Регион

Косовски министер се надева дека судот конечно ќе донесе правда за неговиот татко

Беснијан Мустафа. Фото: БИРН

Во емисијата на БИРН, „Животот на Косово“, во четвртокот гостуваше министерот за земјоделство, Бесијан Мустафа, кој изрази разочарување од неуспехот на косовскиот судски систем, да го расветли убиството на неговиот татко Џемајл, извршено во 2000 година.

„Во овие 20 години, судскиот систем на Косово не даде никакви одговори во врска со убиството“, изјави министерот за БИРН. „Ова се однесува на УНМИК, ЕУЛЕКС и на локалните институции“.

Во 90-тите години, Џемајл Мустафа беше истакнат активист на Демократскиот сојуз на Косово (ДСК) и близок соработник на поранешниот косовски претседател, Ибрахим Ругова.

Тој беше убиен на 23 ноември 2000 година, пред неговиот стан во Приштина. До денес никој не е обвинет за неговото убиство.

Мустафа вели дека на семејството постојано му било кажувано дека истрагата продолжува, но резултати немало. „Знаеме дека случајот од ЕУЛЕКС беше пренесен на локалните институции и оттогаш одговорот секогаш е ист: истрагата продолжува“.

Десетици истакнати активисти на ДСК беа убиени за време и веднаш по војната во Косово, што ДСК го опиша како „политичка елиминација“. Меѓу жртвите се Тахир Земај, поранешниот пратеник Смаил Хајдарај, Шабан Манај и пријателот и советник на Ругова, Џемајл Мустафа.

Во обвинението поднесено од Специјализираното обвинителство на Косово (СТК) против поранешниот косовски претседател Хашим Тачи, Кадри Весели, Реџеп Селими и Јакуп Красниќи, се наведува дека сите четворица биле дел од заеднички злосторнички потфат, со намера да се „отстранат противниците“, вклучително и луѓето поврзани со ДСК.

Иако, како што рече Мустафа, СОК не стапило во контакт со неговото семејство, тој се надева дека судот конечно ќе донесе правда за неговиот татко. „Како семејство, нашата последна надеж лежи во судот во Хаг“, изјави Мустафа за БИРН.

За министерот за земјоделство, шумарство и рурален развој, кој е исто така член на ДСК, неуспехот да се изведат убијците на неговиот татко пред лицето на правдата е одраз на поширокиот општествен неуспех да се обезбеди правда во оваа земја. „Тоа е двојна болка, да ја преживеете војната, а потоа да ве убијат во време на слобода“, истакна тој, алудирајќи на фактот дека неговиот татко бил убиен веднаш по војната.

Мустафа смета дека решавањето на овие злосторства мора да ги надмине партиските политики и дека тоа треба да го сторат општеството и државата.

„Општествен неуспех е што не можеме да ги најдеме оние што го наредија убиството“, нагласи министерот. „Кога ќе бидат убиени важни јавни личности на една земја, а околностите на убиството не се откриени, невозможно е да се зборува за слобода и правда, особено 20 години после тоа“.