Регион

Остра реакција на Вучиќ на изјавата на Вокер за обединување на Албанците

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Откако поранешниот шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово, Вилијам Вокер, изјави дека работи на проект за обединување на Албанците, српскиот премиер, Александар Вучиќ, го обвини дека лобира за „Голема Албанија“.

Александар Вучиќ. Фото: Бета, Саша Ѓорѓевиќ

Пишува: Филип Рудиќ БИРН Белград

Премиерот во заминување и новиот претседател на Србија, Александар Вучиќ, во вторник остро реагираше на изјавата на поранешниот шеф на мисијата на ОБСЕ во Косово, Вилијам Вокер, дека сака да го помогне обединувањето на Албанците од Косово и од Албанија.

„Целта на овој проект на кој што работам е за сите Албанци, во Косово, во дијаспората, во Албанија. Работам на заеднички проект за нивното обединување“, рече Вокер во понеделникот, на прославата што се одржа по повод 17-годишнината од формирањето на Алијансата за иднина на Косово, чиј претседател е Рамуш Харадинај.

„Сега, по независноста, време е за последниот чекор, сите да бидеме заедно, да се постигне ова достигнување“, додал, како што пишува кoha.net, Вокер.

Вучиќ одговори обвинувајќи го Вокер дека во времето кога бил шеф на мисијата на ОБСЕ, работел за албанската кауза.

„Србија, на секое место и на секое ниво, ќе го изнесува овој клучен доказ, дека целта на Вокер никогаш не била заштита на човековите права на Косово и Метохија, туку борба против Србија и создавање на ‘Голема Албанија’“, изјавил Вучиќ за руски Спутник, пренесува Б92.

„Тој порача дека има проект, дека има план за обединување на Албанија, Косово и т.н. албанска дијаспора. Значи, де факто, има план да создаде ‘Голема Албанија’“, вели Вучиќ.

На овој спор во Србија му претходеа реакции на незадоволство, кога минатиот месец, албанскиот премиер, Еди Рама, предложи обединување на Албанија и на Косово, доколку почувствуваат дека се отфрлени од Европската унија.

Американскиот амбасадор во Тирана, Доналд Лу, одговори на коментарите на Рама, велејќи дека „невнимателните“ повици за обединување, можат да „ја поткопаат стабилноста во регионот“.

За косовските Албанци, Вилијам Вокер е значајна личност, бидејќи тој беше првиот меѓународен претставник кој ја испрати пораката за масакрот во селото Рачак, извршен за време на војната во 1999 година.

Во ова место, минатата година, почна изградбата на споменикот на Вилијам Вокер.

Вокер, кој во тоа време беше шеф на верификациската мисија на ОБСЕ во Косово, рече дека жртвите биле цивили и дека нивните убиства претставуваат „злосторство против човештвото“.

Владата на Слободан Милошевиќ, пак, тврдеше дека масакрот бил наместен од страна на Ослободителната војска на Косово, со цел да го обвинат Белград.

Вучиќ го повтори ова во вторник, велејќи дека изјавите на Вокер за масакрот се „лага“, наметната за да се обезбеди спроведување на НАТО „агресијата на Република Србија“.

Објавено и на Балканска транзициска правда