Регион

Младите Црногорци се „слабо информирани за злосторствата во 90-тите “

Центарот на Подгорица. Фото: БИРН/Самир Кајошевиќ.

Истражувањето на јавното мислење, што го објави Центарот за демократија и човекови права, покажува дека повеќе од 60 проценти од младите Црногорци, за воените злосторства извршени во 90-тите години, не слушнале од медиумите, туку исклучиво од постарите членови на нивните семејства и пријателите.

„Во време кога постојат бројни публикации и истражувања за воените злосторства, апсурдно е младите да добиваат информации само од постарите лица. Ние мора да ја знаеме вистината за нашето воено минато, за да можеме да напредуваме како општество“, изјави, Матија Миљаниќ, од Центарот за демократија и човекови права.

Половина од испитаниците, на возраст меѓу 18 и 24 години, рекле дека чувствуваат потреба да разговараат за военото минато на својата земја.

Една третина одговориле дека воените злосторства не се соодветно казнети, додека една третина сметаат дека Владата на Црна Гора има правилен став кон минатото.

Повеќето изјавиле оти веруваат дека национализмот е клучна причина за војните во поранешна Југославија.

Како дел од Југославија, Црна Гора директно учествуваше во војните во Хрватска и во БиХ, под водство на Слободан Милошевиќ, иако на нејзина територија не се водеше војна. Аналитичарите сметаат дека некои поранешни и сегашни политичари учествувале во војната, но дека тоа сакаат ‘да го задржат под тепих’.

Од осамостојувањето на Црна Гора во 2006 година, до денес, во оваа земја се одржале само осум судења за воени злосторства извршени во Хрватска, БиХ и во Косово. При тоа биле гонети само сторители од најниско ниво, главно стражари, готвачи, возачи и воени доброволци.

Европската унија посочи дека воените злосторства треба да бидат главен приоритет на обвинителите, со цел земјата да напредува во преговорите за пристапување.

Но, сепак, Црна Гора во 2019 година не покрена ниту еден нов случај, и покрај повиците на ЕУ. Беше осуден само еден војник, додека ниту еден висок офицер не беше процесиран.

Во декември 2019, поранешниот припадник на Војската на Југославија (ВJ), Владо Змајевиќ, беше осуден на 14 години затвор, за убиство на четворица албански цивили во Косово, во 1999 година. Тоа беше првата пресуда за воени злосторства во Црна Гора, од 2016 година.