Регион

Косово го повлече налогот за апсење на Милан Радоичиќ

Милан Радоичиќ, потпретседател на Српска листа. Фото: Н1

Судијата, Валон Куртај, за БИРН изјави дека Основниот суд во Приштина, ја повлекол потерницата по Милан Радоичиќ.

„Специјалното обвинителство побара повлекување на наредбата, и судот, постапувајќи по тоа барање, го укина“, нагласи судијата, Валон Куртај, за БИРН.

Обвинителството одби да го коментира потегот, велејќи оти станува збор за „внатрешна работа“.

Во обвинението за убиството на Ивановиќ, поднесено во декември 2019 година, се наведува дека Радоичиќ и Звонко Веселиновиќ, исто така, познат Србин од Косово, биле водачи на криминална група одговорна за убиството, додека повеќе полицајци беа обвинети за помагање и поддршка на злосторството.

Радоичиќ, кој важи за вистински носител на моќта на северот на Косово, стана потпретседател на Српска листа, главната српска партија на Косово, која има поддршка од Белград, во јули 2018 година.

Во ноември 2018 година, специјалната единица на косовската полиција се обиде да го уапси Радоичиќ, но не го најде во неговата куќа во Митровица. Наместо него, како што беше соопштено, полицијата во куќата пронашла 75 грама кокаин.

Радоичиќ, кој побегна во Србија, ги негираше незаконските дела.

„Тие дојдоа во мојот стан, каде што живеам со жена ми и малите деца, со армија до заби вооружени луѓе, само со една цел – да ме убијат“, изјави Радоичиќ, откако полицијата изврши претрес во неговиот дом.

Официјални лица на владејачката Српска напредна партија, го бранеа Радоичиќ.

„Милан Радоичиќ не е цвеќе за мирисање, но тој на никаков начин не учествувал во ликвидацијата на Оливер Ивановиќ, лидер на граѓанската иницијатива, Слобода, демократија, правда“, рече српскиот претседател, Александар Вучиќ, на прес-конференција во јули 2019 година.

Тој изјави дека Радоичиќ дури поминал и полиграфски тест.

Оливер Ивановиќ, лидер на партијата Слобода, демократија, правда, беше убиен пред седиштето на неговата партија во Митровица, северно Косово, на 16 јануари 2018 година.

Сите осомничени, минатиот месец, се изјаснија за невини.

Недељко Спасојевиќ, Драгиша Марковиќ, Жарко Јовановиќ, Раде Басара, Марко Рошиќ и Силвана Арсовиќ, се товарат за учество или организирање на криминална група, за злоупотреба на положбата, за помагање во убиство, за поседување на нелегално оружје, откривање на службена тајна и за злоупотреба на докази.

Спасојевиќ, Марковиќ, Јовановиќ и Басара, пред да бидат уапсени, работеа како полицајци во косовската полиција. Арсовиќ е поранешна административна службеничка во партијата на Ивановиќ. Таа е обвинета дека, кога Ивановиќ бил убиен пред седиштето на партијата, ја исклучила електричната енергија, за да ги оневозможи надзорните камери.

Ивановиќ, иако претходно се сметаше за тврдокорен националист, стана умерен политичар, кој се залагаше за соживот на српското малцинство и албанското мнозинство во Косово.

Тој стана и гласен критичар на Владата во Белград.

Пред да биде убиен, нему, во обновена постапка, му се судеше по обвинение дека дал наредба за убиство на Албанци во Митровица, за време на војната на Косово во 1999 година. Тој изјави дека не е виновен.