Вести

Новинарите пред Владата: Копилињата нема да стивнат!

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Протестот беше спонтано организиран од новинари и новинарски организации | Фото: БИРН

„Не им се плашиме! Ништо не ни можат!“ Со ваква порака Насер Селмани, претседателот на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) излезе пред Владата заедно со стотина новинари од речиси сите медиуми во државата и претставници на невладини организации, кои протестираа против заканите и навредите против него упатени од високиот функционер на ДУИ, Бекир Асани. На протестот спонтано организиран од новинари и новинарски организации присутните носеа пароли на кои пишуваше „Ж(мро)ивот“, „Дојде живот за пајаците“, „Долга е раката на пајакот“, „Копилињата нема да стивнат“…

Освен новинари и претставници од невладиниот сектор, на протестот се појавија и Роберт Поповски, министер без ресор задолжен за комуникации, отчетност и транспарентност, Миле Бошњаковски, портпарол на Владата како и портпаролот на Министерството за култура Петрит Сарачини.

Претседателката на ССНМ, Тамара Чаусидис, побара полициска заштита за Селмани.

„Лицето Бекир Асани има минат труд во насилни постапки, па затоа бараме полициска заштита за Насер Селмани, а воедно бараме институциите да си ја вршат својата должност, а не само да издаваат соопштенија“, рече Чаусидис.

„Владата има обврска да ги замолчи насилниците“, порача Насер Селмани пред Владата, додавајќи дека „новинарите нема да дозволат да се соочат со нов режим“.

Не им се плашам на насилниците, порача Селмани

„Не го прифаќаме објаснувањето дека во Владата има добри и лоши дечки. Не им се плашам на насилниците, на ДУИ и оние што молчат а седат во иста Влада со нив. Треба да се направи разлика, кој е со насилниците, а кој е против нив“, рече тој.

Министерот Роберт Поповски, кој е бивш новинар, се појави на протестот со изјава дека Владата има нула толеранција за притисоци врз новинарите.

На протестот се појави и Роберт Поповски, министерот без ресор задолжен за комуникации | Фото: БИРН

„Но, не е Владата единствена институција која треба да ја врши својата работа. Предметот сега е во Обвинителството, а јас ве повикувам сите, доколку се соочувате со притисоци веднаш да нè информирате“, рече Поповски и го повика Обвинителството да си ја заврши работата.  

Во конфронтацијата меѓу министерот Поповски и претседателот на ЗНМ, Селмани му порача „да си ги врзат кучињата од нивната коалиција“.  

„Пајакот“ стана кодно име за функционерот Бекир Асани откако тој предизвика инцидент одбивајќи неговото непрописно паркирано возило да го подигне пајак-службата

Високиот функционер на ДУИ Бекир Асани, минатата недела предизвика инцидент при обидот на полицијата и пајак службата да го отстрани неговото непрописно паркирано возило. Тој вербално нападна полицајка која беше на местото на настанот, а остана неизвесно дали тој и физички ја нападнал или таа самата се удрила од пајак-возилото, како што изјави пред министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски.

За случајот реагираше Селмани на својот профил на Фејсбук и напиша дека правната држава клекна пред еден силеџија, по што добил порака на Фејсбук со заканувачка содржина од братот на Асани. Случајот беше пријавен во полиција, а веднаш потоа, во интервју за „Мактел“, функционерот на ДУИ упати навредливи зборови кон претседателот на ЗНМ, нарекувајќи го „копиле“.