ВМРО-ДПМНЕ неколку дена пред изборите зела кредит од три милиони евра од Комерцијална банка и за таа цел го заложила под хипотека новото седиште, палатата „Христо Татарчев“, кое се наоѓа веднаш до скопското шеталиште, улица „Македонија“.
Како што пишува во Службен весник, партијата зела рамковен риволвинг кредит, што значи дека не морала да ги подигнe сите три милиони евра одеднаш.
Освен својот дел од објектот, ВМРО-ДПМНЕ во банката заложила и подвижен имот и опрема.
Прашавме во партијата за што им требаат парите, колку години ќе го враќаат кредитот и дали под хипотека го ставиле целото седиште и од таму рекоа дека ќе одговорат во наредните неколку дена.
Зградата во период од 2013 до 2015 со свои пари ја изгради скопски „Бетон“ на Минчо Јорданов, врз земјиштето во центарот на Скопје што е сопственост на партијата и каде што се наоѓаше познатата жолта куќа.
Партнерите го поделија објектот, меѓутоа не открија колку ги чинеше изградбата на зградата што денес се простира на 11.000 квадрати.
Кога даваат кредит, банките имаат практика да бараат под залог имот со двојно поголема вредност, што значи дека банката веројатно го проценила делот од седиштето на ВМРО-ДПМНЕ на околу шест милиони евра.
Ако оваа цена ја пресликаме на целиот објект, во којшто влегува и делот на „Бетон“, грубата проценка е дека тој би чинел околу 16 милиони евра, меѓутоа вистинската цена не можеме да ја знаеме, бидејќи ниту ВМРО-ДПМНЕ, ниту, пак, нивниот партнер „Бетон“ до сега не ја откриле.
Во 2011 година, СДСМ зеде, исто така, рамковен кредит од Комерцијална банка во висина од 1,6 милиони евра и под залог го стави седиштето на партијата.
Опозициската партија тогаш се изјасни дека дел од парите ги користела за изборите, а тоа го спореше Антикорупциската комисија со објаснување дека Изборниот законик не предвидува финансирање на кампања со кредит.