Регион

Меѓународниот црвен крст ги притисна Србија и Косово поради исчезнатите лица

Белград и Приштина мора да вложат повеќе напори во пронаоѓање на локациите на кои има закопано жртви и да ја разјаснат судбината на повеќе од 1.600 лица, исчезнати поради војната во Косово, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК).

Филип Рудиќ, Белград

Белград и Приштина мора да вложат повеќе напори во пронаоѓање на локациите на кои има закопано жртви и да ја разјаснат судбината на повеќе од 1.600 лица, исчезнати поради војната во Косово, соопшти Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК)

Србија и Косово постигнаа многу мал напредок во решавањето на судбината на 1.658 лица, кои исчезнаа за време на војната во Косово, 1998-1999, а и самата потрага по нив, значително е забавена, соопшти МКЦК.

„Властите на двете страни треба да ги интензивираат своите напори, како што впрочем им налагаат и обврските, и да сторат сѐ што е во нивна моќ, да дојдат до сите потребни информации”, рече во среда, на тркалезната маса организирана во Женева, Кристина Берли, потпретседател на МКЦК.

Берли додаде дека меѓународната заедница мора да им пружи поголема поддршка на хуманитарните напори на владите во двете земји.

Со цел да се помогне во решавањето на судбината на исчезнати лица, во 2004 година беше формирана работна група, со која претседава МКЦК, во која учествуваат делегации од Србија и од Косово. Благодарејќи им на напорите на оваа група, досега се расветлени над 1.800 предмети.

Тркалезната маса на работната група, што се одржа во средата во Женева, беше свикана за повторно да се актуелизира прашањето за исчезнатите и да им се овозможи на претставниците од Србија и од Косово, да дискутираат за идните чекори што треба да се преземат.

„Еден од клучните проблеми е недостигот на информации за потенцијалните гробници, а добивањето на овие информации треба да биде во фокусот на делегациите од Белград и од Приштина”, вели Гордана Миленковиќ од канцеларијата на МКЦК во Белград.

Миленковиќ за БИРН нагласува дека двете делегации треба да добијат поддршка од државните институции, за да можат да располагаат и со потребните материјали и со потребните човечки ресурси.

„Судската соработка е исто така важна, за да можат, информациите за потенцијалните масовни гробници, да се користат и за пронаоѓање на исчезнатите лица, од страна на делегациите на Белград и Приштина”, додаде Миленковиќ.

И на семејствата на исчезнатите лица им е потребна помош и поддршка и владите би требало да им помогнат, и во решавање на административните и правните проблеми и кога станува збор за нивното вклучување во тековните процеси, истакна таа.

Никој од Комисијата за исчезнати лица на Владата на Република Србија не беше достапен да одговори на прашањата на БИРН.

Како што ни беше кажано преку телефон, во канцеларијата се само четворица волонтери, додека сите други „службено се отсутни”.

Немаше никој да одговори на нашите прашања ниту во седиштето на Комисијата за исчезнати лица на косовската влада.

На состанокот на работната група во Женева, Берли предупреди дека времето што минува не ја намалува болката на семејствата, и дека многу од нив „стареат и се сѐ покревки”.

„Тие имаат право да знаат што се случило со нивните сакани. Нивните страдања не смеат да се игнорираат“, изјави Барли.

Објавено и на Балканска транзициска правда