Градежни работници ја демонтираат вртелешката од кејот на Вардар во Скопје, поставена пред пет години како дел од проектот „Скопје 2014“. Откако ги отстранија реквизитите, тие ја расклопуваа и основната конструкција.
Вртелешката чинеше 162.600 евра и беше најевтиниот објект од целиот проект „Скопје 2014“, според базата на податоци на БИРН. Инвестицијата беше на јавното претпријатие „Паркови и зеленило“, а за монтирањето беше ангажирана фирмата „Технометал Вардар“.
Каруселот беше изработен во Италија и има дрвена ротирачка платформа со фигури на коњчиња, кочии и чашки, со капацитет од 32 седишта. Најавите од градските власти се дека оваа вртелешка, заедно со таа кај црквата „Света Богородица“, ќе бидат преместени на други локации. Едната ќе се монтира во паркот на авионот во Аеродром, а другата во Чаир.
Демонтирањето на проектот „Скопје 2014“ почна со споменикот на Андон Лазов Јанев – Ќосето, кој беше отстранет во февруари од пред зградата на Врховниот суд.
Градоначалникот на Скопје Петре Шилегов најави дека ќе се дислоцираат и галиите од коритото на Вардар, а проектот за панорамското тркало беше изменет и на негово место ќе се направи само пешачки мост.
Во меѓувреме се чекаат резултатите од работата на Комисијата на Министерството за култура, која ја утврдува законитоста на објектите од „Скопје 2014“.