Регион

Откриен идентитет на заштитен сведок, се уште без обвинение

Зградата на Судот и на Обвинителството на БиХ. Фото: Обвинителство на БиХ.

Помина цела година од отворањето истрага за јавното откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот што се води против пет поранешни полицајци, обвинети за учество во геноцидот во Сребреница, а Обвинителството на Босна и Херцеговина сѐ уште не открива во која фаза е предметот.

Истрагата беше отворена во септември 2020 година, откако неколку истакнати медиуми во РС објавија детали со кои го идентификуваа  заштитениот сведок М-16.

Порталот, „Глас Српске“, ги објави иницијалите и местото каде е роден заштитениот сведок. Неколку други медиуми, како што е Радио Телевизија Република Српска (РТРС), во првите свои извештаи, наводно го објавиле целото име на заштитениот сведок.

За време на неговото сведочење во 2017 година, сведокот изјавил дека сегашниот премиер на РС, Радован Вишковиќ, во 1996 година му понудил пари за прекопување на масовни гробници.

Пред една година, Обвинителството на БиХ соопшти дека добило пријава против одредени вработени во Судот и Обвинителството на БиХ, во врска со откривањето на идентитетот на заштитениот сведок и за неовластено отстапување на документи, и најави проверка на наводите во пријавата.

Една година подоцна, од Обвинителството нема одговор на прашањето на БИРН, во која фаза е предметот, ниту дали се направени проверки околу пријавата против одредени вработени во судските институции, во врска со откривањето на заштитениот сведок.

Правни експерти велат дека нема оправдување што случајот се одолговлекува веќе една година.

„За мене, нема оправдување, што истрагата не може да се заврши во толку долг временски период“, вели поранешниот судија и обвинител, Есад Фејзагиќ.

„Законот налага истрагата да заврши во рок од најмногу шест месеци. Ако не, обвинителот задолжен за предметот мора да му поднесе извештај на главниот обвинител, зошто истрагата не е завршена“, вели Фејзагиќ.

Тој смета дека на овој начин се испраќа порака до жртвите од војната, дека нема ништо од правдата и задоволувањето на правичноста.

Неколку дена по објавувањето на текстовите за исказот на заштитениот сведок во „Глас Српске“, Милорад Којиќ, директор на Центарот за истражување на војната, воените злосторства и потрага по исчезнати лица на Република Српска, изјави оти ќе бидат објавени имињата „на сите сведоци кои сведочеа против осудените воени злосторници, од редовите на српскиот народ“.

Којиќ тогаш рече дека Центарот бил на половина пат до објавувањето на списокот на сведоци кои, како што потенцира, дале „лажни изјави“. Досега, таков список не е објавен.

Мурат Тахировиќ, претседател на Здружението на жртви и сведоци на геноцидот, тврди дека сведоците секогаш се изложени на одредени притисоци, особено кога станува збор за заштитените сведоци „инсајдери“, кои сведочат против поранешните соборци и на кои им е потребна целосна заштита.

„Чудно е и застрашувачки што Обвинителството одлговлекува една година, иако актерите на откривањето сами излегоа во јавноста, го искористиа медиумското внимание и презентираа одредени факти, кои укажуваат дека вршеле притисок, односно, дека ќе ги откријат имињата на сведоците, кои се најдоа во позиција да се двоумат дали да се појават пред судот“, вели Тахировиќ.

Адвокатот, Рагиб Хаџиќ, вели дека на овој начин се испраќа многу јасна и едноставна порака до заштитените сведоци со содржина: „Не сведочете, ќе се дознае кои сте и што сте“.