Регион

Поранешен припадник на ВРС осуден за воени злосторства

Вишиот суд во Белград. Фото: Виш суд во Белград

Вишиот суд во Белград го осуди денеска Милан Драгишиќ, поранешен припадник на ВРС, на четири години затвор, за убиство на цивил од бошњачка националност и за обид за убиство на уште двајца, на 20 септември 1992 година, за време на војната во БиХ.

Според пресудата, Драгишиќ го убил цивилот, Асим Каваз, а потоа се обидел да го убие и неговиот син, Мохамед, и лицето Асмир Лемеш, во Босански Петровац, западна БиХ.

Драгишиќ беше ослободен од обвинението за убиство на уште две лица и за уште еден обид за убиство.

Имено, во обвинението се вели дека Драгишиќ го убил Каваз и двајца други цивили, Бошњаци, и дека се обидел да убие три лица.

Обвинителството тврди дека обвинетиот почнал да дивее кога го видел мртвото тело на својот брат Драган, кој бил убиен во битка во Бихаќ.

Тој, во јуни 2015 година, изјави дека не е виновен по обвинението.

На денешната првостепена пресуда може да се поднесе жалба.