Регион

Младиќ се жалеше на одлуката на Трибуналот да не биде привремено ослободен

Одбраната на поранешниот командант на Војската на Република Српска (ВРС), Ратко Младиќ, поднесе жалба против одлуката на Хашкиот трибунал, да го одбие неговото барање за привремено ослободување, заради лекување во Русија.

Џана Брканиќ, Сараево

Ратко Младиќ во судница

Адвокатите на Младиќ, во поднесокот побараа, поранешниот командант на Главниот штаб на ВРС, да биде ослободен „под какви било услови кои Жалбениот совет ги смета за неопходни“.

Одбраната истакна дека со оваа одлука на Трибуналот, се повредени правата на нивниот клиент.

„Одбраната смета дека Судскиот совет неправилно делувал и оти донел погрешни заклучоци за фактите, кои се неправедни кон обвинетиот“, се вели во жалбата на адвокатите на Младиќ.

Тие истакнуваат дека, меѓу другото, Советот не ја образложил својата одлука со која го одбил барањето.

Одбраната на Младиќ во март побара, Судот да го ослободи поранешниот командант на ВРС заради лекување во Русија, бидејќи во спротивно „може да биде премногу доцна.“ Хашкото обвинителство, пак, во својот одговор истакна дека доколку биде ослободен, постои можност Младиќ да избега, како и дека неговата здравствена состојба е стабилна.

Младиќ, како командант на ВРС, е обвинет за геноцид во Сребреница, за прогон на муслиманите и Хрватите кој во шест општини достигнал ниво на геноцид, за тероризирање на населението во Сараево со долготрајно гранатирање и снајперски напади и за земање на припадници на УНПРОФОР како заложници.

Неговото судење започна во 2012 година, а во притвор е од мај 2011 година.

Пресуда се очекува кон крајот на оваа година.