Регион

ГЕРБ оди на претседателските избори со ректорот на Софискиот универзитет

  •  
  •  
  •  
  •  
  •  
  •  

Анастас Герџиков е ректор од 2015 година | Фото: Дневник.бг

Ректорот на Софискиот универзитет Анастас Герџиков ќе биде противкандидат на бугарскиот претседател Румен Радев на изборите што треба да се одржат на 14 ноември. Герџиков влегува во изборната трка како кандидат поддржан од ГЕРБ, доскорешната владејачка централно-десничарска партија на Бојко Борисов. Објавувањето на неговата кандидатура беше дочекано со изненадување во Бугарија.

„Прифатив независна иницијатива да ја поднесам својата кандидатура. Мислам дека можам да ѝ бидам од корист со своите квалитети и да го претставувам единството во земјата. Минатата недела дознав дека ГЕРБ е подготвен да ми даде поддршка“, изјави Герџиков за локалните медиуми и одби да одговори на дополнителни прашања.

Актуелниот претседател Румен Радев, исто така, ќе се кандидира како независен, но поддржан од Бугарската социјалистичка партија (БСП), исто како во 2016.

„Герџиков е вистинска алтернатива за Радев“, напиша членот на ГЕРБ, Тома Биков, на социјалните мрежи откако беше објавена кандидатурата. Партискиот лидер Борисов сè уште не излегол со коментар.

Анастас Герџиков е роден во 1963 година, во градот Карџали. Тој е професор по староримска литература и доктор на филолошки науки (античка и средновековна литература).

Дипломирал на Универзитетот Хумболт во Берлин, а во 1991 година почнал да предава латински на Софискиот универзитет. Подоцна почнал да предава и античка литература. Меѓу 2001 и 2003 година беше заменик-министер за образование.

Тој е ректор на Софискиот универзитет од 2015 година. Во 2017, истражување на порталот Офњуз покажало дека имало нерегуларности во трошењето на парите на Софискиот универзитет и дека Герџиков примал околу 7.889 евра повеќе од неговата вообичаена годишна плата, а таа сума не била покриена со соодветна документација. Ниту Герџиков, ниту универзитетот не го коментираа ова тврдење.

Иако е добро познат во академската заедница и во интелектуалните кругови во Софија, Герџиков не ѝ е доволно познат на пошироката бугарска јавност, што може да биде негов хендикеп.

„Ретко која почитувана личност би прифатила да биде поддржана од партија што заврши во политичка изолација и има сериозни проблеми со репутацијата“, вели политичкиот аналитичар Милен Љубенов за бугарското национално радио.

Бугарските граѓани, на 14 ноември ќе гласаат за претседател и за нов состав на парламентот.

Парламентарните избори ќе бидат трети годинава, откако два изборни циклуса завршија неуспешно, односно без јасен победник, и никој не успеа да формира влада. Во април победи ГЕРБ, но не состави владина коалиција, а истото ѝ се случи и на новата партија Има таков народ (ИТН) на изборите во јуни.

До почетокот на септември, изборите за претседател беа целосно засенети од кампањата за нови парламентарни избори. Затоа до скоро, единствениот официјално најавен кандидат беше актуелниот претседател Радев.

Но, во изминатите неколку недели, своја кандидатура најави и Костадин Костадинов од проруската крајно десничарска партија Варзаждане (Преродба), а потоа влез во трката најави и турбофолк-пејачката Луна, која засега е најневообичаениот кандидат.

Алијансата за демократска Бугарија, која освои најмногу гласови во градот Софија на изборите во април и во јули, сè уште не најавила свој кандидат.

Засега Радев е најголем фаворит во отсуство на конкуренти со сериозна репутација во политиката. Според истражувањето на агенцијата Галуп интернешнел од 19 септември, Радев има 65 проценти позитивен рејтинг.

Бугарија, во моментов ја води привремена влада назначена од Радев.

На претседателските избори во 2016 година, противкандидатка на Радев му беше Цецка Цачева од Герб, но таа ги загуби изборите.

Коментирајќи го изборот на Герџиков за кандидат на партијата на Борисов, Радев дофрли: „Претходно Борисов се криеше зад здолништето на Цачева, а сега се крие зад тогата на Герџиков“.

Светослав Тодоров