Во масовна гробница во близина на босанскиот град Власеница, се пронајдени останки на шест лица, за кои се претпоставува дека се бошњачки жртви на војната, а на локалитетот Коричански карпи, се пронајдени коски од неколку други жртви.
Џана Брканиќ, Сараево
Од Институтот за исчезнати лица на Босна и Херцеговина, за БИРН изјавија дека во масовната гробница во близина на Власеница, се пронајдени останки на шест лица, за кои се претпоставува да се бошњачки жртви на војната, иако ексхумацијата сè уште не е завршена.
„Очекуваме дека е можно да најдеме поголем број на Бошњаци који биле убиени во оваа област во 1992 година“, вели портпаролката на Институтот, Лејла Ченгиќ.
Останките ќе бидат префрлени во Комеморативниот центар во Тузла, каде ќе биде извршена ДНК анализа.
Ископувањата продолжуваат и на локалитетот Коричански карпи, во централна Босна, место на кое во 1992 година полицијата на босанските Срби извршила масакр.
Од Институтот соопштија дека на овој локалитет се пронајдени нецелосни скелети од неколку луѓе. Тие биле откриени минатиот месец и ќе бидат испратени на ДНК анализа.
Во август 1992 година, на Коричански карпи, интервентниот вод на полицијата од Приедор, стрелал околу 200 мажи.
Досега, за овие убиства, се осудени 11 поранешни припадници на полицијата од Приедор.
За време на претходните ексхумации во оваа област, беа откриени останки на 117 жртви.
Инаку, во БиХ, и денес се трага по една третина од 30.000 лица кои биле пријавени за исчезнати во војната во оваа држава, која траеше од 1992 до 1995 година.
Иако од крајот на војната поминаа повеќе од 20 години, во оваа држава сѐ уште се откриваат масовни гробници.