За компасот на државата

Колумна на Ивана Јордановска

Во постизборните анализи на првиот круг од претседателските избори, како што доликува, знаевме и повеќе од она што знаеме. Имено, знаевме дека ова е казна од гласачите за неизработеното од страна на владата на Заев, знаевме дека нема реформа на јавната администрација, знаевме дека парите не се вратени, знаевме дека поредокот во космосот не е воспоставен. Но, едно нешто заборавивме. Ниту се овие изборите за владата на Заев, ниту претседателот на РСМ е функција што може значително да придонесе во која било од овие области.

За очекување е просечниот гласач да асоцира избори со најважните теми во својот живот. Во последните 27 години демократија успеавме да развиеме барем делумно разбирање за разликата помеѓу локалните избори и парламентарните и различните прашања што треба да се решаваат од страна на различните нивоа на власт. Па, така, на локални избори зборуваме за патишта и патчиња, за комуналните услуги и туристичките и земјоделските капацитети. Иако имаме уште за учење, можеме да тврдиме дека ја совладавме лекцијава со „преодна “ оценка.

Но, хаосот околу значењето на претседателските избори изгледа ни е поголем од хаосот за логаритмите и функциите. Логаритмите се функции или функциите се логаритми? Претседателот е на чело на државата, или премиерот е на чело на државата? Претседателот ќе ја решава корупцијата или само ќе ја набљудува од челото на државата?

Претседателот е морален компас на државата. И како и секој друг компас, ја нема директната моќ да го промени правецот на бродот или брзината. Но, ја има моќта да покаже дека југоистокот не е и никогаш не може да биде север

Хаосот е нормален дел од демократското постоење, сѐ додека неговото решавање е цел на политичките елити и аналитичари. И затоа, дури и ако повеќето гласачи и гласачки на РСМ имаат гласано „за“ и „против“ владата на Заев на првиот круг од изборите, неопходно е да разјасниме во јавниот дискурс дека ова не се избори „за“ и „против“ таа влада. Или која било друга влада.

Претседателските избори го избираат врховниот командант на државата, човек кој треба да биде стабилен и разумен за да ја извршува таа улога. Исто така, претседателот е функција со бројни надворешно-политички очекувања и можности, па доследно на тоа, потребно е и некој што е доволно образован и претставителен во таа улога. Но, можеби најзначајно од сѐ, претседателот е морален компас на државата. И како и секој друг компас, ја нема директната моќ да го промени правецот на бродот или брзината. Но, ја има моќта да покаже дека југоистокот не е и никогаш не може да биде север.

Во тој поглед, како гласачка, многу повеќе ме интересира кој е моралниот и етички капацитет на кандидатите, отколку кое било друго прашање. Не мора да бидат професори за да бидат добри претседатели (идејата за професор за претседател ја воведе ДПМНЕ со Хорхе, па видовме како заврши тоа). Не мора да имаат или немаат поддршка на голема партија за да бидат добри претседатели (иако во изборниот систем на РСМ, ова останува само теоретска претпоставка). Не мора да се мажи за да бидат добри претседатели. Но, мора да знаат и веруваат дека правилните одлуки се единствените прифатливи, без разлика дали и која партија мисли поинаку.

Ако ги тргнеме на страна изјавите и ветувањата на двајцата кандидати, би можеле да ги анализираме нивните досегашни постапки и ставови. Стево Пендаровски е човек со долгогодишно политичко искуство и речиси без никакви поголеми скандали. Не мислам дека бил во ситуација каде што морал јавно да се оградува од постапките на премиерот, претседателот или лидерот на партијата со кои работел. Но, недостигот од скандали ни покажува и дека немало потреба. Можеби моралниот компас му функционира доволно добро за да не се доведе во ситуација да работи или да поддржува власт што носи морално проблематични одлуки?

Сѐ додека не се средиме внатрешно, не можеме да судиме меритократски. А, ако не судиме меритократски, ќе дозволиме потпросекот да биде напредокот. Навидум

Од друга страна, професорката Гордана Силјановска сѐ уште ги нема осудено десетиците криминални и коруптивни политики на ДПМНЕ. Но, она што е пострашно е што таа има прифатено да биде кандидатка на партија со долг покајанички пат пред себе, кој одбива да го изоди. Во една од своите јавни изјави, професорката Силјановска се обидуваше да нѐ убеди дека реформите на ДПМНЕ се гледаат во одлуката да ја номинираат токму неа, професорката што одбива јавно да ги осуди криминалите на партијата. Нешто како јајцето и кокошката, кандидатурата на професорката Силјаноска и реформскиот пат на ДПМНЕ се тесно врзани во крпче. Но, не за доброто на нашата Република.

Државниците се препознаваат во тешките моменти и можеби која било анализа во предизборниот период не може да ни укаже кој кандидат би бил вистинскиот државник во некој иден, тежок момент за Македонија. Но, наша граѓанска должност е да се обидеме да ги разликуваме и толкуваме и оценуваме досегашните постапки на тие што го бараат нашиот глас. Врз основа на она што го видов и слушнав досега од изборната кампања, не сакам компас кој одбива да покаже каде е север.

Што ме доведува до последниот заклучок за овие претседателски избори: Навистина ми е жал што првата кандидатка за претседателка на вториот круг претседателски избори е професорката Гордана Силјановска. Прво, затоа што е соучесничка во нешто што ни ја ништеше државата 11 години. Второ, затоа што е кандидатка на десничарска партија, која со години систематски ги уништуваше правата и положбата на жените во РСМ. Трето, затоа што имам 27 години, живеам во 21 век и сѐ уште не можам да гласам за кандидатка за претседателка на мојата држава.

Но, ова е наш севкупен грев како општество, како што Могерини покажа на една средба неодамна. И сѐ додека не се средиме внатрешно, не можеме да судиме меритократски. А, ако не судиме меритократски, ќе дозволиме потпросекот да биде напредокот. Навидум.