по негова, особено по политичка проценка, би можеле да загадат одредени повисоки интереси во моментот.
Откако Мистер клин ги исчистил сите, ги фрлил во канта за смет со печат „застарено-мувлосано“ и потоа посветено продолжил да подзаметува во Судскиот совет, па во Советот на јавни обвинители, да мете кандидати за ДКСК, кандидати за КСЗД, за на крајот да подрасчисти и меѓу кандидатите за републички јавен обвинител…
Чекор по чекор, Мистер клин стигна да мете и пред вратите на претседателот на Врховниот суд. До каде ќе оди – не може да се претпостави. Бајката вели дека граница му биле само небото и политичките налози.
Па, ако на новогодишната ноќ им раскажувате бајки на вашите деца, не заборавајте дека нашиот најголем Дедо Мраз е, всушност, Мистер Пропер, кој без да инсистира на некаква помпа и слава, молчешкум и вредно ги чисти нечистотиите во нашите Авгиеви штали, по мерка на тие што го ангажирале – добрите политичари. Сѐ во интерес на граѓаните и иднината.
Среќна Нова година со стариот и добар Мистер Пропер!
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија