Обвинителството побара од Судот на Босна и Херцеговина во Сараево, да му ја зголеми казната од 10 на 20 години затвор на Сакиб Махмуљин, кој беше осуден за неспречување на припадниците на одредот „Ел-Муџахидин“ да измачуваат и убиваат српски затвореници во областите Возуќа и Завидовиќи.
Одбраната побара да се укине пресудата и Махмуљин да биде ослободен или повторно да му се суди.
Во обвинението се наведува дека членовите на одредот „Ел-Муџахедин“, составен од исламистички борци од земјите од Блискиот Исток, убиле десетици заробени припадници на Војската на Република Српска (ВРС) во периодот од јули до септември 1995 година, при што некои од нив биле обезглавени. Според обвинението, Махмуљин не ги спречил овие злосторства.
Обвинителот, Владимир Симовиќ, рече дека со првостепената пресуда е изречена блага казна.
„Не само што беа убиени 52 војници, туку и 22 луѓе беа тешко злоставувани“, нагласи Симовиќ, додавајќи оти не бил доволно ценет фактот дека убиствата биле извршени на суров и безмилосен начин.
Меѓутоа, бранителката, Васвија Видовиќ, истакна дека повеќето од доказите на одбраната и сведочењата на експертите, не се спомнати во пресудата.
Таа додаде дека судскиот совет не објаснил зошто смета дека се ирелевантни сведоците на одбраната, кои изјавиле дека одредот „Ел-Муџахедин“ не бил дел од командниот систем на АБиХ.
Бранителката нагласи дека Судскиот совет погрешил кога утврдил оти Махмуљин имал ефективна контрола врз одредот „Ел-Муџахедин“.
Таа наведе дека пресудата содржи неточности и се повикува на нејасни флоскули, како и на „многу други сведоци“, без да наведе кои, и документи надвор од временската рамка на обвинението.
„Доказите покажуваат едно, а пресудата кажува друго… Никогаш не сум го сретнала ова во судската пракса“, рече Видовиќ.
Обраќајќи му се на судот, Махмуљин изрази жалење за она што се случило.
„Сите припадници на третиот корпус, кои ги почитуваа моите наредби, се однесуваа кон затворениците според прописите“, истакна тој.