Ништо не ја вознемирува оваа социјална и политичка паланка, колку што тоа може да го направат преиспитувањата на дадените норми. Македонецот мрази да биде прашуван и да дава одговори затоа што сопственото битисување и динамиките со светот ги разбира единствено како „здраворазумен“ факт.
Се сеќавам кога еден пријател, кој работеше како анкетар, ми раскажуваше за мачните процеси на спроведување анкети насочени кон различни политички и социјални прашања. Имено, неретко Македонците во одговорите постојано се колебаат, малку им се тешки прашањата, малку им се глупави интересите на истражувачите, ама на прашањето за етничката припадност, голем дел, како од пушка, одговарале – чистокрвен Македонец, покажувајќи возбуда од прашањето и апсолутна сигурност во одговорот.
Македонецот мрази да биде прашуван и да дава одговори, затоа што сопственото битисување и динамиките со светот ги разбира единствено како „здраворазумен“ факт
Таков е просечниот човек, знае што е, ама не го интересира што значи тоа, од каде доаѓа ова знаење и кој е ефектот од него. Од политичките иницијативи „некои прашања не заслужуваат одговор“, преку забранетиот прашалник за здравјето кај адолесцентите, па сè до последниот случај на параноични реакции поврзни со работниот лист со „прашања за хетеросексуалците“ говорат за исклучително погубната илузија во која е втурнат македонскиот народ – дека знае сè и тогаш кога не знае ништо.
Кога оваа наша колективна вообразеност, заснована на апсолутно ништо, ќе ја надополниме со зла и манипулативна иницијатива за мобилизација, добивате мал квази-фашизам, кој не го дестабилизира системот, но удира по дадена непривилегирана група, чија социјална и симболична смрт не носи ништо добро, освен кратки моменти на злорадост кај фашистињата. Токму тоа беше случајот со широката мобилизација заради работниот лист „прашања за хетеросексуалци“ по предметот Животни вештини во средно образование, како и медиумската паника проширена поради „скандалозност“ на конкретниот дидактички материјал.
Единствената светла точка во оваа колективна параноја беше текстот на новинарката Мери Јордановска, кој нејзините колеги новинари треба да го разберат како професионална шлаканица и малку да се соземат од сјајот на сензационализмот и да се вратат на етичките основи на својата фела.
Дезинформациите и медиумската паника, сепак, се само еден аспект на овој социјален феномен. Случајот отвора и други, прилично тажни сознанија за нашите менталитети, кои доколку не се разберат како проблем што треба и може да се реши на долг рок, ќе нè доведат до комплетна ерозија (како народ, како колектив, па и како поединци).
Овој случај е само еден од низата примери, ама е доволно илустративен за да го објасни процесот на креирање вештачка криза, која почнува со зла манипулација, често свесно иницирана од поединци што имаат лични агенди, социјална база погодна за некритичко проголтување на спинот и институции со мизерни капацитети за раководење со сопствениот ресор.
Работниот лист по предметот Животни вештини за средно образование постои во нашето образование повеќе од една декада. Иако многумина тврдеа дека тоа е неважна информација во дискусијата, јас тврдам дека таа е исклучително важна.
Како може факт стар 11 години одеднаш да стане вест на денот? Притоа, овој факт не е криен 11 години, туку е дел од образовен процес во кој се инволвирани најголемиот дел од популацијата (како ученици, родители на учениците и наставен кадар). Па оттука, вадењето на „големата вистина“ токму во периодот на зголемена мобилизација против родовата еднаквост и ЛГБТ заедницата, дополнително во период на скриена предизборна кампања, претставува токму почетна точка на креирање вештачка криза, чија цел е секако лукративно-политичка.
Реакцијата на „згрозената“ јавност е показател на колективниот отпор кон преиспитување на нормите. Да ве распрашува некој за вашиот идентитет, особено со доза на недоверба, е искуство што нехетеросексуалците постојано го доживуваат. Кога откри дека си геј? Дали си сигурен? Што ако ја запознаеш правата девојка?, и слично. Хетеросексуалците, за разлика од нив, ја уживаат привилегијата на социјалната норма и нормалност, која не смее да биде доведена во прашање.
Не плашете се од прашања. Особено од непријатните. Во одговорите на непријатните прашања лежат животните потенцијали
Работниот лист претставува токму вежба за хетеросексуалците, кои на кратко можат да се стават во „чевлите“ на другите и да развијат емпатија преку споделено искуство, макар и на кратко. Да се биде прашуван за сопствената сексуална ориентација е единствениот начин да се раскине конечно со фантазмата дека сè што сме ние е вродено (производ на биологијата) или судбина (производ на необјаснивата и неменлива метафизика).
Геј-луѓето минуваат низ исклучително мачни периоди на одговарање на овие прашања постојано, некогаш љубезно, некогаш луто. Колку и да е неподносливо, тоа може да нè насочи кон себеоткривање, кон преиспитување на нормите, кон разобличување на илузиите за едноставните одговори, кон разбирањето на сложеноста на себе и светот, што е единствен можен пат кон прифаќање и засакување себеси.
Конечно, институциите како Бирото за развој на образованието, во овој случај ќе мора да покажат разбирање за своите иницијативи (наместо повлекување на содржините и глумење лудило) и нивна одбрана, особено во налетот на јавна манипулација и морална паника. Дури и кога тоа не носи победа на краток рок.
Немам илузија дека војската во Струмица ќе продолжи во своите агенди, дека црквата ќе се обиде да капитализира, дека печурки-организации, како таканаречениот Родителски фронт, ќе се множат низ градовите во државава. Но, тоа никако не смее да ги плаши институциите и професионалците. Напротив, тоа нека биде поттик.
Другите, не плашете се од прашања. Особено од непријатните. Во одговорите на непријатните прашања лежат животните потенцијали.
Мислењата и ставовите изнесени во колумните се на авторите и не нужно ги рефлектираат позициите и уредувачката политика на БИРН Македонија