Регион

Обвинет за воени злосторства во Косово изјави оти не е виновен по обвиненијата

Зоран Вукотиќ, косовски Србин, кој минатата година беше екстрадиран од Црна Гора, е обвинет за воени злосторства извршени во 1999 година над цивили од албанска националност. На првото рочиште, што се одржа во понеделникот пред Основниот суд во Митровица, по обвинението се изјасни за невин.

Пишуваат: Арита Герџалиу и Дие Морина, Приштина

Зоран Вукотиќ пред Основниот суд во Митровица. Фото: БИРН

Зоран Вукотиќ, поранешен припадник на резервниот состав на Министерството за внатрешни работи на Србија во Косово, по читањето на обвинението што го поднесе Специјалното обвинителство на Косово, на судењето што започна во понеделник пред Основниот суд во Митровица, се изјасни за невин по обвинението за воени злосторства.

„Не сум виновен“, рече Вукотиќ откако обвинителот на Мисијата на ЕУ за владеење на правото во Косово, ЕУЛЕКС, Пол Флин, го прочита обвинението.

Специјалното обвинителство го товари Вукотиќ по три точки од обвинението.

Како што се наведува, во почетокот на мај 1999 година, тој учествувал во напад врз цивилното население меѓу селата Горно и Долно Студимље, кое намерно било подложено на брутални и незаконски убиства, нечовечки третман и големо страдање.

Жртвите на ова злосторство се идентификувани како Енвер Рустоли, Хамди Фазлиу, Авдула Фазлиу, Фахредин Фазлиу, Екрем Мулаку, Џавит Мулаку, Фатмир Герџалиу, Ешреф Рашица, Аднан Буњаку, Адам (без презиме), Хаки Адеми, Шаип Герџалиу, Муса Герџалиу и едно неименувано 14-годишно момче.

Во обвинението се опишува нелегалното затворање на голем број цивили во објектите на поранешната земјоделска задруга во Вучитрн, во кои, според обвинението, цивилите биле намерно изложени на нечовечки третман и повреди на нивниот физички интегритет.

Третата точка од обвинението го товари Вукотиќ дека како полициски резервист во Вучитрн, а потоа и како стражар, заедно со други лица, учествувал во незаконско притворање на голем број цивили во притворниот центар Смрековница, општина Митровица.

Во овој центар, наводно, обвинетиот изложил голем број на цивили на нехуман третман и големо страдање, мачење, претепување и повреди на нивниот физички интегритет и здравје, а применувал и мерки на заплашување и терор.

Адвокатот на Вукотиќ, Небојша Влајиќ, изјави дека одбраната ќе го искористи своето право на приговор. „Во рок од 30 дена, одбраната може да поднесе приговор на обвинителниот акт, што ние секако ќе го направиме во наредните денови“, изјави Влајиќ.

Вукотиќ беше екстрадиран од Црна Гора во Косово, во ноември 2016 година.

Објавено и на Балканска транзициска правда