Регион

Њујорк: Протест за жртвите на силување во војните на Балканот

Учесниците на протестот во Њујорк. Фото: Фејсбук/@rallyforher.

Неколку десетици лица, пред српскиот конзулат во Њујорк, вчера одржаа протест под мотото, „Митинг за нејзина правда“, организиран од албанско-американска женска организација, а поддржан од Босанци и Хрвати кои живеат во САД.

Организаторите изјавија дека со протестот им упатуваат повик на српските власти „да ги казнат и да ги гонат воените злосторници, кои можеби сè уште живеат во нивната земја“.

Учесниците на протестот носеа албански, босански, косовски и американски знамиња, како и транспаренти на кои пишуваше: „Српските воени злосторства во Косово, неказнети“, „Силувањето е воено злосторство“ и „Глас за безгласните“.

Дел од пораките на транспарентите се однесуваа на Резолуцијата 1820 на Обединетите нации, во која се вели дека силувањето користено како оружје за време на војна е воено злосторство, и на Резолуцијата 2467, која ги смета државите одговорни за сите воени злосторства извршени на нивните територии.

Меѓу говорниците на протестот беа и Марк Ѓонај, албанско-американски член на градскиот совет на Њујорк и Васфије Красниќи-Гудман, која во војната во Косово преживеала силување.

Красниќи-Гудман во мај сведочеше пред Комисијата за надворешни работи на Претставничкиот дом на САД, при што истакна дека Вашингтон треба да вложи повеќе напори, во насока Србија да биде повикана на одговорност за воени злосторства.

Организаторите на протестот истакнаа дека жртвите на воено сексуално насилство „за време и по конфликтот секогаш се најмаргинализираните, доживувајќи долготрајна и трајна стигма и трпејќи физички и ментални штетни последици“.

„До денес, само неколкумина извршители на овој вид воени злосторства, се гонети или изведени пред лицето на правдата“, додадоа тие.