Одлуката на Република Српска (РС), да формира комисија која ќе ги испитува злосторствата извршени за време на војната во Сребреница, не служи за признавање на вистината или за промовирање на помирувањето, соопштија денеска од амбасадата на САД и од ОХР.
Бошњаците изразија стравувања дека формирањето на комисијата е обид да се прекрои историјата, со цел негирање дека масакрите во Сребреница, извршени од страна на силите на босанските Срби, се геноцид.
„Меѓународниот суд на правдата и Меѓународниот кривичен трибунал за поранешна Југославија заклучија дека во Сребреница е извршен геноцид. Потребно е секој да ги почитува овие судски одлуки, смело да се соочи со минатото и да ја прифати вистината, без разлика колку е таа болна“, истакнаа од амбасадата на САД.
„ОХР потсетува дека меѓународните и националните судови, случувањата во Сребреница во јули 1995 година, ги окарактеризираа како геноцидот”, се вели во реакцијата на ОХР.
Владата на Република Српска вчера објави дека формирала комисија за „утврдување на вистината за страдањата на сите народи во и околу Сребреница, помеѓу 1992 и 1995 година”.
Комисијата ќе се фокусира на злосторствата над Србите, но и над Бошњаците, што предизвика стравувања дека се работи за обид да се минимизира тежината на масакрите во Сребреница, во кои беа убиени повеќе од 7.000 мажи и момчиња, Бошњаци.
Лидерите на босанските Срби не го прифаќаат фактот дека масакрите претставуваат геноцид, и покрај пресудите на меѓународните и на домашните судови.
Шеф на комисијата за Сребреница е Гидеон Грајф, професор по еврејска и израелска историја на Универзитетот во Тексас, работи повеќе од 30 години во меморијалниот центарот на холокаустот, Јад Вашем. Тој, исто така, е водечки истражувач во израелскиот институт за холокаустот, Шем Олам.
„Наша цел е вистината и има само една вистина, нема две вистини за Сребреница. Ќе ги вложиме сите напори да ја пронајдеме таа вистина“, изјави Грајф за Радио телевизија Република Српска, во четвртокот.
Формирањето на новите комисии е многу контроверзно и доаѓа откако Народното собрание на РС (НСРС) во август минатата година, го отфрли извештајот за масакрот во Сребреница во 1995 година, во кој се наведува дека српските сили се одговорни за извршувањето на злосторствата и ја задолжи владата на РС да направи нов извештај.
Во претходниот извештај се признава дека силите на босанските Срби, откако ја зазеле Сребреница во 1995 година, убиле илјадници Бошњаци, и оти егзекуциите претставуваат сериозно кршење на хуманитарното право.
РС, исто така, формира уште една комисија за истрага на воените злосторства во Сараево, која ќе се фокусира на страдањата на Србите во овој град.