Можноста за брза заработка од државните пари наменети за предизборна кампања и фактот дека буквално нема критериуми кои онлајн-медиуми може да добијат дел од овој рекламен колач, доведе до ситуација во која имаме 235 портали што се пријавиле во регистарот на Државната изборна комисија (ДИК).
Изборите на 12 април ќе бидат вторите на кои државата ќе ги покрива партиските реклами во медиумите. За првпат оваа пракса се воведе лани на претседателскитe избори. Законот овозможува буџетот да одвои најмногу две евра по гласач, или во пари тоа се околу 3,6 милиони евра за оваа намена.
Според едноставната маркетинг-логика и традиционално, партиите повторно ќе потрошат најголем дел од парите рекламирајќи се во телевизиите и во радијата, па и во весниците, меѓутоа правилата предвидуваат дека една партија или коалиција може да потроши и најмногу 15 илјади евра за промоција во еден портал.
Во овој изборен циклус, интересот на онлајн-медиумите е многу поголем. Бројот на пријавени за реклами годинава е за 152 поголем од лани, кога се регистрирале само 83 портали.
Во овој изборен циклус, интересот на онлајн-медиумите е многу поголем. Бројот на пријавени за реклами годинава е за 152 поголем од лани, кога се регистрирале само 83 портали
Интересно е дека ограничувањето се однесува на портал, а не на издавач, со што се отвора можноста основачите и сопствениците на повеќе онлајн-медиуми, а ги има повеќе такви, да ги зголемат своите шанси за заработувачка.
Ако во оваа равенка се додаде и политиката и идеолошката афилијација на одредени портали, новинарски тимови и уредници, ќе биде навистина интересно да се следи како партиите ќе ги дистрибуираат парите наменети за онлајн-медиумите, иако можеме уште од сега да се обложиме дека одредени медиумско-политички симбиози и тоа како ќе се реализираат.
Исто така, постојат фирми од помали градови со годишни приходи од 5 до 10 илјади евра, кои имаат регистрирано по неколку портали. Теоретски, една таква фирма може да заработи и над 60 илјади евра само од кампањата, ако некоја партија одлучи да се рекламира таму.
Со оглед на тоа што парите на партиите им се ограничени, тешко дека би потрошиле голем дел во опскурни портали наместо на местата каде што ќе бидат видени. Но, ако се има предвид очигледната блискост на некои од тие портали со политичките партии (што се гледа од содржините или од врските на сопствеништвото), не се исклучува можноста дека дел од нив ќе бидат почестени од државниот буџет.
Дополнително, законите и не предвиделе како државата да се заштити од можноста партија преку свои луѓе и фирми да отвори портал или повеќе онлајн-медиуми во очи на изборите само со една цел, за да може на тој начин да испумпува пари од буџетот.
Можност за државно спонзориран неквалитет
Претпоставката дека портали ќе добиваат пари само поради својата поддршка на одредени партии не е единствениот проблем што произлегува од новата пракса државата да плаќа изборни реклами. Вака како што е поставен системот, се овозможува буквално секаков портал, без никаква селекција околу неговата професионалност и етичност, да се пријави за државно спонзорирани реклами.
Анализата што БИРН ја направи на регистарот портали во ДИК покажува дека вкупно 92 од пријавените портали немаат јасно истакнат импресум, односно тие медиуми не откриваат кои се новинарите и уредниците што ги изработуваат вестите. Од нив, 44 се информативно-политички портали, а другите покриваат други теми или немаат јасна тематска определба.
А, таму каде што има импресум, често може да се забележи оти порталите ги водат една или две личности. Има и случаи каде што еден новинарски тим работи на повеќе роднински портали.
