Замрзнати во бојкотот

Премногу шумови се слушаат во деновите пред референдумот. Прегласно е и од бучавата, едноставно, ништо не може ни да се слушне. А, во суштина, не станува збор за денови, туку за повеќе од месец дена до излегувањето или бојкотирањето на одговорот на веројатно најзначајното прашање во поновата македонска историја.

Ете, на пример, можев да слушнам дека форсирањето на темата на референдумот и на договорот околу спорот за името, всушност, е маска за да се прикријат сите злоупотреби и криминали на актуелната власт. Демек, референдумот служи како некој вид параван, маркер, за да се примат партиски хигиеничарки по богатите јавни фирми, да се покрие скандалот со ненавременото прскање против комарците, да се покријат тендерите наменети за блиските од власта, да се прикријат аферите со издавање небулозни стихозбирки итн. Иако мојот впечаток е целосно спротивен. Значи, напротив, сите споменати и неспоменати теми влегуваат во фокусот на јавноста токму за да ја заматат основната тема – референдумот и што со (по) него!

Не велам дека злоупотребите на власта не се важна тема. Напротив. Ама, малку ми е чудно дека одеднаш се однесуваме како некаква граѓанска јавност, на која ѝ се решени главните егзистенцијални прашања, која е почитувана и признаена секаде во светот, па сега ќе расправаме за комарците и за хигиеничарките во МЕПСО. А не за референдумот, на пример. Како да не го заслужува нашето внимание.

Но, да се вратиме на темата – значи на референдумот. Еве, да кажеме дека ги разбирам мотивите на луѓето што се изјаснуваат дека ќе го бојкотираат своето право нивниот глас да биде релевантен чинител во одредувањето на иднината на земјата. Иако не ги разбирам. На пример, да кажеме дека го разбирам стравот дека со референдумот ќе исчезне придавката „македонски“, а со самото тоа и Македонецот, како таков. Или дека ќе го изгубиме идентитетот. Или дека НАТО е злосторничка организација. Или дека Европската Унија ќе се распадне пред да влеземе во неа. Или дека референдумот и онака ќе биде наместен. Или дека ќе станеме вазали на големите сили. Или дека прашањето на референдумот е нејасно и манипулативно. И така натаму.

А, да бидам искрен, навистина не разбирам баш најдобро. Имено, станува збор за голи флоскули што буквално ништо не значат. Форми без содржина. Нешто како цигари без никотин, кафе без кофеин, кока-кола без шеќер… Нешто као функционира, а никој не знае зошто.

Бојкотирањето и евентуалниот неуспешен референдум, дури и ако се сфати како волја на граѓаните да бидат против договорот со Грција околу спорот за името, може да значи само владеење на малцинството врз мнозинството. А тоа, ќе признаете, не е некој особен демократски принцип

Темата на референдумот не е тема ни за влез во Европската Унија или НАТО, а уште помалку е тема за губење на идентитетот. Темата е, а тоа е едноставно да се сфати, дали сакаме да живееме во држава во која криминалците ќе бидат таму каде што им е место – во затвор; во држава во која луѓето ќе бидат чесно платени за својот труд и нема да бидат современи робови; во држава која нашите деца ќе сакаат да ја менуваат на подобро, а не да ја менуваат за некоја друга земја, каде што заминуваат; во држава во која образованието ќе се почитува и унапредува; во држава во која луѓето ќе имаат слободен пристап до здравствениот систем и до неопходните лекови; во држава во која судството ќе биде независно и ефикасно…

Тоа е она што вообичаено се нарекува – европски вредности! И ако цената за овие вредности е додавање на географската одредница „Северна“, тогаш таа цена јас лично релативно лесно ја прифаќам.

Веќе слушам како некој вели дека ниту Европската Унија, ниту НАТО не се гаранција дека кога било тука ќе престојуваат европските стандарди. Точно, не се. Меѓутоа, Македонија, самата по себе е уште помала гаранција, да не кажам никаква дека кога било ќе видиме „с“ од стандардите. Македонија отприлика живееше 45-46 години во социјализам и, еве, живее 27 години во транзиција, без никаква назнака дека ќе се мрдне каде било, ако е оставена сама на себе. Освен, се разбира, подлабоко кон понорот без дно. Затоа мислам дека е веќе дегутантно да се самозалажуваме со тези за ентитети, идентитети, капитулации и слични форми, испразнети од какво било значење.

Иако и бојкотот е неприкосновено право, кое никој не смее и не го оспорува, неговото значење може да се толкува на различни начини. На пример, онака како што ќе го толкува власта – народот не се изјаснил, не го интересира ова прашање, и затоа тоа ќе го решат неговите избраници, односно оние 120 пратеници, кои, како што се чини, за патни дневници и за власт можат да решат сѐ.

Она што е најнејасно е убедувањето кај извесен број луѓе дека таканаречениот „замрзнат“ конфликт со Грција може да остане вечно замрзнат и дека на тој начин Македонија ќе остане вечна. Замрзната во сопствената бара

Во крајна инстанца, бојкотирањето и евентуалниот неуспешен референдум, дури и ако се сфати како волја на граѓаните да бидат против договорот со Грција околу спорот за името, може да значи само владеење на малцинството врз мнозинството. А тоа, ќе признаете, не е некој особен демократски принцип. Имено, никој никогаш нема да знае, ниту да докаже колку од апстинентите апстинирале затоа што не биле во состојба да се појават на избирачкото место, биле зафатени, не биле во државата, биле болни…; колку од нив воопшто не ги интересирало ова прашање – на пример, Раде Шербеџија и неговото семејство, семејството на Субрата Рој, сите оние спортисти што низ годините добија македонско државјанство, сите оние од улицата „Максим Ѓорѓија“ итн.; и, се разбира, колку од нив навистина бојкотирале како некаков став.

Сепак, основното прашање е: што е алтернативата на референдумот? Односно, што ќе се случи ако овој договор со Грција пропадне? Има многу толкувања и одговори на ова прашање и нема тука сите да ги повторуваме. Сепак, она што е најнејасно е убедувањето кај извесен број луѓе дека таканаречениот „замрзнат“ конфликт со Грција може да остане вечно замрзнат и дека на тој начин Македонија ќе остане вечна. Замрзната во сопствената бара!

Не, господо, ништо, па дури ни Волт Дизни, не останало вечно замрзнато. Дури и мразот на Арктикот се обновува. Природните закони, а богами ни општествените не го дозволуваат тоа. Ако ние не си го решиме проблемот, некој ќе дојде и ќе го реши. Како, на пример, по Балканските војни. Или по Првата светска војна. Тоа е тоа.