Регион

ООН мора соодветно да ги компензира жртвите на труење со олово во Косово

Обединетите нации треба да ја преиспитаат својата одлука со која одбија да им исплатат отштета на Ромите од Косово, кои беа жртви на труење со олово во камповите на ООН, во кои беа сместени по војната на Косово.

Луис Шарбоно, Катарина Рал, Њујорк

Камп за Ромите во Косово. Фото: Атдхе Мула, БИРН

Обединетите нации можат да ги поткопаат сопствените напори да ги промовираат човековите права, во време кога тие се загрозени во целиот свет.

Ова е став на експертскиот панел на ООН, кој ги истражуваше тврдењата за кршење на човековите права од страна на мисијата на ООН во Косово, по војната 1998-1999 година, вклучувајќи го и труењето со олово во камповите што ги водеше оваа организација.

Во нив, повеќе од една деценија, живееја внатрешно раселени Роми, Ашкали и Египќани. Стотици од нив се разболеа, а многумина и денес имаат последици по здравјето.

Советодавниот панел за човекови права, кој спроведе истрага за труењето, минатата година ѝ препорача на ООН да им се извини на жртвите од труењето со олово и да им исплати индивидуален надоместок.

Меѓутоа, минатиот месец, одделот за односи со јавноста на генералниот секретар на ООН, Антонио Гутерес, предложи поинаков план и најави дека ООН ќе формира фонд што ќе ги олесни иницијативите во заедницата, со цел пошироко да им помогне“ на Ромите, Ашкалиите и на Египќаните”.

Со други зборови, земјите членки на ООН сами ќе решаваат дали ќе донираат во овој фонд, кој може да биде користен за активности кои не се конкретно насочени кон жртвите од труењето со олово.

Адвокатите на жртвите, организациите за правата на Ромите и застапниците на одговорноста на ООН, ја критикуваа одлуката на светската организација. Хјуман рајтс воч (ХРВ) побара од Гутерес усогласување со препораките на Советодавниот панел.

Поранешните членови на панелот, ја повикаа ООН да заземе поинаков курс. Во писмото што на 8 јуни му го испратија на Гутерес, тие посочуваат дека овој фонд не нуди отштета за повредата на правото на живот и правото на здравје.

Тие го предупредија Гутерес дека „во време на реакција против човековите права, од витално значење е да се види дека Обединетите нации го исполнуваат ветувањето од Повелбата (на ООН) и обврските кои таа ги промовира”. Доколку ООН смета дека не е одговорна, тогаш „целиот систем на човекови права е ослабен”, пишуваат тие.

Крајно време е ООН да ги компензира страдањата на стотиците семејства од Косово, кои во камповите биле изложени на токсично олово и кои ООН не ги дислоцирала се додека здравствените последици не станале видливи.

Гутерес, кој го наследи овој проблем, вети дека ќе работи на изградба на култура на одговорност. Сепак, одбивањето на ООН да преземе одговорност, ја поткопува способноста на оваа организација, да изврши притисок врз владите, да ги сменат своите постапки со кои ги кршат човековите права.

Луис Шарбоно е директор на ХРВ за ООН. Катарина Рал е истражувач во Одделението за заштита на животната средина и човековите права на ХРВ.

Мислењата изразени во овој коментар се исклучиво ставови на авторите и не ги одразуваат ставовите на БИРН.