Вкупно 92 од пријавените портали немаат јасно истакнат импресум, односно тие медиуми не откриваат кои се новинарите и уредниците што ги изработуваат вестите
Понатаму, за 19 од пријавените нема никаква информација за тоа кои се нивните сопственици или основачи. Регистрирани се во САД, Панама или на други места од фирми што ги кријат нарачателите. Вкупно педесетина не се ни регистрирани со домејнот .mk. Некои од нив дури наликуваат на обични блогови и имаат домејни од типот на .live, .info или само .com.
Сето ова говори за нивото на порталите што се во трка по државни пари, што ја отсликува општата системска негрижа за медиумскиот квалитет во Македонија, која оди во прилог на разбирањето на новинарството како слуга на партиите.
Антикорупциската комисија е една од институциите што ќе контролира како се трошат државните пари за изборите. Нејзината претседателка Билјана Ивановска, во интервју за БИРН уште во јануари предупреди дека нема критериуми за тоа кои портали може да влезат во списокот на ДИК и таа предложи во тој регистар да влезат само сајтовите што се дел од регистарот на Советот за медиуми (СЕММ).
Во регистарот на СЕММ може да влезат портали што имаат истакнато импресум, сопствеништво, ценовници и кои се обврзале дека ќе почитуваат одредени минимум професионални и етички стандарди. И моментално во него има 101 портал, што практично значи дека повеќе од половината од пријавените во ДИК не се дел од регистарот на СЕММ.
И по промените на Изборниот законик, кои се случија во 5 до 12 пред распишувањето на изборите, во овој сегмент нема промена, што значи дека секој сајт може да се пријави во ДИК.
Портали за максимизирање на добивката од буџетски реклами
Анализата на БИРН покажа и неколку куриозитети во врска со дел од 235-те портали што очекуваат државни пари за време на предизборието.
Има неколку случаи во кои еден ист издавач пријавил повеќе верзии од еден ист портал. Така, на пример, издавачот Прва република го пријавил сајтот Република како три различни портали сосе неговите албанска и англиска верзија. Сличен е случајот и со сајтот на Телевизија 21, кој е пријавен како два портала, еден на албански и еден на македонски.
Од регистарот на ДИК се гледа дека постојат повеќе случаи, во кои еден ист издавач пријавил повеќе сајтови. Ваква појава, еден основач да пријави повеќе портали, има и со неколку „медиумски могули“ од Охрид, Крива Паланка, Делчево, Валандово и од полошкиот регион.
За да го максимизираат профитот од изборите, националните телевизии Сител, Канал 5, Телма, Алсат М и Алфа и весниците Слободен печат, Нова Македонија и Фокус го пријавиле и својот традиционален медиум, телевизија или весник, и сајтот за државно спонзорирани партиски реклами. Истото го имаат направено и поголем број локални радија и телевизии.
Во поход на поголема заработувачка, во регистарот на ДИК за партиски реклами може да се забележи и сајт на една фирма за хостинг, огласник за вработување, туристички водич и бизнис-каталог
Меѓу сајтовите што се пријавиле за предизборни реклами, најголемиот број се портали што се занимаваат со дневно информирање, во кое доминираат општествени и теми од политичкиот живот. Речиси сите се на македонски и на албански јазик, но има еден и на турски.
Покрај порталите од општ информативен карактер, има и сајтови што се специјализирани за спорт, тие впрочем се втори по бројност, но има и такви што објавуваат магазински соджини за лајфстајл, автомобилизам.
Во десетина случаи, издавачи на порталите се здруженија на граѓани. Едно еколошко здружение од Скопје се пријавило со порталот на кој објавува вести за животната средина и со уште еден портал на кој се објавуваат дневни вести, без импресум.
Во поход на поголема заработувачка, во регистарот на ДИК за партиски реклами може да се забележи и сајт на една фирма за хостинг, огласник за вработување, туристички водич и бизнис-каталог.
Три од сајтовите се регистрирани од почетокот на годинава. Два од нив се со регистрација во Панама, без познат сопственик. Три пријавени домејни во ДИК сè уште не се регистрирани, можеби го чекаат почетокот на изборната кампања. Еден е регистриран, но не работи.